Мислења
На вистинската страна - 11 Октомври (2)
Тодор Атанасовски
Амблемите на 11 Октомври деновиве се бришат, а најрезултатниот дел од нашата заедничка преродбеничка историја се пустоши под превезот на антикомунизмот
Нашата платформа беше: македонскиот народ не може да се здобие со национална слобода ако истовремено национално не бидат ослободени сите други националности што живеат во Македонија и го градат македонското општество. Без пребројување и национални права на грам, туку до духовниот капацитет. Тоа е вистинскиот дух на 11 октомври 1941 година и култура на Народноослободителната војна (НОВ) и Антифашистичката борба (АФБ).
Секогаш постоеле, постојат и ќе постојат разлики во читањето на историјата. Ние би биле најсреќната заедница, народ и држава кога само тоа би бил нашиот проблем. Но, не е така. Не сакам да спорам дека историјата е наука и дека глобалната човечка промисленост не еднаш утврдила дека мемоаристиката е историски извор од понизок квалитет. Меѓутоа, сеќавањето, исто така, е призната култура и културен однос, посебно ако сеќавањето се случува во поодминати години кога човекот не и' завидува на умноста на новите поколенија. Затоа си ја зедов слободата да се навратам на нашата култура. Со веќе спомнатата концепција за меѓунационалните односи, НОВ стана уште поотворена и поширока се' до нивото на сенароден фронт за борба против фашизмот. Тука пак ќе го поставам прашањето дали ние Македонците - и комунисти, и антифашисти, па и националпатриоти - навистина во тие услови водевме едновремено и борба за национално ослободување и за македонска држава и дали таа борба (како таква) ја криевме од (на пример) турскиот, албанскиот, влашкиот, ромскиот, српскиот дел на народот на Македонија, како и од нашите соборци - Турци, Албанци, Власи, Срби, Роми и други? Зарем некој ќе помисли дека Бејзат од Корешница, Асан, командант на турскиот баталјон, Али Шукри од Плачковичката турска чета, Феми Муча и Мети Крлиу, Реис Шаќири, Хамид Таќи, Лазо Стевиќ, Илин Јашка, Башка од Дисан и другите мои соборци не знаеја дека ние се бориме и за национална слобода и за сопствена држава. Прашајте го и Бајрам Гоља, борецот од НОВ и АФБ, со кого секогаш „се карам“ на пазар дали во таа борба бил заслепен и заскитан. Зарем Усеин од Вешје и капетан Деврија со кои другарувавме до гроб, а другаруваме и денеска, не беа свесни борци против фашизмот, ама и учесници во борбата за национална слобода, и за македонска, нешовинистичка национална држава.
Нема да биде злоупотреба на правото да се сеќавам, ако го кажам и тоа дека за четири години во Македонија не беше осквернавен ниту еден сакрален објект и покрај тоа што некои ововремени историчари сакаат да ја редефинираат НОВ и АФБ како граѓанска војна во која доминирале меѓуетнички антагонизми. Си земам слобода да кажам и да посведочам дека НОВ и АФБ во Македонија беше најчиста во споредба со она што се случуваше во другите амбиенти и простори околу нас и низ Југославија, и тоа не беше случајно. Тоа беше продукт на нашата мултиетничка култура и традиција, ама и на свесната и промислена стратегија. Таа етапа од историјата на народот македонски (без делба) не ќе беше толку поучна, посебно за примарниот внатрешен дел од нашите вкупни односи, ако запоставиме уште некои, не така занемарливи факти. Фашистичките анектори (и окупатори) не седеа со скрстени раце и методично работеа токму на полето на меѓунационалните односи, со цел да ги закрват и националностите, а и Македонците, па во меѓусебната борба за тие полесно да ги остварат своите мрачни цели. Зошто бугарското фашистичко царство толку здушно и дарежливо инсистираше на врховистичкото контрачетништво ако не затоа да ги втурне Македонците во меѓусебна вооружена борба. Зошто големосрпскиот врховизам беше растрчан низ Македонија да создава четнички формации во Поречието, Азот и слично ако не за тоа да го заплетка овој народ во меѓусебна крвава војна. И бализмот беше со таква цел, но и против прогресивните сили во самата албанска заедница. Ние, комунистите, мисијата на попречување на меѓусебниот (мултетнички) колапс не ќе ја остваревме, ако во тоа ја немавме безрезервната поддршка на народот без оглед на вера, нација и друга припадност. Исто како што тоа не им појде од рака на нашите ововремени шовинизми 2001 година да ја фрлат Македонија во меѓуетничка крвава пресметка. Ова се амблемите на 11 Октомври што деновиве се бришат, а најрезултатниот дел од нашата заедничка преродбеничка историја се пустоши под превезот на антикомунизмот.
Овој миг, кога треба да се потсетиме за нашето поблиско и заедничко македонско минато, го прави незаобиколно прашањето каков е нашиот, не толку историски, колку сегашен однос околу прашањето фашизам - антифашизам. Во Македонија антифашизмот свесно и брутално го идентификуваме со комунизмот. Вистина е дека „комунизмот“, не зборувам за партизмот, остана доследен на антифашистичките позиции до денеска. Но, исто така, еве, веќе две децении, нашиот антикомунизам не се ни обиде сам себе да се дефинира како антифашизам. А, ако не е антифашизам, што е?
Нашата држава Република Македонија, бидејќи е директен резултат на борбата против фашизмот, од самиот почеток е антифашистичка држава и општество. Првата одлука на АСНОМ беше дека Македонија, сега веќе како држава, ќе ја продолжи војната до конечната победа над фашизмот. Тоа го има на себе неизбришливиот печат на 11 Октомври. Впрочем, и светот и Европа по Втората светска војна се реконституираа според резултатите од борбата против фашизмот. Деновиве, нели, светот ја одбележа годината кога почна Втората светска војна, што беше и остана антифашистичка. Авторот на ова сеќавање е убеден (можеби наивно) дека низ НОВ и АФБ овој народ навистина создаде висококвалитетни претпоставки за да биде горд и уважуван на светската заедница на народите. Никогаш не ќе можам да разберам зошто една македонска влада да не најде за потребно да присуствува на одбележувањето на Денот кога почна големата антифашистичка војна.
Нека ни е честит и вековит 11 Октомври - денот кога овој народ, без оглед на вера, нација, раса, класа се нареди заедно со другите во големата светска војна и борба против фашизмот.
П.С. Под наши антикомунисти, што до денеска не се изјасниле околу прашањето за фашизмот, не ги подразбирам само таквите Македонци, туку и сите други - Албанци, Турци, Срби, Роми и да не редам натаму. Белки Албанците, Турците и другите не се откажуваат од своето антифашистичко минато. Навраќајќи се на 11 Октомври, на НОВ и АФБ, не беше можно, а да не се допре до карактерот на балканските - сега и нашите митови. Балканот и ние во него сме презрели за демитологизација, затоа што сите тие митови се продукт на нашите меѓусебни антагонизми и судири. Единствен корпус митови, ако се тоа, НОВ и АФБ 1941-1945 година, не се митови од редот на нашите домородни антагонизми. Во НОВ и АФБ нашите односи, и тоа во услови на војна, беа надбалкански и на повисоко цивилизациско ниво. Заслугата за тоа е во антифашистичкиот карактер на НОВ, а таков е карактерот и на придобивките од НОВ. Еден антикомунист, ѓоамити учен, рече дека митот на НОВ треба да се „уништи“, и се' уште надуено се смее!
(Авторот е генерал во пензија
и воен аналитичар) |