Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Втора страница На прво место Политика Македонија Економија Хроника Едиторијал Мислења Писма Свет Култура Спорт Скопје Забава Некролог Хороскоп Што прават денеска
14.10.2008, 16:23

Кич-митологии

Дворот и светот

 Венко Андоновски

Како јас, високонаучно, од субатомски физички, а богами и теолошки аспект гледам на признавањето на Косово

„Послабите им се покоруваат на посилните заради храна“ – така пишуваше Фридрих Ниче во „Волја за моќ“, демитологизирајќи го човековото суштество како не знам колку возвишено. Човековото суштество е многу едноставно и главниот двигател на сите негови механизми е храната: дури и кај највозвишениот уметник, оној кој ги создал „Одата на радоста“, „Ромео и Јулија“, или „Фрлачот на диск“ – постоеле црева низ кои течела храна. Луѓето се здружуваат, убиваат и уништуваат заради храната. Во таа перспектива честа изгледа како безвредна монета која не може да се употреби при пазарот меѓу слабиот и силниот; напротив, таа пречи, оти се' е дозволено во име на храната. Оваа болна редукција на човековото суштество на едно право црево (како кај црв), низ кој од едната страна влегува храна а од другата излегува измет, се разбира, е вулгарна како и сите други редукции, но и точна колку што се точни сите редукции, затоа што редукциите се показалци: редуцирајќи едно, тие жестоко индексираат друго.

Храната, пак, расте од земја, како што и добитокот се одгледува на земја. Според тоа, послабите им се покоруваат на посилните поради ниви, бавчи и дворови. Од тие причини, сите имаме тапии со кои докажуваме дека нивите, бавчите и дворовите се наши, како и храната од нив. И затоа, сите ги сакаме своите дворови: ги околчуваме, ги вардиме од натрапници, ги именуваме со имиња („Долна нива“, „Горна нива“, „Северна нива“). И, интересно: секогаш кога ќе застанеме на границата на својот двор, велиме – од тука натаму почнува туѓото, односно светот. Каде што завршува нашиот двор, таму започнува светот.

И државите се обични дворови.



На Балканот дворовите многу често си ги менуваат границите, односно не е можно човек да се роди и да умре во иста држава (Горан Стефановски). Од пред неколку дена, со македонско признание се стекна уште еден балкански двор – државата Косово. Македонија го призна Косово и Косово славеше и се заблагодаруваше, а Србија се налути и ни го протера амбасадорот, затоа што новиот двор е добиен од стар двор за кој Србите велат дека имаат тапија. Само еден или два дена подоцна, кога Србите веќе престанаа да им се лутат на Македонците, Македонците им се налутија на Албанците од Тетово и Гостивар, затоа што до вчера не' благословуваа за признавањето на дворот до нив, а денес не ги истакнаа државните знамиња за 11 Октомври. Со тоа, јасно ставија до знаење (по којзнае кој пат) дека дворот во кој живеат, најверојатно, им е привремено засолниште заради храна, дека тој двор е ничија земја и дека се загледани во туѓи дворови како попримамливи.

Крушата под круша паѓа и тиквата крај тиква расте во дворовите. Има и мешани, комбинирани дворови и бавчи (во кои успеваат и различни култури), но изгледа дека Светскиот земјоделец, господарот на светот, врши интензивно преуредување и ново околчување на светските, а посебно на балканските дворови, сортирајќи исто со исто, правејќи еднокултурни дворови и градини. Мултикултурализмот се' повеќе станува маска (земете го Косово, тоа е речиси еднонационално и не е мултикултурно), зад која големиот светски земјоделец ја покажува својата желба да го спои истото од разни дворови во еден двор, а различното, доколку се јави меѓу истото, да го истреби како троскот или пиреј. Мултикултурализмот е само алиби за преодната фаза кон истото: дворовите уште долго ќе се преуредуваат.



И додека трае тоа, ние, застанати секој на границата од својот двор, остануваме загледани во непознатиот и голем свет кој се протега, се шири и се извива во вид на змиски патишта пред нашите нозе. Закрвени, заглодани во балканските дворови полни со коски, клекнати на колена пред светскиот зе��јоделец, очекувајќи го со страв и трепет следниот удар на неговиот чекан врз новото колче со кое ќе се околчи некој стар двор на поинаков начин (последен пат се колчеше тука по Букурешт, минатиот век), ние и не го забележуваме тој сјаен свет и неговите успеси и постигања. Примитивни, прости, необразовани, исплашени над меѓите и колчињата на своите дворови, ненаспани од ноќни домородни стражи, претворени во црвје со едно право црево низ кое врви храната што се претвора во измет, ние не забележуваме дека ништо не е наше (дека за материјата и Космосот немаме тапија), дека и ние сме дел од светот, дека сме должни да бидеме дел од тој свет што секогаш е некаде на друго место, подалеку од нас и од нашите дворови.



А еве што се случува, за време на балканското колење и колчење, за време на ситните провокации со неистакнување македонски знамиња во македонски двор, што се случува, значи, во големиот и сјаен свет: „Двајца јапонски научници и Американец роден во Токио ја добија Нобеловата награда за физика за 2008 година за откритија на субатомски честички, соопшти вчера Комитетот... кој ги награди за нивната работа која помогна да се објасни зошто универзумот главно е составен од материја... Тие помогнаа да се сфати постоењето и однесувањето на најмалите честички познати како кваркови, а кои ги сочинуваат протоните и неутроните. Кобајаши и Маскава предложија шест вида кваркови, а сите подоцна беа откриени во физичките експерименти...“

И? Додека ние се колеме и колчиме под диктат на Најголемиот земјоделец, луѓето таму се занимаваат со субатомски честички? Во ист свет ли живееме, во ист свет ли се случува балканската кама во дворовите и ова со кварковите?! Значи ли тоа дека и дворовите, и земјата и храната се состојат од кваркови и дека Најголемиот светски земјоделец околчува кваркови за кои никој (освен Бог) нема тапија до ден-денешен?

Затоа, секогаш кога ќе застанете на границата од својот двор, и кога ќе погледнете натаму, кон светот, не заборавајте дека само фиктивно сте приграбиле дел од него, дека само ви изгледа дека стоите во сопствениот двор и дека е прелест дека тој вриеж од кваркови е - ваш. А и тие што ви се додворуваат, го прават тоа само за храна; таа пак, брзо скапува и се расипува. Она за што вреди да се живее е токму туѓиот свет. Оној кој открива субатомски честички, а почнува таму каде што завршува Вашиот двор.

(Авторот е професор на Филолошки факултет)


Статијата е прочитана 2633 пати.


Испрати коментар



Македонија без јавен сервис?



Snezan Pirejski, 15.10.2008 00:14:50
Pozdrav Generacijo !!! Vo hranata e SE ! OK!? NE . COVEKOT SE HRANI? DA. COVEKOT E HRANA NA BOGOVITE? DAAAAAAAA! Iako navidum nastrana od temata ama toa e toa. ARTUR KLARK i negovoto delo KRAJOT NA DETSTVOTO. POUBAV KRAJ ZA COVEKOT I NEMA . (koga bi mozel da bide takov NELI?) Uste eden golem pozdrav
v'k, 15.10.2008 00:59:37
POdobro bi bilo trlo otkolku dvor...zosto vo trloto ziveat ovci koi nekoj gi molze....koga zemat pasos od drugo trlo drug gi molze ama im dava poveke hrana za taa smetka, plus dvizenjeto od trlo vo trlo e polesno...naseto trlo ne go primaat vo sojuz so drugite poradi toa sto ovcarite ne go iscistile i moze da gi "zarazat" ostanatite ovci so balkanski bolesti...itn...
ane, 15.10.2008 09:30:16
Bravo profesore! Odlicno, kako i sekogas.
Џамски, 15.10.2008 17:54:22
Многу убаво напишана болна реалност.
Zivko, 15.10.2008 19:08:21
Profesore ! za kvarkovite se znaese od poodamna. Kvark e subatomska neelektrizirana elementarna cesticka ,koja e podlozna na dejstvo na silnata nuklearna sila. proton i neutronot se sostojat od po tri kvarka. spomenatite naucnici ja dobija Nobelovata nagrada poradi nivnoto eksperimentalno dokazuvanje i definiranje na sest vida kvarkovi. Inaku imeto" kvark" ima vrska so vasata vokacija. naime e zemeno od edna pesna na irskiot poet Djojs.No bez razlika na vaseto meditiranje kon beskonecnosta i iluzornosta i besmislenostana site nasi zelbi postapki za vladenje i poseduvanje, realniot zivot izbliknuva pred nas kakovodoskok i ne mozeme da go izbegneme, nezavisno kolku znaeme za kvarkovite i , kosmosot pa i kosmogonijata. eden vas kolega( mi se cini Stojceski) ubavo opisa edna slucka koga golemiot Dostoevski ja baral svojata izgubena krava zaradi mlekoto koe mu bilo potrebno. Ako ne te ja procitale Prasajte go g-din stojcevski da vi ja raskaze
14.10.2008, 19:17

Претходен број

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

    


Site Meter


Време
Скопје, -2°C

Облачно

Сабота
Претежно облачно
Макс: 1°C, Мин: -2°C

Недела
Делумно облачно
Макс: 3°C, Мин: -4°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
(ФOTO) Двегодишнина од египетската револуција
Масовните протести почнаа на 24 јануари 2011 година со кои Мубарак беше принуден да ја напушти власта...
(ИНТЕРВЈУ) Кумановските уметници го заживуваат цртежот
Историчарот на уметноста, Роберт Цветковски говореше во Кавадарци, каде што изложуваат уметници од Куманово, за црт...

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Втора страница | На прво место | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Едиторијал | Мислења | Писма | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Некролог | Хороскоп | Што прават денеска |