Црква од 6 век во тетовскиот „Стар манастир“
„Стар манастир“ се смета за еден од најстарите сакрални објекти за кого први записи се пронајдени во 1326 година
ТЕТОВО - На локалитетот Лешочко Кале започнуваат археолошки истражувања на стар манастирски комплекс од пред повеќе векови. Истрагите што ги иницираше Музејот на тетовски крај, а се реализираат преку Националниот конзерваторски центар, финансирани од Министерството за култура, се насочуваат кон објекти што во 14 век претставувале епископски центар, но истовремено црквата „Св. Атанасиј“ која се' уште опстојува, ќе се утврдува дали била градена на стар црковен објект од 6 век. Подготовките за почеток на археолошките истражувања веќе се завршени, па според најавите од Националниот конзерваторски центар наскоро ќе започнат. Годинава се планирани сондажни истражувања кои ќе траат околу еден месец. Во наредни фази кои според проектот би се одвивале од наредната година, ќе се пристапи кон конзервација. На овој комплекс забележани биле и поранешни истражувања во два-три наврати, а тогашните и сегашните наоди ќе послужат за поставување сонди до самата здравица, заради заштита и создавање услови на некогаш подигнатите објекти.
Со организираните археолошки истражувања ќе се стави крај и на беснеењето на дивите копачи од кои една група откриени минатата година, им беше судено и им беа изречени затворски казни.
Манастирскиот комплекс „Стар манастир“ се смета за еден од најстарите сакрални објекти за кого први записи се пронајдени во 1326 година. Јеромонахот Јоаникиј како единствен ктитор најнапред ја подигнал манастирската црква со пари, што ги обезбедил продавајќи го целиот имот на својот татко. Црквата била подигната на стари темели и градба од шестиот век, што е потврдено со пронаосот, на кој на десниот ѕид до неодамна биле видливи фреските. Во двориштето Јоаникиј изградил и конаци, келии и други објекти, а манастирот „Св. Атанасиј“ останал седиште на Полошката епископија како управен, духовен и културен центар на 14 век под јурисдикција на Охридската архиепископија. Создадени биле услови за живот на монаси и членови на манастирското братство, но и како место каде се школувале свештеници. Манастирскиот комплекс под разни влијанија неколку пати бил разурнуван, а најмногу последици имал во наездата на турските башибозуци во 1689 година. Први ископини биле вршени во 1927 година, кога биле откриени остатоци од разурнатата црква, три саркофази од кои еден бил на јеромонахот Јоаникиј, осамен гроб, две гробници и други објекти.
Од фрескоживописот очигледни биле делови на свети маченици, свети војници како и фреската насловена како „Угостувањето на праведниот Аврам“, но и делумни истраги биле вршени во 1981 година.Меѓутоа, очигледно е дека целиот простор бил оставен и запуштен, објектите оштетувани и од луѓе, но и од забот на времето, а свое влијание извршиле и дивите копачи кои во потрага по закопаното благо, нанеле огромни штети на просторот. (Г.Е.) |