10.07.2011, 14:34 Мобилна контрола против активните шверцери
„Утрински весник“ во акција со новоформираната Мобилна полициска гранична единица
Горан Адамовски
Табановце - „Добар ден, Ве молам документите. Каде патувате?“, ја започнуваат полицајците од Мобилната гранична единица редовната контрола на возилата и на патниците на граничниот премин Табановце. Пред четворицата полицајци се пријави „голф“ со кумановска регистрација. Двајцата кумановци што беа во возилото рекоа дека патуваат за Хрватска. Откако им беа прегледани пасошите и зелениот картон за автомобилот, еден полицаец ја отвори хаубата за да го провери идентификацискиот број, односно шасијата, кажано по нашки. За тоа време, друг полицаец го отвори гепекот за да види дали има нешто сомнително. Трет нивни колега го зеде „бустерот“, односно апаратот за мерење густина. Со него се движеше по аглите на возилото, каросеријата, внатрешноста, секаде каде што може да се скријат предмети за шверцување.
„Бустерот работи така што покажува колкава е густината на делот што го мериме. Ако некаде покаже поголема бројка, тоа значи дека основниот дел е пополнет со друг предмет, значи можно е да е скриена дрога или слично“, објаснуваат полицајците.
Кумановците беа чисти, па службениците им посакаа пријатен пат. Полицајците се дел од новоформираната Мобилна единица на граничната полиција. Имаат овластувања да дејствуваат низ цела територија на Македонија. Нивни основни задачи се откривање на илегалната миграција, како и спречување на прекуграничниот криминал. Но, можат да вршат проверка на лица, превозни средства, па дури и на објекти во внатрешноста на земјава, кои се значајни за прекуграничниот промет. „Утрински весник“ излезе на терен со дел од својата екипа за да види што работат и со какви проблеми се соочуваат секојдневно.
„Нашата Единица е се' уште во развој, но во овие неколку месеци покажавме завидни резултати, особено во делот со барателите на азил, на кои поради неисполнување на условите, не им дозволуваме да ја напуштат земјава“, вели началникот Зоран Димовски.
Најголем дел од мобилните гранични полицајци порано работеле во Пограничната полиција. Тие најпрво минуваат низ Центарот за обука на МВР во Идризово. Секој од нив е експерт за посебно поле. Така, на пример, еден работи на проверка на автомобилите, друг на откривање шверц со дрога, трет на фалсификувани документи...
„Кај автомобилите најчестата измама е што се менува бројот на шасијата. Доволно е само еден број да биде сменет и кога ќе провериме на компјутер, нема да се види дека станува збор за украдено возило“, објаснува еден од полицајците. Тој се обучил во Германија, па за овие три месеци успеал да открие осум возила со сменет идентификациски број. На шега ни раскажува дека се' уште бил на тренинг, на Табановце минало сомнително БМВ со кумановска регистрација. Бил сам, немал помош од надлежните, па се одлучил да го пропушти возилото бидејќи сопственикот редовно минувал низ тој премин. Така било и овој пат. По неколку дена, кумановецот повторно дошол, но овој пат полицајците му го заплениле возилото бидејќи бил сменет бројот на шасијата.
„Е, како пред некој ден се' беше добро, а сега ме откривте“?, се чудел човекот. Полицајците велат дека луѓето некогаш и не знаат дека купиле автомобил со сменет број на шасијата.
Една од најчестите измами со кои се соочуваат е фалсификуваниот зелен картон, кој е прилично скап, па граѓаните се одлучуваат на ризик.
„Имаме откриени над 860 лажни зелени картони. На возачите им следува кривична пријава за фалсификувана исправа“, објаснува Димовски.
Мобилната единица постојано го менува местото на патролирање. Нивна задача е да вним��ваат што се случува на границите на земјава. Штом се појават, се менува и расположението кај евентуалните шверцери.
„Се случува кога ќе не' видат, да се повлечат наназад, да чекаат да заминеме. Но, се' е работа на пракса, па според нивното однесување знаеме што може да ги мачи“, велат тие.
За време на двочасовната патрола на Табановце, не начекавме ништо сомнително во возилата што ја минуваа границата.
„Тоа е нормално, не можеме да знаеме кога ќе откриеме криминал. Дај боже воопшто да немаме работа, односно се' да биде легално“, не' испраќаат „домаќините“. Ние патуваме за Скопје, а тие кон Деве Баир. Таква наредба добија. |