Куманово повторно е во ѓубре до колена

КУМАНОВО - Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски-Циц, веќе третпат оваа година излезе да објасни зошто градот веќе петнаесет дена се задушува во ѓубре. „Министерството за финансии продолжува со старата практика да ја блокира сметката на Јавното претпријатие ’Чистота и зеленило‘ со намера да го парализира функционирањето, така што вработените нема да земаат плата и ќе стапат во штрајк. Оваа проверена формула добро функционира, бидејќи чистачите немаат земено плата два месеца и веќе никој не може да ги натера луѓето да работат без пари“, изјави неодамна градоначалникот Дамјановски и повторно го протежира ставот дека станува збор за политичка игра на ресорните министерства на актуелната Влада само спрема Куманово, со цел да се предизвика незадоволство кај граѓаните против локалната власт на СДСМ.
Првиот човек на Куманово и бара од Владата да има ист аршин спрема сите општини во државава. Притоа, Дамјановски ги посочува примерите на ненамирени долгови кон УЈП и од страна на јавните претпријатија за комунална хигиена во Тетово, Скопје или Битола, чии сметки никогаш не се блокирани.
Во меѓувреме, веќе петнаесет дена контејнерите низ целиот град веќе се преполнети со ѓубре и се создаваат првите купишта смет. Ситуацијата е многу блиска до алармантна. Работниците на ЈП „Чистотата и зеленило“ (околу 200) и овој пат се категорични - без плата нема работа! (С.Б.) |