Лидерите в понеделник ќе расправаат за името
Светлана Унковска
Име со географска одредница кое ќе ја замени досегашната референца БЈРМ, а во билатералните односи другите држави да имаат право на избор кое име ќе го користат е предлогот на СДСМ за решавање на спорот со името и решението од ВМРО-ДПМНЕ за двојна формула се двата предлога за кои ќе се расправа на новата лидерска средба за спорот со името в понеделник. Покрај лидерите на четирите политички партии, покани од премиерот Никола Груевски добија и претседателот на државата, Бранко Црвенковски, министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, и преговарачот за името, Никола Димитров.
Оваа средба премиерот Никола Груевски ја закажа вчера откако претходниот ден лидерската четворка не успеа да се усогласи за тоа дали е потребна средба пред или по преговорите со Нимиц, кој за в среда ја закажа средбата со македонскиот и со грчкиот преговарачки тим кога се очекува да го презентира, најверојатно, финалниот предлог за решавање на спорот со името.
Претседателот Црвенковски писмено го известил премиерот Груевски дека ќе учествува на оваа лидерска средба како неопходна пред последната рунда преговори со Нимиц.
Засега е неизвесно присуството на македонскиот преговарач Никола Димитров, кој в понеделник во Брисел треба да го претстави Акциониот план на Македонија за НАТО, a во вторник веќе треба да биде во Њујорк.
Опозицискиот СДСМ вчера излезе со конкретен предлог за решение на спорот со името, за кое велат дека нема да го загрози националниот идентитет, јазик, култура и национална посебност.
„Се согласуваме со решение во однос на замена на досегашната референца БЈРМ со име со географска одредница, а опфатот на употребата да биде идентичен со досегашниот на референцата“, изјави вчера претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Нашиот став е дека двојната формула е најдоброто решение за овој проблем и таа сама по себе содржи компромис“, изјави Груевски по завчерашната средба на лидерската четворка.
Но, ваквиот предлог за опозицискиот СДСМ е неприфатлив бидејќи, според нив, предлогот за двојна формула не е решение.
„Македонскиот премиер не сака да се реши проблемот со името и тој води политика на изолација на Македонија. Се затскрива зад изјавите за референдум, говори за двојна формула иако од неа се откажа уште пред самитот на НАТО во Букурешт и таа веќе не е во игра. Враќањето на двојната формула на премиерот Груевски е само евтина и штетна политичка игра која има за ��ел изолација на Македонија. Не може една страница од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, на која се повикува Груевски, да биде заеднички став на државниот врв, која всушност не е ниту став на владината коалиција“, рече Заев.
Од ДУИ велат дека нивниот став е познат, а тоа е уставното име, но дека ќе застанат зад заедничкото решение.
„На средбата ќе бидеме конструктивни, бидејќи ова прашање е чувствително за нашите сограѓани-Македонци“, рече Џеват Адеми од ДУИ.
И од ДПА нема да излезат со предлог бидејќи, според нив, најважно е да се реши проблемот кој е пречка за евроатлантските интеграции на Македонија. |