Раздор во Институтот за демократија
Се разделија членовите на Институтот за демократија, кој, почнувајќи од 1999 година, се занимава со политички анализи и со испитувања на јавното мислење. Еден од најекспонираните членови на Институтот, Владимир Божиновски, политиколог, пред околу три месеци заминал оттаму, по што го формирал Институтот за политички истражувања, кој деновиве ја спроведе анкетата за потребите на Секретаријатот за европски прашања, според која се зголемува евроскептицизмот на македонските граѓани.
Според неофицијални информации, изјавите со кои Божиновски ја фаворизирал ВМРО-ДПМНЕ наишле на неодобрување кај другите политиколози во Институтот, кои сметале дека објективно, независно и непристрасно треба да се коментираат случувањата во политичкиот живот. Но, наместо тоа, се создавала перцепција дека личните ставови на Божиновски се ставови на Институтот.
Владимир Мисев, кој сега е претседател на Институтот за демократија, вчера ни потврди дека Божиновски заминал. Мисев не сакаше да коментира многу за причините за разделбата со Божиновски. „Едноставно се разделивме. Работите не ни одеа како што треба и тргнавме во различни правци“, објасни тој. Мисев не' информираше дека Институтот ја спровел последната анкета на јавното мислење во март годинава и дека следната сондажа може да се очекува во септември.
Овој Институт, меѓу чии основачи е и актуелниот претседател Ѓорге Иванов, своевремено се поврзуваше со СДСМ, за во последниве неколку години да почне да му се припишува блискост со ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, и поради анкетите што ги спроведуваше за потребите на десничарскиот институт „Павел Шатев“. Токму тие анкети ја пополнуваа секоја поголема пауза во пласирањето други истражувања на јавното мислење и редовно потсетуваа дека власта има многу повисок рејтинг од опозицијата. Во меѓувреме, Иванов се огради од Институтот откако социјалдемократите пред изборите во 2006 му забележаа дека фингирал анкети во корист на ВМРО-ДПМНЕ. (А.М.М.)
|