Битола го бара ,,Браќа Манаки“ назад
Претседателот на Советот на фестивалот, Роберт Насков, му ја врачи специјалната награда „Камера 300“ на израелскиот продуцент Менахем Голан за особен придонес во светската кинематографија
На отворањето, градоначалникот Талески порача целата програма да се врати во градот-домаќин
Битола - „Браќата Манаки филмската камера 300 - „биоскоп“ ја донеле од светот во Битола, и еве триесеттина години таа од тука заминува во светот. Тоа е историја, култура, традиција. Тоа е концепт. Но, заминување на „Камера 300“ од Скопје кон светот, не е култура, не е концепт, не е традиција“.
Ова е пораката што битолскиот градоначалник, Владимир Талески завчера вечер, на свеченото отворање на ИФФК,,Браќа Манаки“ во Битола, ја упати до организаторот на манифестацијата, Здружението на филмските работници на Македонија, кои годинава за прв пат одлучија дел од програмата да се реализира паралелно и во Скопје. Говорот на Талески предизвика силни реакции кај публиката и долготрајни аплаузи. Градоначалникот, правејќи ретроспектива на почетоците и патот на првата камера на Балканот, што браќата Јанаки и Милтон Манаки ја донеле во Битола, на организаторите им порача, целата програма на фестивалот да ја вратат во градот домаќин.
„Денес кога Македонија се бори за влез во НАТО и ЕУ, можеме да чуеме дека се ќе прифатиме, но не она што го нарушува нашиот идентитет. Јас разбирам дека филмските форми насекаде во светот се во криза и дека професионалците наоѓаат начин да ја надминат кризата, па така и нашите организатори кои имаа максимално топла поддршка од градот и Министерството за култура, ни понудија концепт, фестивалот да биде и тука и во Скопје. Да ги охрабриме младите организатори и да им дадеме уште една шанса. Но, да ја почитуваме нашата култура и целата програма да ја вратите во Битола. Градот ви стои на располагање“, рече Талески. Тој во својот говор не го заобиколи ниту покровителот на фестивалот, претседателот Бранко Црвенковски, кому му се обрати со следните зборови: „Би сакал да замолам, заради овие ентузијасти, заради историјата, културата и традицијата, вашиот коктел на затворањето повторно да биде во Битола. Победниците да ги прогласиме од Битола“. Говорот ги изненади организаторите, но и дел од гостите.
Поранешниот југословенски режисер Вељко Булаиќ, кој имаше задача фестивалот да го прогласи за отворен, се обиде ја амортизира атмосферата во салата. „Сигурно во овие 28 години беше тешко да се зачува реномето на фестивалот, кој заживеа не само во Македонија, туку насекаде во светот. Сигурно Битола направи многу, оваа манифестација да успее и денеска да има авторитет меѓу нас филмаџиите. Веруваме дека дирекцијата на фестивалот, градот Битола, но и Скопје, ќе направат чекор напред да се сочува угледот на оваа манифестација. Сите очекуваме овој фестивал да продолжи во вистинското светло“, истакна Булаиќ.
Со испишани пароли „Си го заборавивте споменикот“, „Манаки и во Конопиште“, „Зајмувам фестивал и на други градови“, група млади го изразија својот револт кон организаторите на фестивалот и кон градските власти
И за годинешниот добитник на Специјалната награда „Камера 300“, израелскиот продуцент Менахем Голан, концептот на фестивалот да се одржува во два големи града, беше нешто ново, и како што рече, досега не видено. ,,Ова е прв пат, и за мене да сретнам фестивал кој е поделен меѓу два поголеми града. Ова не е честа практика. Се надевам дека ќе успее“, изјави тој.
Директорот на фестивалот Томи Салковски, иако не се сретна со медиумите на свеченото отворање, во интервјуата за локалните телевизии призна дека до крајот на објавувањето на програмата, на градот домаќин му ја открил намерата за новиот концепт на фестивалот, но не и дека затворањето треба да биде во Скопје. И повторно нагласи дека Битола нема можности за усовршување на оваа манифестација. „Се чудам зошто градот, само два дена пред отворањето се заинтересира за фестивалот .Навреме ја информиравме општината дека во Битола нема доволно кино сали, опрема и сместувачки капацитети за новиот концепт, но ништо не се случи. Точно е дека не им кажавме дека затворањето и прогласувањето на победниците ќе биде во Скопје, меѓутоа програмата стигна десеттина дена пред почетокот на фестивалот “, рече Салковски. Инаку, организаторот на „Браќа Манаки“ за прв пат нема простор за канцеларија на фестивалот во Центарот за култура, па екипата е сместена во фоајето на театарот.
За цело време додека траеше свеченото отворање на фестивалот, група млади битолчани кои себеси се нарекоа филмофили, со впечатливи пароли мирно протестираа пред вратите на Центарот за култура во Битола.
„Си го заборавивте споменикот“, „Манаки и во Конопиште“, „Позајмувам фестивал и на други градови“, со овие пароли сакаме да го искажеме нашиот револт кон организаторите на фестивалот, но и кон градот кој не направи ништо, оваа манифестација целосно да остане во Битола. Општината требаше порано да реагира и целата организација да биде од овде. Не е само Скопје град во Македонија. На Битола и е потребен еден ваков фестивал. Редно време е и во другите градови нешто да се случува“, изјавија тие, негирајќи дека се политички мотивирани.
Од специјалните гости на фестивалот, на црвениот тепих во Битола единствено зачекорија Вељко Булаиќ и Менахем Голан. Салата во Центарот за култура неочекувано, за разлика од другите години, имаше стотина празни места. Фестивалот беше отворен со проекција на британскиот филм „Другата Болејн сестра“. Претседателот на Советот на фестивалот Роберт Насков, му ја врачи Специјалната награда „Камера 300“ на Голан, за особен придонес во светската кинематографија.
,,Со сите добри вести, понекогаш одат и лоши, за жал. Синоќа почина Пол Њумен, една од најголемите ѕвезди на филмското платно. Сакав да ги пренесам тие вести“, им се обрати кусо Менахем Голан на присутните.
Долгогодишниот селектор на фестивалот Благоја Куновски, не сакаше да ги коментира најавите на битолскиот градоначалник Талевски, дека до година фестивалот ќе премине во рацете на општината, а селектирањето на филмовите ќе им биде понудено на нови лица. Како и тоа, дека би можел и тој да биде заменет со рускиот филмаџија Никита Михалков.„Јас би влегол со позитивна енергија во целата оваа приказна“, рече Куновски, додавајќи дека има одговорност само околу програмата, каталогот да пишува портрети за лауреатите и да донесе гости.
,,Годинава имаме 13 долгометражни документарни филмови, одлична студентска програма, краткометражна, многу придружни проекции во чест на нашите лауреати. Ова е празник за Македонија“, потенцираше Куновски.
Подвоеноста меѓу организаторите и домаќинот на фестивалот, се почуствува и на свечениот коктел, кој градоначалникот го организираше во хотелот Епинал. И покровителот на фестивалот, претседателот Црвенковски и градоначалникот ��алевски, иако беа на чекор еден до друг, беа секој во друштво на своите сопартијци. (А.Б.) |