ИНТЕРВЈУ
Преку Гостивар во високата политика
Руфи Османи верува дека ќе стане градоначалник на Гостивар
Оливера Војновска
Господине Османи, како сега, откако се смирија страстите, гледате на проблематизирањето на Вашата кандидатура?
Тоа беше едно сценарио во режија на заменик-претседателот на ДИК и на актуелниот градоначалник на Гостивар, кои сакаа да ме елиминираат од трката. Сепак, имаше коректен однос на Управниот суд кој одлуката за прифаќање на мојата тужба ја базираше на позитивните законски прописи, интерпретирајќи го словото на законот во насока на тоа да се надмине колизијата меѓу Изборниот закон и Уставот. Голем придонес за да не се направи една нова неправда поради конкретни интереси на политичари на локално и на централно ниво, мислам дека дадоа и надлежните во централната власт, меѓународниот фактор и медиумите.
Побаравте помош од претставниците на меѓународната заедница?
Да, со мојот тим пред битните странски амбасадори во земјата ги изнесовме нашите аргументи поткрепени со мислење од правни експерти. Нивните правни експерти беа на истото становиште и преку свои канали, индиректно, го дадоа своето мислење дека оваа работа треба да се расчисти во позитивна насока. Моите информации се дека позитивен однос кон ова имале и претседателот на Владата и главните претставници во централната власт од ДУИ.
По Вашата амнестија во 1999 година, се повлековте од политиката, кој е мотивот сега повторно да се вратите?
Откако излегов од затвор имав други животни и професионални приоритети. Прв приоритет ми беше да го рехабилитирам моето здравје. Требаше да завршам магистратура и да докторирам, да се етаблирам во академските кругови. Откако се случи востанието во 2001 година и се формираше ДУИ како политичка партија, јас имав понуда да им се приклучам. Но, од принципиелна гледна точка не се согласував со стандардите врз чија основа се конституираше оваа партија. Во 2006 година се случи изборното насилство во албанскиот политички блок, тоа се повтори и во 2008 година и сметав дека немаше адек��атен демократски амбиент да се вратам на политичката сцена. Мислам дека на овие избори претежно се исполнети демократските критериуми, иако се' уште има обиди на одредени локални челници да сe повторат насилствата.
Ќе бидат ли за Вас овие локални избори влог за повисок политички ангажман?
Во принцип, да. Ако мојот проект на овие избори како независна кандидатура биде успешен, постојат сите предуслови мојот тим - во кој има квалитетни интелектуалци, млади луѓе кои претходно не биле во политиката, да создаде нова политичка алтернатива која ќе конкурира на наредните парламентарни избори.
Зборувате за нова партија?
Да, тоа би била сосема нова политичка партија со нов профил на чие чело, според сите претпоставки, би требало да застанам јас.
Што значи сојузништвото со Имер Селмани?
На овие избори јас немам сојузништво со ниту една политичка партија. Нова демократија на Имер Селмани ќе има советничка листа на локалните избори во Гостивар, додека за градоначалник ќе ја поддржи мојата кандидатура. Jaс сo мојот тим ќе имам советничка листа. Сметам дека Селмани е еден од поквалитетните кадри од албанскиот политички блок кој се кандидира за претседателските избори и стојам на становиште дека треба да го поддржиме. Тоа не значи дека ние сме во коалиција, дека имаме некој пакт, туку се работи за една реципрочна поддршка во различни нивоа на власта.
Ќе придонесе ли Османи за ослободување од фолк-патриотизмот кај албанскиот политички блок и за уривање на култот на Џафери, Тачи и Ахмети?
Лично мислам дека се' уште делумно постои само култот на Ахмети и тој култ е докажан со победата на изборите од 2002 година досега. Османи ќе биде во функција на демистифицирање на таквите култови и ќе се обиде да понуди поквалитетна опција во економијата, образованието, прогресот...
Избегнувате да говорите за Вашите поранешни сопартијци, особено за двоецот Џафери-Тачи. Се чувствувате ли изиграни за познатите гостиварски настани?
Не се занимавам со нив, ниту со кој било друг политичар. Од принципиелна гледна точка јас раскинав со нив пред десет години. Сега настапувам со сосема друга идеја, визија, со нов тим и не чувствувам никаква потреба да се занимавам со нив. Едноставно, тие и нивната политичка партија се дел од моето минато, дел од мојот политички ангажман кој е дефинитивно архивиран во моето CV.
Зошто се дистанциравте од нив веднаш по амнестијата?
Додека бев во затвор барав од нив да ми овозможат да имаме нов судски и политички процес за гостиварските настани, преку кој сите реални виновници ќе ја сносат одговорноста за сето тоа што се случи. Тие ги третираа гостиварските настани како завршена епизода со која не сакаа да се занимаваат. Лично ниту сакав, ниту имав морално право тукутака да поминам преку тие настани, кои беа трагични и со тешки последици врз граѓаните на Гостивар. Тоа беше таа црвена линија преку која ние дефинитивно се раздвоивме. Тие продолжија со нивната политичка партија, јас продолжив со моите животни приоритети.
Не им ги спомнувате ниту имињата, им простивте ли?
Едноставно, не се занимавам со нив. За гостиварските настани вината ја има тогашната влада на чело со Бранко Црвенковски. Во таа влада беше и ПДП на Абдурахман Алити, додека ДПА беше во опозиција. Какви се' релации имале за гостиварските настани, тие сами треба да кажат. Од моја гледна точка сите субјекти имаат директно или индиректно влијание за тоа што се случи.
Очекувате ли поддршка од Македонците?
Секогаш сум имал коректни односи со обичните луѓе, независно дали се Албанци , Македонци, Турци, Роми... Предавам на Штуловиот универзитет и на македонски јазик, имам студенти, колеги кои позитивно ме доживуваат Моето апстинирање десет години од политиката им даде простор и на Македонците да сфатат дека „Гостивар 1997 година“ беше сценарио во кое јас бев жртва заедно со тие што ме поддржуваа. Програмата што ја нудам е економска, образовна, социјална и во неа ќе има место за сите граѓани на Гостивар. Верувам дека луѓето кои ме познаваат кога ќе ги споредат програмите и, иако не се Албанци, ќе гласаат за мене.
Како ја оценувате надворешната политика на Владата - НАТО, ЕУ, позициите во однос на името?
Последната изјава на Дора Бакојани дека Грција од есента 2007 година имала конечен став да го блокира процесот на интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО расчистува многу дилеми што сите ние сме ги имале за тоа дали македонската Влада води правилна политика или не. Овој момент мора да се има предвид за да бидеме објективни во судот. Ако постоел таков став, сите критики дека Владата на Груевски немала адекватен менаџмент да го реши ова прашање паѓаат во вода. Како што паѓаат во вода и сите аргументи на Црвенковски и на неговите приврзаници дека тие имале алтернатива како да го решат спорот со Грција.
Mислам дека одредени потези на Владата, како именување на аеродромот, на автопатот, поставувањето голем број антички споменици, заедно со спотот на Македонија кој оди на Си-Ен-Ен, не беа мудри потези. Тие беа сосема непотребни, со тоа и' се даваше аргумент на политиката на грчката влада да стои на нивното екстремно становиште дека не само што треба да се промени името туку и идентитетот.
Какви се Вашите прогнози за перспективите на Македонија?
Ако не се реши проблемот со името, сите ние ќе бидеме заложници на овој проблем. Сите проекции за економски инвестиции и за подобар живот ќе бидат неостварени соништа ако ова прашање остане отворено за подолг период.
За излез од ќор-сокакот во спорот со Грција клучна улога треба да имаат САД, имајќи предвид дека ЕУ е повеќе наклонета кон земјата-членка Грција. Според мене, постојат неколку алтернативи. Нашата држава да стане дел од НАТО и ЕУ под референцата ФИРОМ, или овие асоцијации да ги сменат правилата за прием на нови членки и едноставно да се наметне решениe прифатливо за двете страни. Конфликтите од минатото на Балканот покажуваат дека балканските народи и држави се согласуваат само кога им се наметнуваат решенија. Тоа го покажаа конфликтите во Хрватска, Босна, Косово и последниот во Македонија.
Мислам дека новиот претседател на Македонија, независно од која опција ќе биде, ќе мора многу повеќе да се грижи за репутацијата, авторитетот на земјата пред меѓународните институции. Ако претсeдателот биде од опозицијата, ќе продолжи битката меѓу претседателот и Владата, факт кој негативно ќе влијае врз позицијата на Македонија во преговорите со Грција.
А што доколку ВМРО-ДПМНЕ добие и претседател на државата?
Во таа ситуација ќе имаме монопол на власта нa една политичка партија, a тоа не е добро за развојот на демократијата, бидејќи токму најголемиот недостаток на нашето општество е недостатокот на демократска култура и нефункционалност на институциите. Но, во тој случај ние ќе имаме чиста ситуација, точно ќе се знае кому му припаѓаа одговорностa и заслугaтa за сите случувања во државата, во надворешната политика и за решавањето на проблемот со Грција. Решавањето на спорот со Грција е стратегиски интерес за сите нас, затоа треба да се здружат сите политички, интелектуални и етнички капацитети во оваа насока за да го решиме овој спор и да станеме дел од НАТО и ЕУ.
|