20.02.2011, 17:56 Железница во Кавадарци?
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ - Стопанството од Кавадарци има потреба од железнички сообраќај, бидејќи ќе се намалат транспортните трошоци на фирмите. Со изградба на дел од железничката пруга, кавадарчани ќе можат да патуваат со воз.
За оваа идеја стана збор на средбата на кавадаречкиот градоначалник, Александар Панов, и на бизнис-заедницата со директорот на „Македонски железници - Транспорт“, Оливер Деркоски. Притоа, беше договорено да се скенира теренот и да се изготви финансиска конструкција.
„Ова е се' уште идеја, а не проект во реализација. Во иднина ќе настојуваме кавадарчани да добијат железничка пруга, а фирмите поевтин транспорт. Најнапред ќе ги согледаме финансиските параметри. Потоа ќе одлучиме дали железницата ќе се гради преку јавно приватно партнерство, дали може да помогне државата, а зошто да не се искористат и европските фондови“, рече градоначалникот Панов.
Првиот човек на „Македонски железници“ ја поздрави идејата на градоначалникот. „До Кавадарци треба да се изградат 5-6 кило��етри, еден крак што би го поврзал Кавадарци со железничката инфраструктура. Во градот има стопански капацитети што имаат потреба од железница“, нагласи Деркоски.
Изградбата на еден километар пруга чини најмалку милион евра во зависност од теренот. ИГМ „Трејд“ од Кавадарци искажала подготвеност делумно финансиски да ја поддржи реализацијата на ова идеја. |