Македонските фирми можеле, а не зеле европски пари
Уште еднаш се покажа дека ретко кој во нашата држава знае да ги искористи европските пари што ни стојат на располагање. Најновата вест е дека македонските компании досега не аплицирале за Програмата за конкурентност и иновативност ЦИП, иако Македонија е меѓу првите земји од регионот, која уште во 2007 година пристапи кон неа. Тоа практично и' овозможи на бизнис-заедницата можност да ги користи средствата од оваа програма.
Извештајот за екоиновации за 2009 година покажува дека за разлика од Македонија, земјите од регионот што подоцна пристапија кон оваа програма, веќе пријавиле неколку проекти. Така, Хрватска и Словенија досега имаат пријавено 10 проекти, Србија, која пристапи минатата година, веќе има пријавено 14, а Албанија е со три проекти.
„Во 2009 година извештајот покажува дека Македонија, за жал, не пријавила ниту еден проект, што за нас е поразително, затоа што програмата е достапна повеќе од две години и станува збор за проекти што се наменети токму за компаниите, за унапредување на нивните технолошки процеси и нивната иновативност“, истакна Јадранка Аризанковска, директор на Дирекцијата за претставување на членките во Стопанската комора на Македонија.
Според неа, компаниите треба да се поттикнат, па затоа треба сите фактори активно да бидат вклучени во процесот.
Со цел да ги поттикне македонските компании да аплицираат за оваа програма, СКМ минатата година формираше Групација за менаџмент консалтинг, која треба да го олесни пристапот за добивање на овие средства.
„Улогата на консултантите е главна нишка во тоа, затоа што компаниите се подготвени да влезат во процесот на искористување на тие средства, но им е потребен мал поттик“, рече Аризанковска. (Ек.Р.) |