За Кокино ги применувам методите на археоастрономијата
Ѓоре Ценев, (Повод писмата на Јовица Станковски и на Македонското археолошко научно друштво, „Утрински весник“, 6 октомври 2009 г.)
Кокино е светско наследство, а луѓето што го изградиле, според археолозите, немале своја култура ?! Ова апсурдно тврдење на група археолози деновиве имавме можност да го прочитаме во облик на писмени реакции на мојата прес-конференција на тема откривање мрежа од 10 регионални светилишта на планинските врвови во североисточна Македонија, како и на изнесените аргументи од археоастрономски карактер за постоење народ во периодот од дваесеттиот до осумнаесеттиот век пр.н.е. со сопствена, т.н. Кокино култура. Во ова писмо им се обраќам на неколкутемина археолози што ги напишале реакциите, а не на сите археолози во Македонија. Почитувани археолози, без да знаете ништо за методологијата, за карактерот и за областа на истражувањата, Вие си земате за право да реагирате со претпоставената теза дека јас се мешам во археологијата. Тоа го сметам за типична емотивна реакција, која не се заснова на принципите на објективна научна критика. Јас во своите истражувања ги применувам научните методи на археоастрономијата. Оваа научна дисциплина, според името, не значи дека ги обединува археологијата и астрономијата, туку едноставно значи стара астрономија, а методите што ги користи, во суштина, се астрономски методи за кои и самите велите дека не сте компетентни да коментирате. Дека станува збор за посебна наука со исклучителни резултати во аргументирањето на развојот на севкупната човекова цивилизација зборува и фактот што УНЕСКО во 2004 година побара од сите земји-членки на својата територија да спроведат археоастрономски истражувања и да ги пријават сите откритија што имаат универзален карактер и сведочат за развојот на човештвото во сите историски и предисториски периоди. Во 2005 година, Центарот за светско наследство при УНЕСКО во Листата на светско наследство формира посебна тематска целина "Астрономско наследство" во која, на пример, се запишуваат локалитети кои имаат само астрономски вредности или во кои астрономските вредности преовладуваат над сите останати, вклучително и археолошките, а кои ги исполнуваат критериумите за светско наследство. Одличен пример за ова е познатиот Стоунхенџ во Велика Британија. Токму во оваа категорија Управата за заштита на културното наследство го пријави Кокино како археоастрономски локалитет, за кој, да Ве потсетам, токму јас ја направив комплетната археоастрономска анализа и ја аргументирав пред светската научна заедница. Дека добро сум си ја завршил работата зборува и рангирањето на Кокино на 4. место на листата на стари опсерватории во светот, објавена од НАСА во 2005 година.
Истата научна методологија која ја користев во истражувањата на Кокино ја употребив и во истражувањата на наведените регионални светилишта на планинските врвови. Во својата реакција, археологот Јовица Станковски вели дека сите локалитети што се наведени во мрежата "се познати и се регистрирани во археолошката карта на Република Македонија". Јас ја имам археолошката карта том бр. 2 издадена од МАНУ во 1996 година. Би сакал господинот Станковски да ми наведе на која страница се опишани наведените локалитети во мрежата под тоа име, или дека се опишани со карактеристиките и функциите на регионални светилишта на планинските врвови. Во светската научна литература се дефинирани повеќе научни критериуми според кои ваквите светилишта од ранобронзениот период можат да се идентификуваат, како и да се препознае нивната основна намена без употреба на археолошки истражувања, кои евентуално можат да се изведуваат подоцна како дополнителна аргументација. Иако немав основна намера да откривам постоење регионални светилишта на планинските врвови, се придржував кон тие критериуми во процесот на нивната идентификација и препознавање на основната намена. Да се навратам на забелешките за Кокино културата. Најпрво принципиелно сакам да кажам дека никој во светската наука не и' го дал правото на археологијата и на археолозите само тие да го аргументираат постоењето на некој народ со посебна култура, а особено не им го дал правото тие да арбитрираат дали доказите од некоја друга наука се валидни или не. Гледано од археоастрономски (а не од археолошки) аспект, а врз основа на извршените прецизни мерења, математички анализи и на извонредните документарни фотографии, со голема прецизност и сигурност можам да кажам дека народот што ја конципирал, изградил и употребувал мегалитската опсерваторија Кокино постоел на поширокиот географски простор во времето од 2025 до 1755 година пр.н.е. Покрај другото, докажавме дека тој народ бил во состојба да изработува прецизен лунарен календар со периоди од 19 години. Со едноставно палење оган на планинскиот врв, древната опсерваторија на жителите во околината им давале сигнали за започнување или завршување на земјоделските работи или за изведувањето одредени религиозни активности. Преку новодефинираната мрежа од регионални светилишта на планинските врвови, овие информации речиси истовремено се пренесувале на голем географски простор каде што очевидно живеел тој народ. Правењето компаративни анализи е вообичаена научна работа. Не знам дали знаете, но ваква мрежа од 25 регионални светилишта на планинските врвови се користела на Крит токму во времето кога постоела Кокино културата. Во последниве десетина година, во светската наука се објавени стотици книги и научни трудови со кои се докажува дека регионите на Блискиот Исток и Источниот Медитеран во периодот на раната бронза бил единствен културен простор. Ако културните влијанија од овој простор преку морето успеале да се пренесат на Крит, тогаш сосем е логично дека тие влијанија преку Дарданелите и Босфорот уште полесно биле пренесени во овој дел на Балканот. Дали само јас го тврдам ова? Ќе го наведам примерот за Пелинце, кое е во непосредна близина на Кокино, а наодите потврдуваат дека се од истото време на Кокино културата...
На крајот, почитувани археолози, ќе си дозволам да Ви дадам мал совет. Намалете ја својата суета, а зголемете ја довербата и почитта спрема останатите науки и научници. Само на тој начин ќе ја заслужите почитта на останатите кон Вас. Во меѓувреме, ќе продолжиме да ги истражуваме, аргументираме и афирмираме доказите за Кокино културата, која гледано од археоастрономски аспект, прифатен од светската наука, несомнено постоела, а ние сме должни да ја почитуваме и да се гордееме со неа. |