Електронски систем за следење документи
Владата најави воведување нов електронски систем за обработка, испраќање и следење документи во јавната администрација. Проектот би требало целосно да се имплементира до 2009 година, а неговата вредност се проценува на приближно два милиона евра. Владата одбива да открие колку средства се веќе обезбедени за овој проект, бидејќи тоа би било спротивно на правилата на тендерот кој би требало да се распише за три недели.
Како што објасни министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, електронскиот систем ќе има голем број модули што ќе овозможат лесно пребарување на документите и нивно автоматизирано архивирање во централна база, верзирање со кое ќе се регистрираат измените на документите, како и зачувување на оригиналниот документ и на сите негови надградби. Предвидено е системот да биде интегриран во министерствата, секретаријатите и дел од министерските органи.
„Со реализација на еден ваков проект ќе се намали употребата на хартија во министерствата, со што ќе се заштедат многу финансиски средства што ќе можат да се пренаменат за идни проекти. Ќе се обезбеди и полесна достапност до минати информации, со тоа што ќе се креира електронска база на податоци во која ќе бидат сместени сите документи обработени од секоја институција. Најважно е што ќе се обезбеди поголема ефикасност за услуги за граѓаните“, рече Ивановски на вчерашната прес-конференција.
Министерот посочи дека со воведувањето ваков систем бројот на вработените во јавната администрација нема да се намали. (А.П.) |