Фељтон
Драмата на Егејците (19)
Mаркос признал дека ја спасил Грција од словенизација
Виктор Цветаноски
„Протерувањата од нашите огништа беше извршено од луѓе во врвот на Комунистичката партија на Грција, која го идноктринира македонскиот народ да учествува масовно во Граѓанската војна“, тврди Сократ Пановски, дете-бегалец во Романија, кој има напишано неколку книги за бегалската драма. Тој вели дека до овие сознанија дошол откако прочитал дваесетина грчки книги на оваа тема. „Самите автори, учесници во тие случувања, го признаваат тоа. Јоану С. Колјопулу, кој бил еден од раководителите на КПГ, во книгата ’Македонското прашање во периодот на Граѓанската војна (1946-1949) Западна Македонија‘, ќе напише дека тие правеле се' за да ги вовлечат Македонците во Граѓанската војна, им ги давале сите права, дури и правото на самоопределување за што помасовно да учествуваат, а со цел протерувањето од нивните огништа да биде полесно“, вели Пановски.
Колјопулу пишувал дека тогаш КПГ вршела строга селекција на офицерскиот кадар и водела сметка на командните места да не става Македонци. Притоа, тој посочувал и конкретни примери околу прогонството на децата и како тие исти деца требало да послужат како резерва на Демократската армија на Грција. „Ние што го поминавме тој период и го почувствувавме на нашиот грб најдобро знаеме кога децата од детските домови над 14 години беа регрутирани за борци на ДАГ. Од детскиот дом во Тулгеш, во Романија, во првата група на 15 јули 1948 година беа регрутирани 123 деца. За многу кратко време сите загинаа, од нив преживеаја само тројца. Тие деца речиси немаа никаква обука, а имаа 14-15 години. Тогаш беа мобилизирани околу 1.500 деца. Toj e најилустративниот пример што го потврдува она што се' повеќе го осознаваме“, додава Пановски.
За поткрепа на своите тврдења, Пановски ја посочува и изјавата на Маркос по неговото враќање во Грција, од која, според него, може да се констатира дека децата биле протерани. Еден грчки новинар во 1984 година организрал средба на генералот Цокалатос, кој ги планирал акциите на Грчката армија и генерал Маркос, кој ги командувал единиците на ДАГ. За време на средбата, првото прашање кое Цокалатос му го упатил на Маркос било: „Вие сте тој што сакавте да ја словенизирате Грција“. А Маркос му одговорил: „Не, јас сум тој што ја спаси Грција од словенизација“. „Јасна е асоцијацијата. Таа се однесува на протерувањето на Македонците од просторите на кои живееле. Не случајно неколку десетици илјади Македонци се однесени далеку од своите домови, дури во Ташкент, за да не можат да се вратат на своите огништа“, подвлекува Пановски.
И други грчки автори што учествувале во тие борби во Граѓанската војна на која било страна признавале дека е извршено прогонство. Филипос Драгумис, инаку по потекло од Костурско, чии родители се иселиле во Атина, каде што се школувал и подоцна станал советник во грчката влада, уште во годините по Првата светска војна предлагал да не спомнува никаде македонското име, зашто, според него, Македонците ќе побарале македонска држава. Кога го прашале како тогаш да ги викаат? Рекол дека треба да ги викаат стари Бугари за да може полесно да се испратат во Бугарија, што се случи од 1921 до 1924 година кога беа разменети седумдесетина илјади Македонци. Филипос Драгумис и во 1947 година го подготвил Планот на Генералштабот на Грчката армија со силата на оружјето да се протераат или да се раселат 105.000 Македонци и 2.200 Власи. Тогаш ја дал познатата изјава: „Лесно е да се спроведе тоа - каде што ќе одат кутрињата, ќе одат и кучките“. „А асоцијацијата е јасна - каде што ќе одат децата, ќе одат и нивните родители. Што и се случи со нас“, подвелкува Пановски.
Тој вели дека не се согласува со оние што сметаат дека децата се бегалци или дека тогаш била извршена нивна евакуација, дека била хумана акција на КПГ. „Каква хумана акција? Само тие што беа присутни на разделбите меѓу децата и родителите можеа да видат дали тоа беше хумана акција. Мајките си ги кубеа косите, некои останавме без солзи цел живот, зашто тогаш ги изронавме сите солзи. Како може да се зборува за хумана акција, а да одделувш дете од мајка, и подоцна со години да не се знае кој е жив, а кој е мртов, кој каде се наоѓа“, револтирано говори Пановски.
Тој ни раскажува еден случај што говри дека, всушност, Грците не сакале да се вратат децата, иако постојано го барале тоа од Обединетите нации. Едно дете-бегалец кое со репатрацијата стасало со брод на Солунското пристаниште најпрво го прашале како се вика. Им одговарил Ѓорѓи Вражиновски. „Не може таков човек во Грција“. А од Романија тогаш со репатрацијата заминале 1.160 деца и возрасни. „Видоа Грците дека ќе имаат голем проблем, затоа што тие деца се враќаа национално осознаени и затоа смислија друг план. Откако не' протераа со силата на оружјето, се потрудија да дојдеме во Република Македонија или да заминеме по светот за да не се вратиме никогаш во своите родни места“.
Пановски нагласува дека грчката армија за да ги избрка Македонците од своите огништа ја користела истата тактика од времето на балканските војни кога деноноќно со недели бомбардирала села и градови каде што живееле, како што бил случајот со Кукуш, кој бил бомбардиран деноноќно триесетина дена, иако немало борбени дејства. А целта била јасна да се протера македонското население. Истото тоа го правеле и за врме на Граѓанската војна. „Авионите постојано бомбардиира, а топовите секојдневно беа насочени кон македонските села за да не' принудат да бегаме. Не беше тоа доброволно заминување, тоа беше протерување со силата на оружјето. А иницијалната каписла произлезе од предлогот на Грчката комунистичка партија. На една средба на младинските организации на комунистичките партии од балканските држави во Белград во 1948 година, претставникот на грчката младина прашал дали комунистичките држави би примиле 10.000 деца. И тој план многу брзо се операционализирал. Акција на повлекувањето на децата беше започната уште во 1947 година, пред да падне предлогот. На 25 јули 1947 година, по офанзивата на грчката армија, децата од пограничните села биле префрлени во Албанија. Значи, планот почнал да се реализира уште пред да се донесе“, образложува Пановски, кој за своите сознанија користи и грчка извори.
Грчката влада имала свои луѓе меѓу партизаните на ДАГ. Еден учесник во Демократската армија, кој бил задолжен за безбедност, по завршувањето на војната станал началник на грчката полиција. „Кога наши Македонци оделе да си го остварат правото за државјанство, ги препознавале. Тој и не се криел и им велел дека работел по задача. А по задача не работел само тој“, вели Пановски.
Според него, последиците од Граѓанската војна се' уште не се отстранети и дека протераните Македонци се последица на таа војна. „И додека Грција не ги признае нашите права, не ни го врати државјанството и имотите, не ни дозволи слободна посета и вселување на родните огништа, сметам дека војната не е завршена“, вели тој и како пример ја посочува Шпанија кога Франко во 1968 година им подигна споменик на сите загинати во Шпанската граѓанска војна и на републиканците и на ројалистите.
„Ние и' помагаме на Грција да се демократизира, зашто Грција не може да се легитимира како демократска држава ако дискриминира илјадници луѓе, свои поранешни граѓани. Со тоа ќе им олесни и на самите Грци. Тие го чувствуваат проблемот, и грчките влади и обичниот човек. Јас сум разговарал со голем број Грци по род, чии родители војувале со нашите татковци. Тие чувствуваат грижа на совеста. Еден Грк, чиј татко го спасиле Македонци од сигурна смрт, ми вели: ’Како можам да речам дека вие не постоите. На Вичо татко ми беше тешко ранет, го спасија Македонки, извлекувајќи го од боиштето‘“, заклучува Сократ Пановски.
(Продолжува) |