Македонија ќе управува со парите од ИПА за инфраструктура

Најпрво реализација на проектот за Коридорот 10 и изградба на пречистителна станица за вода во Прилеп
Миркица Поповиќ Тамара Грнчароска
Европската комисија донесе одлука со која Македонија ќе може самостојно да управува со средствата од европските фондови за регионален развој предвидени со претпристапната помош ИПА. Со одлуката донесена во петокот, Македонија ќе може да користи над 110 милиони евра од третата компонента, за развој на инфраструктурата и за животна средина, информира вчера вицепремиерот задолжен за европски прашања, Васко Наумовски.
Наумовски вчера, заедно со министерот за финансии, Зоран Ставрески, и за транспорт и врски, Миле Јанакиески, информира дека 40 милиони од тие средства се наменети за веќе изготвени проекти од периодот 2007-2009, додека за останатите 70 милиони за периодот 2010-2011 допрва ќе треба да се определат приоритетите и врз основа на нив да се изготват соодветни проекти. Според Наумовски, оваа одлука на ЕК укажува дека „расте угледот на Македонија во ЕУ“ и оти зајакнуваат капацитетите на македонските институции, процес што ќе се одвива паралелно со пристапувањето на Македонија во Унијата. „Процесот на јакнење на капацитетите нема да заврши за две недели, туку ќе трае цело време со приближувањето кон ЕУ“, рече Наумовски. Со зајакнувањето на институциите се очекува дека ќе се забрза и процесот на добивање акредитација за останатите компоненти, односно развој на човечки ресурси, институционална надградба, рурален развој и прекугранична соработка.
Ставрески, пак, потенцира дека во рамките на 40 милиони евра од ИПА-фондовите и 38 милиони евра алоцирани за кофинансирање најпрво ќе се почне реализација на изготвениот проект за Коридорот 10, на делницата Демир Капија - Смоквица. Доизградбата на Коридорот 10 веќе ��одолг период е во застој поради проблемите со јужниот сосед. Грција ги повлече 50 милиони евра одредени за работа на паневропскиот коридор откако Македонија го именуваше автопатот во „Александар Македонски“. Вториот планиран проект за реализација е изградба на пречистителна станица во Прилеп. Проектот чини 16 милиони евра и со негова имплементација значајно ќе се придонесе за заштита на животната средина во овој регион.
Ставрески очекува дека во септември ќе се склучи спогодбата со ЕК, по што ќе може да се почне аплицирањето за проекти кои ќе се финансираат од ИПА-средствата, што ќе се врши преку Министерството за финансии.
Јанакиески информира дека со дадените средства ќе се изработи и студија за изводливост и модернизација на железничката инфраструктура, со цел да се отворат можностите за понатамошно финансирање проекти за железничката мрежа.
СДСМ вчера реагираше дека државата ги добива овие средства благодарение на кандидатскиот статус од 2005 година и оти на средствата се чека веќе четири години, бидејќи се зависни од степенот на реализација на владините проекти. СДСМ апелира државните институции да ја забрзаат подготовката на проектите за да не се случи губење на ИПА-средствата поради недоволен ангажман на Македонија. |