08.08.2012, 16:59 Непожелна и во Русија?

Неколку здруженија блиски на Руската православна црква бараа да и' се забранат концертите на Мадона во Москва и во Санкт Петербург.
Американската поп-икона изгледа има дарба во секоја земја во која настапува да предизвика гнев кај дел од јавноста.
Така беше во Полска, во Франција и во Италија, а сега и во Русија, каде што Здружението на православното братство ја обвини дека „се меша во внатрешните работи на таа земја и ги исмева руските закони, традицијата и културата“. Имено, православните организации и' забележуваат на пејачката што го нарекла „цензура“ случајот на руската панк-група „Пуси риот“, на чии членки моментално им се суди поради изведување панк-молитва против Владимир Путин, во храмот на Христос Спасителот во Москва.
Мадона, во изјавата за АП, рекла дека ја поддржува слободата на говорот и се надева дека руските рокерки, за кои е предложена тригодишна затворска казна од обвинителот, наскоро ќе бидат пуштени на слобода. |