Купувањето со картички поскапо задоволство
За плаќање мебел, бела техника и компјутери цената неретко е или повисока, или се губи попустот
Александар Пешев
Граѓаните кои купуваат мебел, бела техника, компјутери и слични производи преку кредитна картичка, многу често плаќаат или повисока сума, или, пак, го губат правото на попуст што се дава за плаќање во готово. Така, на оние што користат картички, производот во принцип им доаѓа поскап за околу 5 отсто.
Според информациите од теренот, најголем дел од продавниците не ги одобруваат вообичаените попусти доколку купувачот плаќа со картичка. Неретко, пак, цената на производот се качува за околу 5 проценти, доколку муштеријата одлучил да плаќа со „пластика“.
Претставниците од продавниците и компаниите не сакаат да даваат официјални изјави. Според нив, банките наплатуваат провизија од трговските компании за плаќање со картички, а на трговците, пак, засега најидеалниот начин за „покривање“ на провизијата, им е укинување на попустот што оди за плаќање во готово.
Или попрецизно, доколку купувачот се одлучи да плати одреден производ во готово, тогаш добива попуст од просечно пет отсто. Доколку купувачот, пак, ја плаќа стоката со картичка, предвидениот попуст не му следува, а износот на попустот се пренаменува за намирување на трошокот спрема банката. Друг метод, пак, е менување на цената малку нагоре на самото место, доколку потрошувачот ја понуди картичката.
Банкарите објаснуваат дека провизијата ја наплаќаат од трговците како соодветна цена за услугата што им ја даваат. Имено, банките им даваат читачи на трговците, со што им овозможуваат наплата преку картички. На тој начин им се зголемувал и прометот на трговците. За сето тоа, банката наплаќа провизија.
Од банките велат дека тие не можат да влијаат врз трговците да не ја префрлаат провизијата на товар на купувачите, бидејќи станува збор за однос меѓу купувачот и продавачот.
Од Комерцијална банка ни изјавија дека препорачуваат трговците јасно да им соопштуваат на своите клиенти дека трошокот за плаќање со картички им се префрла на нивна сметка.
Во светот електронското плаќање е тренд, кој на купувачот не му носи дополнителни трошоци. При купувањето цената на производот останува иста, без разлика дали купувачот плаќа во готово или со картичка. Стандардно, главната обврска што ја има потрошувачот спрема банката е да ги намири трошоците за чланарина и каматните стапки.
Во Њујорк уште во 1984 година бил донесен закон со кој на трговците им се забранува да им го префрлаат трошокот за провизија на муштериите. За прекршоците била предвидена казна од 500 американски долари и една година затвор.
Но, во земјава трошокот за елетронското плаќање, на еден или на друг начин, често паѓа врз граѓаните.
Дел од трговците тврдат дека поради тоа што сами го намируваат трошокот спрема банките, имаат многу мала заработувачка. Како погодени од плаќањата со картички се бензинските пумпи. Тие се жалат дека од растечката цена на бензинот добиваат помала заработувачка, а дополнително од маржата им се одбива процент-провизија за секое плаќање со„пластика“. „За секоја наплата од платежни картички банката добива процент. Кај некои банки таа провизија е 1,5 отсто“, објаснува сопственик на бензинска пумпа.
Во неколку продавници низ градот купувачите не можат да ја платат купената стока со картичка, доколку цената не надминува 500 денари. Продавачите се правдаат дека не вреди да плаќаат провизија за малку пари.
И покрај засега евидентната неисплатливост на платежните картички во однос на готовинското плаќање, нискиот стандард на граѓаните придонесува за се' помасовна употреба на овие платежни средства. „Кога веќе ја имаш картичката, се знае зошто си ја зел. Во моментов немам доволно готовина за да го платам сето ова што ми треба, па затоа го плаќам на рати со кредитна“, објаснува купувач затечен во продавница за мебел.
Од банките велат дека плаќањето со картички е попрактично. Според претставници од Комерцијална банка, платежните картички се попрактични, а наедно и побезбедни, бидејќи граѓаните не мора да носат готовина. |