Иван Блажев
Фотографиите се сврзливо ткиво на нашата реалност

Фотографот кој помина 7.000 км ја објави и книгата „Македонија сонувајќи“
КАТЕРИНА БОГОЕВА

Неодамна издавачката куќа „Темплум“ ја издаде вашата книга „Македонија сонувајќи“, која содржи седумдесетина фотографии што на јавноста веќе и' беа презентирани на самостојна изложба во Музеј на град Скопје минатата есен.
На кој начин успеавте го документирате и овој свој поглед, што за македонски прилики е навистина реткост?
- Многу тешко со многу упорност, труд и откажувања. Па дури и сега од оваа дистанца, кога ја имам книгата во рака и изложбата зад себе, тешко ми е да поверувам дека успеав.

Ми требаа повеќе од три години да го реализирам проектот, но чувствувам неопислива радост и исполнетост дека се реализираа сите негови фази, практично онака како што беа замислени од почеток. Разбирливо е кога се работи еден вака обемен проект дека во одредени моменти мора да се прават компромиси.
Книгата е финансиски поддржана од Министерството за култура, Швајцарската фондација за култура?
- Прохелвеција го финансираше создавањето на фотографиите, а Музејот на град Скопје изложбата.
Граѓаните на Македонија, амбиентот во чиј центар се наоѓаат и кој ги опкружува, парчиња од нашето небо, од нашата стварност беа во фокусот на ваш интерес. Низ кои се делови од земјава фотографиравте и што беше пресудно при изборот на просторот, локациите?
- Патував и фотографирав низ целата земја, во урбани и рурални средини. Посетив десетици градови и уште повеќе села. По некои мои пресметки поминав повеќе од 7,000 км. Целта ми беше да поминам и посетам што повеќе локации, а маршрутата на моето патување беше определувана од најразлични фактори како настани, приказни, луѓе, места што никогаш не сум ги посетил, а од секогаш сум посакувал, а често пати и интуицијата беше главен фактор при одредување на дневниот план.

Во оној момент кога реков дека е крај, имав направено преку 2,000 фотографии, а бидејќи книгата и изложбата се водени од внатрешна приказна, на крајот нормално не беше возможно да се стави фотографија од секое место кое го имав посетено.
Сакаат ли македонските граѓани да се фотографираат?
- Па генерално земено сакаат. Се најдов неколкупати и во ситуации каде бев опоменат да не фотографирам или во најмала рака, испратен со чуден и сомнителен поглед, но најчесто луѓето што ги среќавав ми дозволуваа да им пријдам и да ги фотографирам.

Од сегашна временска дистанца, кој е вашиот впечаток за спецификата и времето кое го живееме во оваа Македонија, што ја доживеавте „сонувајќи“?
- Мојот впечаток, многу прецизно и суптилно е претставен во предговорот на книгата напишан од Искра Гешоска, е дека постоиме (живееме) во еден комплексен синхроницитет на посакуваното и она што е, а сонот е тој што ги поврзува и двете.
А фотографиите во книгата се обид да го прикажат токму тој сон, сврзливото ткиво на нашата реалност.
|