Кој е меѓу загинатите
Претседателот на Полска, Лех Качињски, со сопругата Марија, двајца потпретседатели на полскиот Сејм (Кшиштоф Путра и Јежи Шмајѓински) и еден потпретседател на Сенатот (Кристина Бохенек), тројца заменици-министри (Анджеј Кремер - за надворешни работи, Јежи Коморовски - за одбрана и Томаш Мерта - за култура), 13 пратеници и двајца сенатори од сите најважни политички партии, гувернерот на Народната банка на Полска, Славомир Скшипек, четворица генерали од самиот врв на Генералштабот на полската армија, во нив нејзиниот началник, Франќишек Гонгор, потоа Анджеј Блашик, шеф на военото воздухопловство и Анджеј Карвета, шеф на полската морнарица.
Од другите воени лица, животот го загубија и тројцата бискупи на војската на трите најважни верски заедници во Полска (католичкиот, православниот и евангелистичкиот ординариј), како и шефот на варшавскиот гарнизон. Особено голема е загубата по неколкутемина најблиски соработници на претседателот, шефот на Канцеларијата, Владислав Сташак, на шефот на Бирото за национална безбедност, Александер Шчигло и советниците Павел Випих и Мариуш Ханѕлик, како и претседателовиот каплан, отецот Роман Инджејчик.
Од огромно значење е загубата на претседателот на Институтот за национално паметење, Јануш Куртика, на народниот правобранител Јануш Кохановски, како и на претседателот на Полскиот олимписки комитет, Јежи Нуровски, на високи претставници и претседатели на здруженија и фондации на семејствата на жртвите од Катин од 1940 година и на сибирските логораши.
Со неверување се прими веста за смртта и на Ана Валентинович, легендарниот симбол на гдањските протести од 1980-81 година, која преживеа безброј апсења, интернирања и шиканирања од комунистичките власти, а пред се' болно одекна информацијата дека во авионот се наоѓаше и Ришард Качоровски, последниот полски претседател на емиграција (роден во 1919 година), бивш сибирски логораш и еден од главните активисти на полската повоена интелигенција и емиграција во Велика Британија.
|