Петочко Водиче - место за душевен одмор
Месноста е сместена во подножјето на Шар Планина, оддалечена неколку стотици метри над селото Беловиште
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Петочко Водиче, така во Беловиште и во околните подљуботенски села се нарекува месноста во подножјето на Шар Планина, оддалечена неколку стотици метри над селото. Не е познато зошто на ова излетничко место му е дадено такво минијатурно име, но овде, освен Беловичка Река, која ја сече месноста на два дела и минува и низ корените на огромните дрвја, има и многу други нешта, а најмногу природна убавина, која вистински се истурила.
И човечката рака го сторила своето. Два базена, неколку ресторани со наметливи имиња „Мирис на природата“, „Летна бавча“, „Арома“ и слични, со испишана порака до посетителите: „Почувствувајте мир и разберете се без зборови. Дозволете бистрата сина вода да ги шепоти вашите желби“. Под високите и над стогодишни дрвја од бука, даб, костен - две црквички. Помалата ја изградил иселеникот Сашо Јаковчевски и ја посветил на Св. Петка. Беловиштани велат дека во 1977 година дошол од Детроит (САД) и рекол дека ќе подигне православен храм.
„Сонив дека треба да изградам црква и во неа да насочам еден од изворите. На сон ми беше речено дека водата е лековита, а ќе биде уште полековита ако биде во храмот“, рекол Сашо, на кого во изградбата му помогнал неговиот татко Живко, исто така иселеник во Детроит.
Поставиле и спомен-плоча на која напишале: „Оваа чешма е лековита за очи“. Жители на Беловиште ни тврдат дека во тоа црквиче и на таа чешма доаѓаат луѓе од разни места на земјата што имаат проблеми со видот. Велат дека многумина се излекувале. Дека и сега доаѓаат луѓе за лекување ни потврди и Војо Петровски, инаку сопственик на двата базена. Во Беловиште ни велат дека водата е света и оти тие што ја пијат или се мијат со неа се поздрави и повитални. Нашите соговорници откриваат уште еден детаљ. Оваа вода била најлековита на Голем Петок пред Ѓурѓовден. Тогаш овде се доаѓало пред изгрејсонце.
Во непосредна близина има уште еден православен храм, црквата „Св. Јован Крстител“, многу поголем и понов. За оваа црква најзаслужен бил жителот Јован Богоевски, кој живеел и работел во Белгија.
Двете цркви се на десниот брег на Беловишка Река, до каде што води метално и чудно поставено мовче. Тука се двојат патиштата на посетителите, оние што дошле да уживаат во природните убавини ги „освојуваат“ просторите околу двете цркви, а планинари и ловци се упатуваат на другата страна да ги доживеат трите најубави водопади. Најблискиот, кој е на само околу 200 метри од Петочко Водиче го викаат „Вражи Вир“ и до него лесно се доаѓа. Другите два, пак, „Долна Чкала“ и „Горна Чкала“, тешко ги освојуваат дури и најспретните планинари и ловци. Нивната убавина се доживува на оддалеченост од стотина метри. Поголемо доближување речиси е невозможно. Тесното корито и големите височини ги прават далечни. Двата километра до највисокиот водопад се изминуваат за цели три часа, со сите ризици што ги носи стрмнината.
„Просторот на водопадите е богат со дивеч, има мечки, лисици, дивокози, волци, срни и разни ендемични растенија. За оние што се определуваат да соберат чај местото изобилува со кантарион, камилица, мајчина душичка. Има и ретки печурки, особено по дождови, како лисичарка, јајчарка, сунчарка, врган“, ни раскажува мештанинот Васко Матовски.
Војо Петровски се ангажирал овие природни убавини да ги направи поинтересни и посодржајни. „Во двата базена водата се загрева доволно за сите возрасти. Има посетители не само од Беловиште и од околните села, туку и од подалеку што се разладуваат од овие летни горештини токму во базените. Ние неколкумина сопственици на угостителски објекти правиме напори да им го направиме престојот поубав и поразновиден. Тие што еднаш не' посетиле, стануваат наши редовни гости“, вели Петровски. |