04.10.2011, 18:29 Лажна тревога дека Јовановски поднел оставк��
Потпретседателот на СДСМ ги демантира шпекулациите дека по изборите се повлекол од функцијата
Зоран Јовановски се' уште е потпретседател на СДСМ и планира да остане на функцијата, наспроти приказните во чаршијата дека поднел оставка по изборите.
„Не сум човек кој се крие по ќошиња. Да имаше такво нешто, сигурно јавно ќе го соопштев. Вчера бев потпретседател на СДСМ, тоа сум и денес, а планирам да бидам и утре“, ни изјави вчера Јовановски, не криејќи дека и до него стигнале гласиштата дека заминува од врвот на опозициската партија.
Јовановски важи за опозициски адут во економијата, во изминатите две и пол години, откако Бранко Црвенковски се врати за лидер и во раководството на СДСМ донесе повеќе личности што дотогаш не беа политички ангажирани. Но, по предвремените парламентарни избори во јуни годинава, тој малку е присутен во јавноста. „СДСМ настапи со мошне содржајна изборна програма, но, за жал, мнозинството граѓани не успејаа да го препознаат тоа“, вели Јовановски.
Иако за време на изборите беше дел од „ударната тројка“ на кандидатката на СДСМ за премиер, Радмила Шекеринска, Јовановски по сопствен избор, не се најде на кандидатските листи за пратеници. Отсуството од Собранието веројатно е една од причините поради кои тој поретко е присутен на јавна сцена, за разлика од другите двајца потпретседатели на СДСМ, Гордан Георгиев и Ана Павловска Данева, кои сега се пратеници. Затоа, пак, по изборите пауза од дневно-политичките збиднувања си зема и четвртиот потпретседател на партијата, Зоран Заев, кој и' се врати на градоначалничката функција во Струмица. Не е толку активен ниту Стево Пендаровски, кој, иако не е член на СДСМ, за време на кампањата, исто така беше дел од тимот на Шекеринска, покрај Јовановски и Заев.
Шпекулациите за повлекувањето на Јовановски се вклопија во актуелниот политички миг, кога дел поранешни функционери на СДСМ почнаа отворено да го критикуваат актуелното раководство на партијата. Меѓутоа, наводната оставка на Јовановски во ниту еден момент не се ставаше во контекст на некакви внатрепартиски недоразбирања.
На постизборниот конгрес во Битола, делегатите им дадоа доверба на органите на СДСМ да ја водат партијата и во овој циклус од нејзиното опозициско дејствување. Доверба добија и Црвенковски и Централниот одбор, од чии редови Јивановски е делегиран за потпретседател. Црвенковски, пак, засега не планира да го менува тимот со кој СДСМ значително го подобри бодовното салдо, иако не извојува изборна победа. (А.М.М.) |