Немаме стратегија за развој на културата

Министерството за култура има обврска содржините на националните институции да ги направи достапни за сите граѓани
Тина Иванова
Едвај петмина посетители го проследија неодамнешниот концерт на Гудачкиот квартет „Еквилибриум“, кој се одржа во Неготино, како дел од „Неготинско културно лето“. Овој ансамбл, сепак, повторно одржа концерт во овој град, но овој пат во рамките на манифестацијата „Топол културен бран“, која ја организира Министерството за култура. Неготинската публика коментирала дека не е заинтересирана за ваков вид културни настани, па затоа и не доаѓа, но дека ако на нивниот плоштад настапи Боки 13-ка, на пример, тој секако би бил полн.
Оваа ситуација, која еден социолог ја оценува како социолошки проблем што егзистира одамна и во другите земји во период на долга транзиција и дека „набргу“ ќе мине, иако се чини проблемот со се' поширокото интересирање за лажните естетски т.н. културни вредности се' повеќе е присутен во сите општествени пори, го наметнува прашањето дали и колку е потребно дисперзирањето на културните настани во другите градови во внатрешноста, доколку тоа е во организација на државните институции. Дисперзирањето на уметноста е прашање кое одамна се провлекува низ дебатите на македонските културни дејци и тие се едногласни дека тоа е повеќе од потребно. Но, каква стратегија треба да се направи за успешна децентрализација на културата?
Министерството за култура, велат оттаму, има обврска и одговорност програмските содржини што ги финансира преку националните институции да ги направи достапни до сите граѓани. Бидејќи, истакнува Анита Јовановска, портпаролка на Министерството за култура, културата не е привилегија на малкумина, тука треба да биде достапна за сите. „Децентрализација, дисперзирање и развивање на културата и во помалите места е еден од приоритетите на Министерството за култура. Нашата цел и заложба е на сите граѓани да им се овозможи да бидат консументи на културните содржини што ги финансира Министерството за култура. Меѓу другото, во таа насока, во текот на оваа година и во 2010 година, приоритети во програмата на Министерството за култура се и создавање соодветни услови за презентирање и консумирање на културата. Тоа значи дека еден од нашите приоритети е реновирањето на центрите и на домовите за култура, како најинтерактивни двигатели на културните активности низ државава, но и уредувањето на музејските поставки“, вели Јовановска. Таа потенцира дека се задоволни од посетеноста на културните содржини во рамките на манифестацијата „Топол културен бран“, која почна на 20 јули, но и дека постои голема заинтересираност од страна на уметниците кои, вели, иако за настапите не добиваат хонорари, по нивно барање повторно и оваа година се вклучени во програмата.
Искра Гешоска, пак, теоретичар на уметноста, вели дека немаме стабилна, јасна, кохерентна стратегија за развојни културни политики. Таа истакнува дека кога културата се третира како луксуз, како нешто што им припаѓа на елитите и нешто што зависи од волјата на мала, привремена група „владејачи“, тогаш се разбира дека настанува конфузија и во моделите на практикување на култура (како валиден, важен социополитички пунктум), а особено во содржините што треба да создадат важна динамична перспектива на секојдневието, кое неолибералниот концепт го „опазарува“ во сите сфери, задушувајќи ја секоја креативна акција на умот.
„Веќе 18 години сме заложници на лични потреби, списоци на желби и интереси на оние кои ни се наложени како ’арбитри‘ - на оние во чии раце е моќта да одлучуваат и да располагаат со нашите пари! Досега, од ниту една Влада не видов сериозно, живо, актуелно промислување на она што и како ни е потребно. Она што е заедничко за сите е дека секој сака да ја петрифицира, ’оспоменичи‘ својата владејачка доба. И на тој начин, би рекла, неодговорно сме втурнати во ретроградни активности кои, наместо да создадат вистинска почва за дејствување на мнозинството кое треба да создава содржина, уште повеќе го стеснуваат кругот во кој само малкумина можат да создаваат, одлучуваат...“, вели Гешоска.
Таа потенцира дека треба да разбереме дека културата се случува секојдневно, дисперзирано, во малите, но важни траги на поединците и групите. Вели дека многу се мали ефектите од „големите“ проекти. „Значи, не е доволно да кажеме дека се залагаме за децентрализација во културната сфера - важно е да знаеме што значи тоа. Не станува збор за децентрализација кога ’програмата‘ ја креира ’центарот‘. Не можеме да велиме дека создаваме децентрирани активности без да ги анимираме во создавањето самите оние кои треба да се ’децентрираат‘. Ако подобро и покритички погледнеме на фактите наназад, ќе сфатиме дека во добата на комунизмот имавме подецентрализирана културна политика отколку сега... Ама само ако сакаме да сфатиме и да го прифатиме тоа“, вели таа.
На културната политика и' е потребно, всушност, сериозно децентрализирање - однатре, структурно. А, оваа земја и нејзините владејачки гарнитури, вели Гешоска, не сакаа да чујат за тоа. Таа потенцира дека не можеме да говориме за децентрализација во културата кога, на пример, независната културна сцена е речиси сосема игнорирана. „Актерите на независната културна сцена се оние кои треба (доколку ја следиме логиката и фактите на светската историја на културните политики) да бидат клучот во културната децентрализација. Изгледа, во најмала рака чудно, ако не и игнорантно, кога централната и локалната власт се занимаваат со нешта кои се во доменот на независната културна сцена. Кај нас владејачките гарнитури и нивните продолжени раце едноставно не создаваат простор во кој навистина стратегиски и долгорочно ќе се случи ’славната‘ децентрализација на културата. Децентрализацијата не се случува со пренесување активности од град во град, со фестивали за кои ќе се потрошат огромни пари за три дена, туку со создавање услови за постојана ’акција‘ во малите јадра кои ја градат секојдневната култура.
Во тоа, чинам, е клучниот проблем - постојано правиме замена на тези и како муви без глави талкаме во своето незнаење. При што трошиме многу пари, а никој не проверува со мерливи индикатори кои се резултатите од таквото неодговорно однесување“, смета Гешоска.
|