Истражување на МЦМС за меѓуетничките односи
Не не' мачи соживотот, туку сиромаштијата
Невработеноста и сиромаштијата се најголемите проблеми што ги мачат македонските граѓани, кои не се толку оптоварени со прашањето на меѓуетничките односи. Ова прашање, според истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), е дури шесто на листата за она што ги загрижува граѓаните, а пред него се наоѓаат невработеноста, сиромаштијата, економијата, корупцијата, криминалот и влезот во ЕУ и НАТО. Истражувањето на МЦМС за меѓуетничките односи опфаќа теренска анкета реализирана во мај годинава со вкупно 2.087 испитаници и онлајн-анкета со нерепрезентативен примерок од 24 јавни личности во земјава.
Сепак, најголем дел од граѓаните се изјасниле дека меѓуетничките односи се важни и лично и за Македонија.
„Десет години од конфликтот, незначително малцинство ги перципира односите како непријателски. Граѓаните најчесто ги оценуваат меѓуетничките односи како воздржани (33,2 процента), 18,4 отсто ги сметаат за ривалски, 17,7 проценти за мирољубива коегзистенција, 16,9 отсто сметаат дека постои меѓуетничка соработка, а незначително малцинство од 9,4 проценти ги оценуваат односите како непријателски“, рече Сашо Клековски од МЦМС на вчерашната прес-конференција. Тој ги пренесе резултатите од истражувањето, според кое, највисока перцепција за непријателски односи има во Вардарскиот и во Полошкиот регион, додека највисока перцепција за соработка има во југозападниот и североисточниот регион.
Анкетираните сметаат дека меѓуетничките односи се подобри од пред 2001 година, а најголем број граѓани ги оценуваат како воздржани. На скала од 1 до 5 оценети се со 2,8, а граѓаните очекуваат подобрување за 5 години.
„Оцената е позитивна, и покрај негативното влијание на случајот „Кале“ и на предвремените парламентарни избори“, оцени Клековски.
Најмногу предрасуди, според резултатите, постојат кон етничките Албанци и кон Ромите, кон кои, исто така, се забележува и најголема недоверба.
МЦМС спроведе сеопфатна студија на Охридскиот рамковен договор. Ова е четвртиот дел од истражувањето за меѓуетничките односи 10 години по воениот конфликт. (П.Р.) |