Државата бара поскапување на струјата за 38 проценти
Ако ЕЛЕМ продолжи да работи со оваа цена, производството во наредниот период би можело да биде многу отежнато
Маја Томиќ
Падна во вода оптимизмот кај граѓаните дека барем струјата нема да поскапи, а тој најмногу беше поткрепен од повеќето изјави на одговорните на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) дека струја има доволно и дека таа ќе ја задржи досегашната цена. Државната компанија ЕЛЕМ, сепак, не го издржа финансискиот притисок и реши да побара поскапување на електричната енергија што таа ја произведува и тоа за околу 38 проценти. Односно, од досегашните 1,3 денари за произведен киловат-час, на 1,8 денари. Инаку, ова е прво вакво барање на ЕЛЕМ од 2005 година, додека во изминатите две години Македонскиот електропреносен систем-оператор МЕПСО и дистрибутерот ЕВН - ЕСМ ја коригираа цената на струјата, МЕПСО еднаш, а два пати ЕВН - ЕСМ. Барањето на ЕЛЕМ, најверојатно, ќе повлече слично барање и од ЕВН - ЕСМ за нова корекција на цената, бидејќи оваа компанија ќе има поголеми трошоци од поскапата струја што ќе ја купува од МЕПСО. Од ЕВН - ЕСМ велат дека засега не одлучиле кога ќе бараат поскапување, но со оглед на тоа дека ќе дојде до нови, непредвидени трошоци во работењето, најверојатно, наскоро ќе падне одлуката за такво нешто. Можно е цената на струјата да поскапи и за помалку од 38 проценти, а тоа ќе зависи од стручната процена на Регулаторната комисија за енергетика, која барањето на ЕЛЕМ треба да го разгледа и да ги соопшти одобрените проценти.
Според вчерашното соопштение од ЕЛЕМ, по извршените анализи на трошоците во работењето, компанијата одлучила да поднесе барање до Регулаторна за корекција на цената на произведената електрична енергија. Бидејќи во изминатите три години, откако ЕЛЕМ се издвои како посебна компанија од некогашното „Електростопанство“, се покажало дека ЕЛЕМ работи на граница на рентабилност. Поради тоа, постојат проблеми за непречено извршување на производството, недостигаат средства за спроведување на нужните ремонти на термоелектраните, отежната е набавка на материјали и на резервни делови, не може да се реализира инвестициски циклус и да се вложува во нови производни капацитети, што се' заедно ја намалува сигурноста во снабдувањето со домашна струја.
Ако ЕЛЕМ продолжи да работи со сегашната цена, процениле во компанијата, производството во наредниот петгодишен период би можело да биде многу отежнато. Затоа е потребна корекција на производната цената на 1,8 денари за киловат-час.
Во септември 2006 година, по барање на ЕВН - ЕСМ, струјата за домаќинствата поскапе за 9,14 отсто и киловат-час скапа струја изнесуваше 2,62 наместо дотогашните 2,4 денари. „ЕВН Македонија“ не беше задоволна од дозволеното пок��чување, бидејќи бараше речиси двојно повеќе, близу 20 проценти. Претходно, пак, РКЕ веќе му одобри на МЕПСО зголемување на цената на испорачаната струја за 10,53 проценти, со што неминовно пораснаа и трошоците на ЕВН - ЕСМ за набавка на струјата. И последен пат, струјата за домаќинствата поскапе во март 2007 година за 2,5 проценти, исто така по барање на ЕВН - ЕСМ.
Финансиската моќност на енергетските компании опадна во 2005 година откако тие станаа самостојни субјекти по поделбата на некогашно ЕСМ кога се поделија и заедничките средства. Трите компании, ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН – ЕСМ, имаа големи проблеми со меѓусебните неплатени побарувања, односно секоја од нив и' должеше пари на другата за услугите за струја. Долгот на МЕПСО спрема ЕЛЕМ за преземена, а неплатена струја во 2005 година, неофицијално, изнесуваше околу 40 милиони евра, поради што МЕПСО наредната година регистрира загуба од околу 600 милиони денари. Тоа беше и главната причина што Регулаторна му дозволи повисока цена на струјата што ја продава.
Инаку, споредено со цените на електрична енергија во земјите од регионот, во Македонија струјата има многу пониска цена и таа со години се држи на т.н. социјално ниво. Реално, според експертите, таа треба да биде повисока за околу 50 отсто, поради рентабилното работење на енергетските компании. На тоа се согласуваат и домашните и странските експерти. Тоа, секако, ќе биде на штета на се' понискиот стандард на граѓаните. Претставници на Светска банка и на ММФ при секоја посета нагласуваат дека цената на струјата треба да се зголеми и да го достигне приближното ниво со онаа од земјите во регионот. Додека во Македонија граѓаните плаќаат 50 евра за мегават-час, во соседството тој чини меѓу 70 и 90 евра.
И при последната посета на шефот на ММФ за Македонија Марк Грифитс ова лето, тој рече дека струјата мора да поскапи и и' забележа на Владата дека троши многу пари за увоз на скапа струја, што е главна причина за големиот трговски дефицит. Од Владата беше и побарано да објасни зошто домашното производство на струја е се' помало, а се' повеќе се увезува енергија. Владата пак, најави дека, како и досега, и натаму ќе ја субвенционира цената на струјата во рамките на буџетските можности. Дали се тие веќе исцрпени поради што државната ЕЛЕМ сега има зелено светло за да ја зголеми нејзината цена. |