Број 3022  понеделник, 29 јуни 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Дали уметноста ужива во компромис?

Секаде во светот писателите работат нешто друго за да може да пишуваат, вели писателот Ермис Лафазановски

Невена Поповска

„Недела“ е насловот на најновиот роман на Ермис Лафазановски. Веднаш по објавувањето, критичарите го оценија како мошне интересно четиво, додека проследувачите на македонската литература тврдат дека со секој нов роман Лафазановски следи една нагорна линија.

„Со овој роман се обидов да одговорам на неколку прашања поврзани со уметноста како општествена критика“, вели Лафазановски. Прво прашање е дали уметноста мора да ја пародира стварноста за да изгради сопствен подобар свет? Второ прашање е дали уметноста треба да се занимава со таква работа или треба да си ја гледа сопствената работа? Кога велам општествена критика не мислам на дневната политика, туку на една поширока, погенерализирана макроструктурна слика за човекот заробен во канџите на сопствената цивилизација. Ова може да изгледа како некој литературен концепт од почетокот на 20 век, но ако почетоците на вековите секогаш носат некои нови идеи, а сега сме на почеток на 21 век, тогаш зошто не? На микроструктурен план мислам дека постои одредена историска дистанца за човек да се зафати со потрезвено согледување на менталните трансформации на луѓето, кои биле родени и воспитани во еден систем, а сега мораат да живеат во друг. Со други зборови, продолжува Лафазановски, станува збор за тоа дека имплементирањето на демократските институции врз темелите, односно урнатините на едни претходни институции неминовно доведува до кинење па до градење на идентитетот, до морална деконструкција па конструкција. Дејството се одвива во една продавница за луксузна стока, во која три лица се наоѓаат сосема случајно во безизлезна ситуација. Чекајќи судбината да им најде решение, секој се открива себеси пред другиот како морален отпадник, етички инвалид и фрустриран граѓанин. Згора на сето тоа, дејството се одвива во недела, ден кој од религиозна социјална, па и од функционална гледна точка претставува некаква утопија, контрапункт на сите случувања. И дуќанот и неделата се двете метафори за клучните парадигми на нашата цивилизација, парите и моќта наспроти духовното“.

Пред македонската читателска публика овој автор досега се пројави со пет романи. Но, почнувајќи од „Кога во Скопје ги беа измислиле чадорите“, па преку „Опишувачот“, „Храпешко“ и во најновиот „Недела“ постојано се потврдува неговото карактеристично и специфично писмо, како и фолклорниот елемент, кој има несомнено влијание во неговото творештво. Од друга страна, пак, Александар Прокопиев вели дека во секој роман, не само што како автор е поуспешен, туку успева и да биде поинаков.

„Точно е дека се обидувам да бидам поинаков, но точно е и тоа дека, според мое мислење, тешко ми успева или, пак, воопшто не ми успева“, потенцира Ермис Лафазановски. Мислам дека дури и не можам да бидам поинаков. Ова звучи како да ја парафразирам веќе познатата фраза дека човек цел живот пишува една те иста книга, но во суштината е човек да се помачи да пишува различни книги, од различен агол на гледање за да не биде здодевен и за читателите, а и за сам себе. Една иста книга, во случајов значи дека длабинската структура на авторството е тешко менлива категорија и дека се менуваат само формите на изразување. Таквиот концепт е најлесно препознатлив во современите филмови за масовна продукција од жанрот на фантастиката или хоророт. Елементите на овие жанрови се истите елементи, кои ги среќаваме во прастарите народни приказни (змејови, чудовишта, волшебници, вампири, телесни расчеречувања, легенди за оживување на мртовци и нивните злосторства итн.). Се промени само начинот на кој тие се кажуваат и се изразуваат, односно техниката и технологијата на прикажувањето. Значи, цивилизациските митски кодови, односно архетиповите, што ги носи секој човек во себе се тешко променливи, но, затоа начинот на нивната уметничка транспозиција е во перманентен развој. Мислам дека и во книжевноста се случува истото. Европската литература последните векови, главно, се обидува да ја смени формата на прикажувањето на нештата отколку да каже нешто ново. Тоа што можеби изгледа како поинакво во мојот нов роман, можеби се огледува во моите напори да дадам една урбана нота на целото раскажување, во контекст во кој урбаното тешко дека може да се дефинира врз примерот на Скопје, иако таквата дефиниција ја создаваат новите генерации и таа неминовно ќе следи“.

Во македонската литература, Лафазановски е подолг период присутен како автор, критичар итн. За тоа како гледа на состојбите во македонската литература и каква е положбата на македонскиот автор денеска, вели: „ Јас под автор, подразбирам уметник, пред се', и од таа гледна точка Македонија има доволно храбри и провокативни уметнички идеи за да не биде на маргините на уметничкиот свет, иако сега така изгледа. Треба да почекаме (ако не ние тогаш идните генерации) да се јави интерес за нашата уметност и тогаш, што е наше, само ќе си дојде. Некој ќе рече дека не треба ние да чекаме туку треба со сите напори да се пробиваме. И ова е точно, но досегашните искуства, барем што се однесува до малите литератури, го зборуваат спротивното. Не сакам да мислам на македонскиот автор, како човече кое со кожена ташничка, ставена преку рамо и со куп листови во неа, трча од издавач до издавач, од министерство до министерство, од кафеана до кафеана, самиот измачувајќи се во сопствениот од себе создаден стереотип“.

„Македонскиот автор треба денес да биде ангажиран затоа што условите се зрели за такво нешто“, истакнува Лафазановски. Тоа зависи од неговиот карактер, ако е екстровертен може да пишува и колумни, ако е интровертен тогаш нека пишува книги“.

„А... кога ме прашавте за положбата на македонскиот автор денес да не мислевте на пари....??? Сон на секој писател е да може спокојно да го работи само тоа за што е одреден од Бога и тоа да му биде единствена преокупација. За жал, не само кај нас, туку со ретки исклучоци секаде во светот писателите работат нешто друго за да можат да пишуваат. Некои дури и се ангажирани лично од кралот, кралицата, претседателот или премиерот и ним веројатно им е најдобро и уживаат, но дали ужива уметноста во таквиот компромис?“, завршува авторот.

 


#
Статијата е прочитана 510 пати.

Испрати коментар

Од: Тања, Скопје
Датум: 29.06.2009 09:02:06
Секоја чест на Е. Лафазановски што е толку плоден, ама барем нешто што пишува да чинеше??? Го дочитав „Недела“ и впечатокот е ист како за сите претходни романи - авторот повеќе сака отколку што може. Романот е неинвентивен, со промашен обид да се создаде некаква структура и приказна. Критичарите, се разбира, го фалат зашто овде во Македонија тие сите се познавате и некако незгодно е да не се тапкаат по рамо... Сепак, го поздравувам неговиот квантитет. Белки кај има квантитет, некогаш ќе има и квалитет. Сега за сега, за жал, недостасува.

Најди! во Утрински
Култура
Почнува „Галичко културно лето“
„Клазбрадрс и Куба перкашн“ гости на „Охридско лето“
Роберто Савијано продолжува со борбата против мафијата
Диригентското чудо од дете пред скопската публика
Литература во фармерки или антипесни за тинејџери
Голема посетеност на патеката на културата во Старата чаршија