Фељтон
Кој беше Ванчо Михајлов (12)

Бунева била ученичка на Михајлов
За да го убие Владимир Прелиќ, тетовката Мара Бунева подолго време била обучувана во Бугарија
Виктор Цветаноски
Атентатот што го извршила Мара Бунева врз Велимир Прелиќ во 1928 година е дел од терористичката стратегија на ВМРО на Ванчо Михајлов. Бунева за атентатот се подготвувала во Софија. Тој во своите спомени вели дека таа добро знаела што значи српскиот режим. Ја следела борбата што против него ја водела ВМРО и се „револтирала од грозотиите на српската власт во Македонија“. „Се запознала и со многумина од македонската емиграција, како и со некои поистакнати борци“, пишува тој. Притоа, Михајлов посебно нагласил дека од неа примал најконспиративни извештаи за состојбите во Македонија, а тоа што било најдоверливо Мара Бунева му го испраќала во шифри, извезени на платно.
Овие негови тврдења ги поткрепува и весникот „Илинден“. „За да се подготви достојно да ја исполни големата мисија, што ја прифатила со сета страст и сила на целото свое суштество, Мара Бунева помина еден опширен и разновиден тренинг на спорт, стрелба, на издржливост и кога почувствува дека е подготвена да го изврши подвигот, замина во родната држава“, објавил пригоден текст весникот во 1942 година по повод годишнината од атентатот.

Мара Бунева од Софија во Македонија се вратила на 22 мај 1926 година, објаснувајќи му на сопругот дека оди во Тетово за да си го земе чеизот. Извесно време престојувала во родниот град, а потоа се преселила во Скопје со намера да убие некој од раководителите на тогашната српска власт. „За да не се сомневаат во добрите Бугари, таа избегнува да се дружи со бугарските фамилии во Скопје, а им се приближува на српските. Се зафаќа да шие женска облека, се вработува во еден кројачки дуќан. Шиела облека за сопругата на Прелиќ. Живеела под кирија во србоманската фамилија Хаџи Ристиќ. Тоа влевало доверба кај власта“, пишува Михајлов, истакнувајќи дека тие биле соседи со убиениот Прелиќ.
Исти податоци може да се прочитаат и во тогашните српски весници, дека таа била под кирија кај видниот трговец Хаџи Ристиќ, брат на поранешниот скопски градоначалник. Бунева во Скопје научила да шие и отворила шивачки дуќан. Создала широки врски и навлегла во круговите на високото српско општество. На почетокот на декември 1926 година заминала во Бугарија, наводно, да се разведе од мажот, а потоа повторно се вратила во Скопје по добиените инструкции.
Бунева го извршила атентатот врз Прелиќ на 13 јануари 1928 година во 12,15 часот. Го пресретнала на кејот на Вардар во близина на денешниот хотел „Холидеј ин“ и испукала во него три куршуми од револвер, а потоа еден во себе. Притоа, се обидела да се фрли во Вардар, но не успеала. Тешко ранета ја однеле во болница. Дежурниот лекар, Ерменец, кој присуствувал за време на операцијата што била извршена врз неа, подоцна раскажал: „Бев дежурен лекар кога ја донесоа. Ми се јавија од жупанијата да се потрудам да ја зачувам жива додека не дојде лекар од Белград и истражните власти. Навистина, по два часа со авион дојде лекарот на дворот, генерал Костиќ, од Белград. Со него дојде и жупанот Вилдовиќ. До три часот Мара била при свест. Генералот Костиќ ја праша: ’Зошто, госпоѓо Мара, го убивте Прелиќ?‘ ’Го убив зашто тој ги измачуваше моите млади сонародници, македонските студенти‘“, одговорила таа и потоа прашала дали е мртов Прелиќ.
Мара Бунева починала наредниот ден по извршувањето на атентатот. Полицијата тајно ја погребала, така што денес никој не го знае нејзиниот гроб. Велимир Прелиќ починал четири дена по атентатот. За него и за неговиот живот не се знаат многу детали. За време на атентатот бил правен советник на префектурата во Скопје. Роден е во Сеница, Србија, а во Скопје дошол за време на турското ропство, уште во 1903 година.
Полицијата направила претрес во собата каде што живеела Бунева, но не нашла никаков компромитирачки материјал. Според белградскиот весник „Правда“, главните усилби на полицијата биле да откријат дали Бунева имала соучесници и јатаци, но никогаш не се дознало за тоа. Биле уапсени и две нејзини пријателки, нејзините сестри, но ништо не дознале од нив. Бунева, сепак, имала соучесник во атентатот што и' помогнал да го изврши. Се наоѓал на спротивната страна на реката Вардар, а негова задача било да и' сигнализира кога Прелиќ ќе излезе од зградата крај кејот за да се подготви да пука. Договорен знак за акција било да ја подигне шапката од главата во моментот кога српскиот чиновник ќе се појави.
Се знае кој бил тој човек, како и адресата на која тогаш живеел, но нашиот извор не сакаше да ни го соопшти неговото име поради тоа што неговите потомци денес живеат во Скопје. Имал две ќерки, кои иако припаѓале на бугароманско семејство, биле симпатизери на движењето за ослободување на Македонија.
Како што пишува Михајлов во спомените, три дена откако починала Мара Бунева, на разни места во Бугарија и меѓу емиграцијата во странство биле организирани панихиди. Голема панихида била одржана во Скопје во јануари 1942 година, кога бугарската армија ја окупирала Македонија. Како што тогаш пишува дописникот на весникот „Илинден“, на 14 јануари скопјани присуствувале на „една манифестација на бугарското родољубиво чувство, еден од ретко изживеаните денови за Македонија“. Дента на Василица, митрополитот Софрониј извршил симболичен погреб на Бунева. Панихидата се одржала во црквата „Св. Богородица“. Притоа биле положени 50 венци, од кои еден бил од Михајлов.
Судбината на семејството на Бунева е трагична, како и на многу други македонски семејства, подложени на страшниот притисок на пропагандите и борбата за егзистенција, се растурале по светот и понекогаш се вклучувале во спротивставените завојувани страни, кои не избирале средства за да остварат влијанија на македонските простори. Кога ќе се слушне приказната за Буневи, изворно кажана од човек на семејството, изгледа сосема поинаку од онаа што и денес сакаат да ни ја сервираат определени кругови.
Буневи биле познато тетовско семејство. Таткото Никола бил писмен човек, се школувал во Солунската гимназија. Бил учител, а се занимавал и со трговија. Мара имала два брата и три сестри. Постариот Борис станал бугарски офицер и ги подучувал терористите на Михајлов, а помладиот, Лазар, служел во српската војска на Кралска Југославија, исто така, како офицер. Мара била најстара сестра, родена во 1902 година. Една година помалата сестра Ленка останала во Македонија, Нада починала многу млада, на 18 години, а најмалата Вера беше жива до пред неколку година. Во 1935 година заминала во Софија каде што се омажила за поп, по потекло од Крушево, кого Бугарската црква го испратила во Детроит, САД. Нашите иселеници јавуваат дека таа таму страсно ја бранела бугарската кауза. Пред седум-осум години ја посетила Македонија заедно со тројцата синови.
Внуката од сестра на Мара Бунева, Анче Герасимовска, професорка по музика во пензија, вели дека неправедно се оцрнува името на нејзината тетка и дека и денес многумина ја користат за свои пропагандни цели. „Многу невистини се кажуваат за тетка ми Мара и се валка нејзиниот образ. Таа била мажена, а атентатот го извршила од патриотски побуди“, реагира таа. Герасимовска вели дека за животот на тетка и' не знае многу, бидејќи нејзините родители ништо не зборувале за неа пред децата. „Тоа што го знам ми го кажа мајка ми. Таа раскажуваше дека тетка ми, додека работела низ куќата во Тетово, секогаш пеела песни за Гоце Делчев, за Јане Сандански и плачела. Им се восхитувала на македонските револуционери. Се раскажуваше и дека, откако го извршила атентатот, кога лекарот од Белград ја прашал зошто го убила Прелиќ, му одговорила - за Македонија. По атентатот моите домашни ги уапсиле. Во затвор биле дедо ми и татко ми. Татко ми го пуштиле брзо, а дедо ми го задржале седум-осум месеци“, раскажува Анче Герасимовска.
Поради тоа што тетка и' била атентаторка немале никакви проблеми. „Израснавме во Скопје, тука учевме средно училиште, брат ми студираше во Љубљана и таму се ожени со Словенка. Добивме стипендија и двајцата. Не сме имале никакви проблеми. Некој ќе рече овие биле бугаромани, другите србомани. Такви биле тогаш времињата. А дали можеш некого да судиш за тоа. Тогаш никој не можел да каже дека е Македонец. Ние дома сите се чувствуваме Македонци. И сестра ми и брат ми, кој почина многу млад. Беше голем патриот. И мајка ми и татко ми се чувствуваа Македонци“, раскажува Герасимовска. |