17.07.2008, 18:36 Градоначалниците од СДСМ ќе ја напуштат ЗЕЛС
Градоначалникот на Струмица Зоран Заев да се брани од слобода и да има фер судење. Ова е барањето на градоначалниците од редовите на СДСМ, кои, во спротивно, предупредуваат дека ќе ја напуштат општинската асоцијација ЗЕЛС. Некои од градоначалниците се категорични дека апсењето на Заев е политичка одлука.
„Бараме Заев итно да биде пуштен на слобода. Тој е успешен градоначалник и има одговорна функција. На Заев треба да му се овозможи фер судење. Доколку се докаже дека е крив, нека одговара, но бараме да се брани од слобода. Во спротивно, градоначалниците на СДСМ ќе го напуштат ЗЕЛС“. Овој став на градоначалниците на СДСМ на вчерашната итно закажана прес-конференција го пренесе првиот човек на Општина Карбинци Борис Гаврилов, инаку најстар градоначалник во Македонија. Според Гаврилов, натамошната судска постапка ќе покаже дали има политика во апсењето на Зоран Заев.
За разлика од него, градоначалникот на Василево Славе Христов смета дека апсењето на Заев e политичка одлука, бидејќи, како што кажа, се затвора најуспешниот градоначалник ��о Македонија. Тој посочи дека наредната недела Заев требало да го добие признанието од Советот на Европа за најдобра практика, што му се доделува за изградбата на пазарот во Струмица по пат на јавно приватно партнерство.
„Сметам дека ваквите примери ќе завршат и дека Владата ќе почне да се занимава со проблемите на граѓаните, а не со апсење на градоначалниците“, рече Христов.
За градоначалникот на Босилово Ѓорги Манушев, апсењето на Заев ја прелило чашата, бидејќи тој бил градоначалник кој покажува како треба да работат неговите колеги во Македонија. (Д.Р.) |