22.01.2010, 17:16 Бербатов и Југовиќ не беа интересни за Вардар
Раководството на Вардар, иако имаше можност во тоа време, не ги ангажира двајцата подоцна познати фудбалери
Миодраг Мицковиќ
Дресот на Вардар во изминатите шеесет години го носеа многу познати фудбалери од поранешните ЈУ-простори. Мразот го скршија во далечната 1954 година Владо Шал од Динамо и Тихомир Јелисавчиќ (ОФК Београд), потоа по две години дресот на Вардар го облече Миле Јоциќ од Црвена звезда. Подоцна една плејада фудбалери ги освоија симпатиите на љубителите на фудбалот во Македонија носејќи го црвено-црниот дрес почнувајќи од легендарниот голман Драган Мутибариќ, Лазар Плачков, Владо Зеленика од Вележ, Душан Шуица (Приштина), Љубиша Тумбаковиќ, подоцна успешен тренер на Партизан, Мирослав Драганиќ, Крсто Врбица, Милан Живадиновиќ од Црвена звезда, кој на крајот на својата фудбалска кариера беше дури и селектор на репрезентацијата на Југославија. Кога сме кај Црвена звезда да ги спомнеме и тројцата одлични голмани на црвено-белите кои бранеа за Вардар почнувајќи од Бошко Кајганиќ, кој трагично загина во сообраќајна несреќа во Турција, Драган Симеуновиќ и Горан Живановиќ. Да не го заборавиме и миленикот на скопјаните Зоран Банковиќ, на бековската двојка Јован Дробац и Владимир Рац.
Долг е списокот на играчите кои го носеле дресот на Вардар од клубови од поранешна Југославија и другите држави.
Меѓутоа, Вардар сигурно и ден денес жали што не ангажира двајца многу познати, слободно можеме да напишеме, европски фудбалери иако тоа можеше мошне лесно да го направи. Но, тогашното раководство на клубот како да немаше слух за тие тогаш млади, талентирани, но не толку афирмирани фудбалери. Станува збор за бугарскиот репрезентативец Димитар Бербатов и сигурно еден од најдобрите фудбалери на поранешна Југославија, Владимир Југовиќ.
Приказните се вистинити и сигурно интересни за читателите на „Утрински весник“, особено за помладата генерација.
Во 1981 година тогашниот тренер на Вардар, со двајца членови на управата, не сакаме да им ги спомнуваме имињата, беа во Белград, во Црвена звезда барајќи позајмица на некои играчи, со оглед на дотогашните добри односи меѓу двата клуба.
Меѓу понудените фудбалери беше и Владимир Југовиќ, кој тогаш имаше 20 години и во белградскиот клуб дојде од Трстеник. Играше за вториот тим на Црвена звезда која сакаше да го пушти во некој прволигашки клуб за да игра. Им беше понуден на Вардар, но до трансфер не дојде бидејќи вардарците сакаа некое попознато име не го сакаа Југовиќ, за кого речиси и не слушнале.
Југовиќ наместо во Вардар замина во Рад, играше една сезона за „градежниците“, потоа се врати во Звезда со која стана европски и светски клупски првак играјќи заедно осо Дарко Панчев, Најдоски, Просинечки, Белодедиќ, Савичевиќ, Југовиќ направи блескава кариера, по Црвена звезда играше за Сампдорија, Јувентус, Лацио, Атлетико Мадрид, Интер, Монако, а кариерата ја заврши во Адмира (Австрија).
И Димитар Бербатов лесно можеше да стане член на Вардар ако луѓето што го гледаа во Благоевград на средбата Пирин - Велбужд (Ќустендил) имаа малку фудбалско знаење. Мечот требаше да се одигра во Ќустендил, но поради лошите временски услови во овој град, се играше во Благоевград. Делегацијата на Вардар, предводена од директорот на клубот во Благоевград дојде да гледа двајца фудбалери на Велбужд. Но, беа разочарани од нивната игра. На тој натпревар се истакнал 17-годишниот Димитар Бербатов, член на Пирин кој носеше дрес со број 10. Пост��гнал два гола, но и тоа не им оставија некој впечаток на гостите од Скопје иако по мечот претседателот на Пирин им го понуди на вардарците под мошне поволни финансиски услови. И Бербатов сакаше да дојде во Скопје и да игра за Вардар, но таа негова желба остана само желба бидејќи раководството на Вардар не беше заинтересиран за тој трансфер со едноставни зборови: Имаме ние такви играчи.
Дали е потребно да напишеме за досегашната кариера на Димитар Бербатов. Една година подоцна, 1998, по тој меч со Велбужд Бербатов потпиша за ЦСКА од Софија, подоцна играше за италијанскиот клуб Лече, беше член на германскиот Баер Леверкузен, го носеше дресот на Тотенхем сега е член на Манчестер јунајтед.
Со малку слух, со повеќе доверба во луѓето што им го понудија на Вардар Југовиќ и Бербатов нашиот најтрофеен клуб ќе ги имаше во своите редови двајца извонредни фудбалери. Од Бугарија за Вардар подоцна играа Делчо Цветков, Ристо Божинов и Марио Петков, но тие ниту од далеку не беа квалитет како Бербатов. |