Пратениците по одморот ќе го гледаат извештајот за лустрација

Надеж дека Комисијата ќе има добра соработка со УБК, со Агенцијата за разузнавање и со Државниот архив
Пратениците по враќањето од годишен одмор ќе го разгледуваат првиот извештај за работата на Комисијата за лустрација. Претседателот на ова специјално тело, Агим Мехмети, деновиве го доставил спомнатиот извештај што се однесува на периодот од 15 јануари до 15 јули оваа година. Инаку, на Мехмети и на неговиот заменик, Ѓорѓи Малковски, веќе им заврши мандатот, па собраниската Комисија за избори и именување нов претседател на Комисијата за лустрација го предложи Шпенд Димца, а за негов заменик Чедомир Дамјановски.
Во извештајот за работата на Комисијата за верификација на фактите, доставен до шефот на парламентот Трајко Велјаноски, меѓу другото, се изразува надеж дека Комисијата за лустрација ќе има добра соработка со Управата за безбедност и контраразузнавање во МВР, со Агенцијата за разузнавање и со Државниот архив на Македонија. Овие институции, всушност, треба да ја сервисираат Комисијата со доверливи документи.
Првите изјави дека не биле соработници на тајните полициски служби ќе ги даваат претседателот, премиерот, спикерот, пратениците, министрите и градоначалниците, почнувајќи во периодот од 1 до 30 септември. Комисијата, доколку се пресели во новите простории во МРТ, ќе почне да ги проверува од 1 октомври.
Во извештајот пишува и дека Комисијата се' уште работи во привремените простории во Домот на АРМ. „По повеќе консултации, на Комисијата и' беше доделен простор во зградата на МРТ, на 17 кат, кој во согласност со потребите на Комисијата и можностите е определен како привремен. Првично Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации изрази мислење за нецелосна усогласеност на тој простор со нивните барања. Од овој аспект Комисијата во наредниот период ќе се потруди да обезбеди целосна усогласеност на просторот во согласност со безбедносните стандарди“.
Во извештајот, исто така, е наведено дека Комисијата својата работа прво ја почнала со само 1.000.000 денари, кои, не беа доволни за почеток на подготвителните активности за конституирање и административно-техничко регистрирање како правен субјект. Со ребалансот на Буџетот во 2009 година се предвидоа средства од 7.000.000,00 денари. (О.В.) |