И ова лето метеж за пасоши, сите чекале да дојде „пет до дванаесет“

Само во Скопје дневно се поднесуваат 500 апликации за издавање пасоши
Горан Адамовски
Македонските граѓани и оваа година не се откажаа од навиката да вадат пасоши во последен момент пред да заминат на годишен одмор. Како и секое лето, гужвите во Одделението за управни работи на СВР Скопје се нормална појава. Сликата ја прави подраматична и најавената визна либерализација, што би требало да важи од 1 јануари идната година и тоа само за новите биометриски пасоши. Само во Скопје дневно се поднесуваат 500 апликации за издавање пасош, што е двојно повеќе од периодот пред почетокот на летните одмори. Во МВР велат дека се подготвени да ги услужат граѓаните и при ваква зголемена фреквентност.
Големите гужви, како по правило, ги зовриваат страстите и создаваат нервоза кај граѓаните.
„Дезорганизација имаше и кога бев на сликање, бидејќи чекав еден час и покрај закажаниот термин. Кога дојдов да го земам пасошот наидов на митинг пред двата шалтера на МВР. Нема шанса да дојдеш до полицаецот, кој ги собира ливчињата за евиденција и подигнување пасоши. Турканици од сите страни, нема никаков ред за да се застане пред шалтерот. А токму полицаецот и неговите колеги задолжени за собирање на ливчињата создаваат дополнителен хаос. За своите пријатели и познаници тие преку ред ги земаат ливчињата и му ги предаваат на шалтерскиот работник“, вели читателка што се обрати во нашата Редакција.
При вчерашната посета на скопското Одделение за управни работи можевме да забележиме дека мноштвото луѓе создаваа гужва и пред просториите на Одделението во зградата на МРТВ.
„Не знаев дека ќе има толку гужва. До последен момент не решив каде ќе одам на одмор, но сега уплатив за море за крајот на август, па морав да дојдам и да извадам пасош“, вели 18-годишната Ангела Јовановска. Кај неа немаше знаци на нервоза. Како што вели таа, премногу е возбудена што првпат ќе оди на одмор без родителите, па затоа не и' била потребна негативна енергија.
За разлика од неа, средовечен маж едвај успеваше да ја задржи нервозата во себе. Вели дека среќа било што вчера беше поладно, инаку на „пеколот сите ќе полуделе “.
„Не одам никаде, но сакав да го извадам новиот пасош. Мислев во јуни и во јули ќе биде гужвата, а потоа, бидејќи сите некаде се заминати, Скопје е празно, ќе може да завршиш работа. Ама ете, не било така“, се жали скопјанецот.
Во СВР Скопје велат дека се подготвени да ја издржат навалицата за добивање пасоши.
„Просечно, секојдневно околу 500 лица аплицираат за патна исправа, што е двапати повеќе во однос на периодот пред летото, односно во март, април и во мај“, велат од скопската полиција.
Одделението за управни работи работи од 8,30 до 21 часот. Граѓаните прво се јавуваат на бесплатниот телефонски број 080019292, по што добиваат термин за аплицирање. По фотографирањето на самото место и средувањето на уплатниците и другите потребни документи, за издавање на пасошот се чека околу 10-15 дена. Се плаќа околу 1.500 денари за пасошот плус 250 денари за уплатница. Доколку сакате да добиете пасош во рок од 48 часа треба да платите 4.500 денари. |