Мислења
Црвената линија на презадолженоста
Ден Дончев
Потребна е реална процена каде е црвената линија за надворешното задолжување
Владата на Република Македонија објави дека планира и натаму да ја задолжува државава, наместо да размисли како да го минимизира новото задолжување. Образложението на министерот за финансии, Зоран Ставрески, е дека државата не ја надминала „црвената линија“. Според кажувањето на Ставрески од пред некој ден, заклучокот е дека јавниот долг на Македонија изнесува 32 процента од домашниот бруто-производ (БДП), а „експертите за задолжување“ во неговото Министерство процениле дека државава ќе влезе во опасна зона само доколку вкупниот јавен долг надмине 40 проценти од БДП. Поради ова, Ставрески проценил дека се' уште има простор за задолжување кај меѓународните институции.
Значи, по логиката на Ставрески, бидејќи вкупниот јавен долг на Република Македонија моментално изнесува околу 2,2 милијарди евра, од кои 1,4 милијарди евра е надворешен девизен долг, јавниот сектор има простор да зајмува уште најмалку 500 милиони евра кај меѓународните институции без да ја надмине поставената „црвена линија“ за опасна зона на задолжување.
Економските последици и ефекти, како и справувањето со домашното јавно задолжување се посебна тема од надворешното девизно задолжување. Тоа е поради фактот што домашното задолжување на јавниот сектор е во денари (сеедно дали самото задолжување е изразено во денарска противвредност на еврото). Како такво, инструментите и механизмите, кои државата може да ги користи за да го менаџира и да го отплаќа овој долг, се сосема поинакви од надворешниот јавен девизен долг. А кога станува збор за ново задолжување од меѓународни институции, очигледно е дека постои огромна конфузија или, пак, несвесност кај самиот Ставрески за точното одредување каде се наоѓа црвената линија за Република Македонија.
Прво, кога е во прашање надворешното девизно задолжување на државава, станува многу поневажно кој процент од вкупниот долг е јавен долг, а кој процент е долг на приватниот сектор. Веќе сум напишал во колумни дека надворешниот бруто-долг на Македонија изнесува 3,85 милијарди евра на 31 декември 2009 година. Јавниот надворешен долг изнесува 1,35 милијарди евра, додека надворешниот долг на приватниот сектор изнесува 2,5 милијарди евра. Дали процентот на јавниот надворешен долг спрема процентот на приватниот надворешен долг е повисок или понизок е многу поневажно од вкупниот износ на надворешниот долг. Тоа е од единствена причина што изворите за идната отплата на овој долг, како и редовната исплата на каматите, се исти.
Поточно, сегашниот надворешен девизен долг на Р. Македонија може да биде отплатен во иднина од неколку извори. Првиот извор се девизните приливи по основа на извоз на реални добра и услуги од нашата држава. Но, тука имаме голем структурален проблем поради тоа што увезу��аме далеку повеќе од што извезуваме. Вкупниот извоз минус вкупниот увоз на добра и услуги е еднаков на трговскиот дефицит на државата. Трговскиот дефицит порасна на рекордно ниво од 1,8 милијарди евра во 2008 и се намали на 1,5 милијарди евра во 2009 година. Во 2010 година трговскиот дефицит најверојатно повторно ќе се намали и би требало да изнесува меѓу 1,2 и 1,4 милијарди евра. Но, и покрај намалувањето во последните две години, трговскиот дефицит е драстично зголемен од 2006 година кога изнесуваше 900 милиони евра. Со сегашната структура на македонската економија станува многу тешко да се очекува дека трговскиот дефицит може значајно да опадне под 1 милијарда евра на долгорочна основа. Ова значи дека државата во континуитет ќе мора да обезбедува најмалку 1 милијарда евра влез на девизи за да може само да го финансира трговскиот дефицит.
За среќа, таков извор имаме во дијаспората која праќа девизни дознаки, како и благодарение на македонските граѓани, кои секоја година одат на привремена работа во странство и се враќаат назад со значајни износи на девизи. Вкупниот износ на овие трансфери во голема мера го финансираат трговскиот дефицит. Меѓутоа, вкупните девизни дознаки никогаш не биле повисоки од трговскиот дефицит во историјата на независна Република Македонија. Ако претпоставиме дека оваа ситуација ќе остане иста и во иднината, тогаш РМ нема да може да обезбеди вишок девизи по оваа основа за да може да го отплаќа или да го намали надворешниот девизен долг.
Ако економијата на Република Македонија како целина не може да обезбеди вишок девизи на годишна основа по оваа основа, тогаш се поставува прашањето по која основа може да се очекува девизни приливи со кои би можело да дојде до значајно намалување или отплата на вкупниот надворешен девизен долг во иднина? Остануваат уште два извора. Првиот е прилив на таканаречените гринфилд директни странски инвестиции кои би обезбедиле свеж извор на девизи за македонската економија. Но, имајќи го предвид нашиот досегашен „успех“ во привлекувањето на вакви инвестиции, се поставува прашањето дали воопшто е реално да се очекува дека ваквите инвестиции ќе бидат доволно значајни за да обезбедат девизни приливи со кои би можело да се намали вкупното надворешно задолжување на Република Македонија во иднина.
Конечно, извори за отплата на надворешниот долг би можеле да бидат продажбата на постојните приватни и државни фирми на странски инвеститори, како и продажба на друг државен имот, како што се земјиште и недвижности. Но, и овде се поставува прашањето дали веќе останало за продажба и колку реално може да се очекува како прилив по оваа основа во иднина.
Затоа Ставрески би требало посериозно да ги ангажира своите „експерти“ и да направат реална процена каде точно е црвената линија за надворешното задолжување на Република Македонија. Во претходната колумна веќе спомнав, а индиректно и Ставрески го потврди со неговата изјава пред некој ден, дека патот што сега е трасиран, со вакво ниво на буџетски расходи и дефицит на тековната сметка што ги имаме, неминовно значи дека надворешното задолжување на РМ ќе се зголеми за 1 милијарда евра и ќе изнесува најмалку 5 милијарди евра при крајот на 2012 година. Ставрески сигурно ќе може да покрие најмалку 500 милиони евра од оваа ново задолжување преку издавање еврообврзници кај меѓународните институции.
Но, многу бргу потоа ќе дојде соочувањето со реалноста. Тогаш севкупниот економски капацитет на државата со сегашнава економска поставеност нема да биде доволен за отплата на вкупниот девизен надворешен долг.
Е дури тогаш, почитувани читатели, сите колективно ќе разбереме каде била црвена линија на Зоран Ставрески. Бидете сигурни дека надворешните кредитори ќе направат се' да обезбедат редовно сервисирање на долгот. Но, бидејќи девизните извори за отплата на долгот се тие што се, единствениот начин ќе биде да се намалат денарските расходи во економијата, со цел да остануваат доволна количина девизи за отплата на долгот. Тоа, почитувани читатели, значи намалување на вашиот економски стандард!
Можеби тогаш и Ставрески ќе разбере каде точно била црвената линија.
(Авторот е економски аналитичар) |