Васко Кроневски
Тендерот за компјутери е нерамноправен за домашните фирми

Ангажирајќи ги домашните ИКТ- компании, директно ќе се влијае на развојот на економијата вели прввиот човек на УО на Комората МАСИТ
ВЕРЧЕ ГЕОРГИЕВСКА
Господине Кроневски, МАСИТ посочи на низа забелешки и пропусти во тендерот за набавка на информатичка опрема за училиштата. Зошто дури сега реагирате, ако се знае дека во меѓувреме имавте контакти со Владата за проектот „Компјутер за секое дете“?
- МАСИТ и' понуди соработка на Владата, анализирајќи ја нејзината економска програма, по повеќе основи за неколку проекти, за кои ние пронајдовме активности во нашиот акциски план и за кои сметавме дека можеме да придонесеме поквалитетно да се реализираат. На средбата со министерот за информатичко општество, на која беше дискутирано околу проектот „Компјутер за секое дете“, дадовме некои препораки пред да се распише тендерот. Но, во процесот на подготовка на тендерот МАСИТ и информатичката индустрија воопшто не беше инволвирана. Се сретнавме прв пат со планот за реализација на проектот во моментот кога беше објавена тендерската документација.
Требаше да се преструктурира МАСИТ од асоцијација во комора за да ги изнесете јавно забелешките на проектот?
- Реакции на содржината на тендерот имаше и неделата пред да се трансформираме, односно во последната недела на март кога нашите членки ја подигнале документацијата и успеале да ја прочитаат. Но, се договоривме дека јавно ќе излеземе со забелешките кога ќе заврши процесот на преструктурирање на МАСИТ. Морам да напомнам дека дури и за време на подготвителните состаноци за Собранието на МАСИТ, главна тема освен Собранието беше и тендерот „Компјутер за секое дете“. Веднаш по трансформацијата, се закажаа вонредни состаноци на сите комитети во МАСИТ, за хардвер, софтвер, ИТ- услуги итн. Тогаш се донесоа првите заклучоци за тоа што членките мислат како е објавен тендерот, каква е содржината, каде членките на МАСИТ се гледаат себе, каде ја гледаат македонската ИКТ-индустрија во намерата на Владата да го реализира тендерот и какви се импликациите од тендерот врз македонската ИКТ- индустрија. Еден заклучок е сигурен: го поздравуваме чекорот да се издвојат буџетски средства за инвестирање во ИКТ- опрема во областите кои ги покрива Владата во своето дејствување. Ќе ја поддржиме Владата да насочува во образованието и дополнителни средства, бидејќи тоа е единствениот начин да ја трансформираме економијата во економија базирана на знаење. Но, во исто време, членството е едногласно во тоа дека тендерот е недоволно јасен и нерамноправен за домашните компании.
Во кој дел е нерамноправен?
- Во препораките и барањата до Владата посочуваме дека македонските компании се исклучуваат од можноста да учествуваат на тендерот, бидејќи така како што е формулиран единствено може директно да конкурира глобална, светска компанија за испорака на опрема. А, македонските компании можат да се јават евентуално како подизведувачи во реализација на проектот.
Може ли да се случи македонските ИКТ-компании да бидат целосно исклучени?
- Јас не можам да го тврдам тоа, ги пренесувам само ставовите на членките. Ние сме едногласни и МАСИТ бара Владата да даде малку дополнително време и да го пролонгира тендерот, бидејќи обемот на ваква работа, подготовката на понудата и дадениот рок е мал. Да не се разбереме погрешно. Ние со Владата немаме конфронтирани ставови. Препораките и барањата што ги даваме кон Владата е за да го подобриме процесот на реализација на проектот.
Но, станува збор за меѓународен тендер, дали е можно тендерот да се пролонгира?
- Има законски можности.
Што ќе се добие ако се пролонгира?
- Во меѓувреме, треба да се одржат состаноци помеѓу Владата и домашната ИКТ- заедница за да ги изнесеме конкретните нејаснотии и да се појасни содржината на тендерот. Во исто време сакаме да и' ги дадеме нашите препораки на Владата, што е тоа што би требало да биде изменето во тендерската документација со цел да се воведе рамноправност меѓу домашната ИКТ-индустрија и меѓународните компании. Ние треба да водиме сметка кога се трошат средства од државата, во исто време да ја потпомогнеме и домашната економија.
Кои ќе бидат последиците ако Владата не Ве послуша и тендерот остане така каков што е?
- Многу од нашите членки досега учествувале во неколку проекти во училиштата и тие ги гледаат реалните проблеми. Имаат искуство и знаат дека проблемите со кои ќе се сретнат, дури и ако бидат ангажирани, ќе бидат речиси непремостливи. А тоа значи непостоење физички можности за имплементација и инсталација на опремата, проблеми при испорака и прифаќање на компјутерите, обемната документација. Сето тоа само по себе ќе го пролонгира рокот кој е веќе предвиден.
Значи ли тоа дека Владата избрза со подготовката на тендерската документација?
- Сметаме дека можеби требаше да го земе искуството на домашната ИКТ-заедница во подготовката. Не сметаме дека со тоа воведуваме конфликт на интереси, туку искуството на домашниот пазар може да биде многу значајно за точно дефинирање на техничките потреби и на укажување што се случува точно на теренот. Една од главните работи кои сакаме да ги пренесеме е дека ангажирајќи ги домашните ИКТ- компании во имплементацијата на проектот може директно да се влијае на развојот на економијата, особено во руралните средини, бидејќи станува збор за проект кој е дистрибуиран низ цела територија. Не може да биде ова проект на компанија од странство или централизирана во Скопје. Нам ни треба компанија која насекаде е дисперзирана.
Колку држи забелешката на дел од домашните ИКТ-компании дека немале доволно време за да можат да формираат конзорциум со странска фирма за да учествуваат на тендерот?
- Членките на МАСИТ оценуваат дека набавки од ваков тип се најавуваат во производството. Не можат набавки од ваков обем да прескокнат процеси и календари на производство. Прво поради обемот, а второ поради итноста. Фабрики што произведуваат толкаво количество на опрема не се наоѓаат во нашето соседство. Тоа се фабрики кои се наоѓаат на друг континент - САД, Кина, Тајван, фабрики кои се многу далеку од тука. Секое брзање е поскапување. Речиси се е возможно, но дали во тоа постои ризик и дали тоа ја зголемува цената е друго прашање.
Што и' препорачувате друго на Владата?
- Ние не сметаме дека го загрозуваме интересот на Владата со тоа што инсистираме домашната ИКТ-индустрија директно да биде инволвирана во тој процес. Ние и' препорачуваме да воведе фазна испорака на опремата, роковите ќе бидат различни и тоа ќе биде поголема шанса на компаниите, ќе се зголеми капацитетот на испорака. Исто така, проблемите кои ги имаат компаниите за вадење банкарски гаранции ќе бидат надминати. Домашна компанија не може тукутака да извади гаранција на милиони долари. Нашиот банкарски систем не е еднакво конкурентен колку што е банкарскиот систем на Америка. Ова се само хипотетички промени кои би можело да бидат воведени, коишто членките на МАСИТ ги комуницираат како можни решенија за надминување на бариерите и проблемите кои ги гледаат за себе во овој проект.
Зошто на крајот од март МАСИТ од асоцијација стана комора. Што ќе добие МАСИТ од преструктурирањето, кои ќе бидат придобивките?
- Во изминативе две години во МАСИТ како асоцијација постоеше комитет за институционален развој. Комитетот имаше задача да пронајде можност и форма за правна трансформација на МАСИТ, кои ќе задоволи одредени потреби кои се наметнуваа во акциските планови и во плановите за развој на асоцијацијата. МАСИТ имаше потреба од професионализација на сервисите, воспоставување директни партнерски односи со странски асоцијации и комори, учество во ЕУ- проекти, прекугранични проекти, членство во меѓународни организации. По двегодишна анализа на повеќе аспекти и можности кои ги задоволуваат домашните законски прописи, заклучивме дека директна форма во која ние можеме да ги оствариме своите планови и интереси е Стопанска комора МАСИТ. Сметавме дека дополнително ќе го помогнеме растот и развојот на ИКТ-индустријата ако се трансформираме во комора. |