Речиси сите пратеници потпишаа дека не биле кодоши
Во првите три дена од стартот на лустрацијата, речиси половината од вкупно 250 државни функционери кои беа повикани во првиот бран дадоа изјави пред Комисијата за верификација на фактите. Досега изјави за тоа дека во животот не функционирале и не граделе кариера со кодошење доставија шефот на државата Ѓорге Иванов, стотина пратеници, вклучувајќи го и спикерот Трајко Велјаноски, премиерот Никола Груевски и некои од министрите и градоначалниците.
Во Домот на АРМ, каде што се привремените простории на Комисијата за лустрација, вчера изјави дека не соработувале со органите на државна безбедност, не издавале наредби за следење луѓе и не користеле такви информации депонираше целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Очекуваме историската вистина и правдата да излезе на виделина, да се елиминираат од јавниот живот луѓето кои биле соработници на тајните служби. Тие луѓе не можат да бидат градители на новото демократско општество“, изјави шефицата на пратеничката група, Силвана Бонева. Вакви изјави пред Комисијата за лустрација веќе доставија пратениците од СДСМ, ДУИ, Нова демократија, НСДП, како и пратениците Стојан Андов, Павле Трајанов, Иван Стоиљковиќ. Либералдемократите најавија дека ќе го сторат тоа деновиве. Засега нема информација кога и дали пратениците од ДПА, кои го бојкотираат парламентот ќе го испочитуваат Законот за лустрација, и ќе достават изјави до крајот на месецот, до кога е рокот за поднесување. За останатите кандидати за носители и носителите на јавни функции терминот за поднесување на изјавите ќе биде дополнително утврден.
Претседателот на Комисијата за лустрација, Шпенди Винца, вчера во изјава за медиумите настапот на својот колега, професорот Ѓорги Малковски, кој рече дека досиејата во Белград веројатно никогаш нема да се добијат, го оцени како личен став. Тој напомена дека Комисијата досега не расправала за досиејата што се наоѓаат во архивите во Белград. Според сознанијата на Комисијата, оригиналните досиеја се во Македонија, а доколку има документација во Белград, тоа се копии. Винца ги поздрави најавите од Белград дека нема да се поставуваат пречки за увид на документите во тамошните архиви. „Ќе бараме соработка со сите институции било од државата или надвор, кои можат да ни помогнат во процесот на верификација на фактите, па и со Белград“, рече Винца.
Иницијаторот на лустрацијата, Андов, предупредува на внимателен пристап и доследно спроведување на Законот. „Комисијата што ја избра Собранието е единствен надлежен орган за спроведување на овој процес и единствен овластен орган да ја информира јавноста. Поединечните настапи на членови на Комисијата или други ’познавачи на материјата’ можат само да бидат толкувани како обиди да се внесе забуна во спроведувањето на лустрацијата и таа да се оддолжи, па дури и да се одложи“, укажува Андов. Тој е убеден дека успешното спроведување на овој процес ќе ја унапреди демократијата. (О.В.) |