Мала македонско-грчка бура во Минхен

Атина ја доведува во заблуда светската јавност за спорот со името, вели Иванов
Од нашиот известувач Љупчо Поповски
МИНХЕН - Македонско-грчкиот спор околу името за момент стана дел од годинешнава минхенска конференција за безбедност откако македонскиот претседател Ѓорге Иванов во своето обраќање во саботата зборуваше за грчките блокади на нашето евроатлантско интегрирање. Иванов (официјално претставен како македонски претседател) во панел- дискусијата за „иднината на европската и на глобалната безбедност“, половина од своето 15-минутно излагање му го посвети на спорот за името. Тој изјави дека Атина „спорот со името целосно неоправдано, дури и апсурдно, го претставуваше како безбедносен проблем“. И дека сите грчки влади ја доведувале „во заблуда меѓународната јавност со наводните аргументи дека имаме територијални претензии“.
Во дискусијата по своето излагање, грчкиот амбасадор во Берлин, Димитриос Кипреос, малку повеќе театрално, за да остави посилен впечаток, го обвини Иванов дека го „монополизирал говорот за колективната безбедност со прашањето за името, на начин на кој сакате да го монополизирате и името. Ако некој почнува да мисли дека падот на железната завеса ја вознемири Грција, тогаш ние влегуваме во ирационална ментална конструкција“.
Тоа беше вообичаена реакција на грчки дипломат секогаш кога станува збор за името, но помалку вообичаен беше амбиентот во кој се случи оваа мала бура. Македонскиот претседател не одговори на остриот настап на грчкиот амбасадор, по што шефот на Минхенската конференција, амбасадорот Волфганг Ишингер, кој беше модератор на панелот, ја продолжи дискусијата околу европската безбедност со другите двајца учесници, шпанскиот и украинскиот шеф на дипломатијата, Мигуел Анхел Моратинос и Петро Порошенко.
Иванов во својот настап во ексклузивниот минхенски хотел „Баерише хоф“ уште рече дека 10 години по потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и стабилизација „сите одложувања на интегративниот процес, во најголем дел и директно беа поврзани со политиката на блокада од нашиот јужен сосед“.
Тој се запраша „зошто Грција се осмели да прекрши меѓународен договор, Привремената спогодба од 1995 година и не дозволи Македонија да влезе во НАТО со привремената референца што се користи во ОН?“ Иванов се согласи со изјавата на неговиот грчки колега Каролос Папулјас дека решението треба да се бара во рамките на меѓународното право за да нема победници и поразени. Зборувајќи за безбедноста, Иванов уште нагласи дека на балканскиот регион му треба проект што тој го нарече Pax Europana за да може европската идеја да продуцира мир.
Сумирајќи го учеството на конференцијата, претседателот Иванов вчера изјави дека сака да им испрати порака на македонските граѓани оти НАТО и ЕУ се нашата перспектива без алтернатива. „Попречени сме од една политика на апсурди наметната со сила. Правиме се' да ги одблокираме тие процеси“, рече Иванов.
Според него, сите средби што ги имал овде во Минхен биле токму во таа насока. За разговорите со заменикот на Хилари Клинтон, Џејмс Штајнберг, не сакаше да даде повеќе детали, но нагласи дека централна тема било нашето членство во НАТО и како да се стигне до него. „Немаше никаков притисок од Штајнебрг во врска со преговорите за името ниту, пак, рокови“, рече Иванов. Со британскиот министер за одбрана Боб Еинсворт разговарале најмногу за армиската соработка, а со рускиот вицепремиер Сергеј Иванов за економските врски меѓу двете земји.
Во Минхен беше и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски. Иванов и Милошоски имаа куси средби со заменикот на Хилари Клинтон, Џејмс Штајнберг, со британскиот министер за одбрана Боб Еинсворт и со вицепремиерот на руската влада Сергеј Иванов. Разговорот со Штајнберг бил посветен најмногу на името.
Во изјавата за медиумите Милошоски рече дека од грчка страна уште не стигнала потврда за средба со посредникот Метју Нимиц на крајот од февруари; рече дека повеќе страни се заинтересирани за силен напредок во спорот за името, но дека напредокот не зависи само од Македонија. Средбата меѓу двајцата премиери, Никола Груевски и Јоргос Папандреу, ќе се случи по посетата на Нимиц и најверојатно во Брисел за време на самитот на европските лидери околу 10 март.
Од сите други говорници, само Кетрин Ештон, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, го спомена Западен Балкан, велејќи дека ЕУ има примарна одговорност за своето соседство и дека целиот регион ќе успее на патот кон ЕУ, но дека секоја држава треба да ги заврши реформите дома. „Некои од земјите одат напред многу побрзо од другите“, нагласи Ештон. А претседавачот на ЕУ, Шпанецот Моратинос, само изјави дека „има голем напредок во Западен Балкан“.
На импресивниот тридневен собир на околу 300 светски лидери, врвни дипломати и клучни луѓе што ги креираат одлуките во светот, сите учесници имаа заедничка порака - 2010 да биде година во која ќе почне сериозната имплементација на мирот и на глобалната соработка. Дискусијата беше најмногу насочена кон предизвиците за мирот во Азија. Главна ѕвезда беше иранскиот министер за надворешни работи, Манучер Мотаки, кој во последен момент допатува во Минхен за да ја одбрани нуклеарната програма на својата земја. Високите претставници за безбедност на Западот ги отфрлија понудите на Техеран и изјавија дека Иран се' уште не е подготвен за договор, што може да предизвика уште поголеми санкции и поголема изолација на исламската република.
Се расправаше и за иднината на контролата на вооружувањето, предизвиците во Авганистан, Пакистан и Блискиот Исток; генералниот секретар на НАТО Андрес Фог Расмусен и специјалниот пратеник на претседателот Обама, Ричард Холбрук, зборуваа како НАТО и сојузниците да ја добијат војната против талибанците. Тука беа американските сенатори Џон Кери, Џон Мекејн и Џо Либерман, турскиот шеф на дипломатијата Ахмет Давутоглу, Сергеј Лавров, Сергеј Иванов, Гидо Вестервеле, Хавиер Солана, Хенри Кисинџер, Џорџ Шулц, Медлин Олбрајт - најголемиот дел од светскиот крем што ги подготвува и ги носи одлуките. Конференцијата во Минхен не носи одлуки, но со филозофијата „слушам и учам“ ги подготвува клучните потези во сферата на безбедноста. |