Без ракавици
Телешки бубрези, колку за промена
Јосиф Ќурчиев
Како да се направи омлет, без притоа да се искршат јајцата? Е, па, никако!
„Зошто од политичарите се бара да имаат ’програма’“, прашува веројатно еден од „најбушавите“ членови на француската академија Жан Дитур, кој тврди дека повеќе верува во главата на некој човек отколку во неговите зборови. „Главата може да биде интелигентна или тупава, лојална или подмолна, енергична или нерешителна, додека да се зборува - може што и да е“. Јас не знам со колкумина приврзаници се здобил со ваквата интерпретација, но секако има најмалку еден. Затоа и избрав да го пренесам неговиот став околу „програмите“, дополнето со некој пример.
Според Дитур, во политиката „програмата“ е задолжителна фигура, како двојниот аксел во уметничкото лизгање. „И последниот од општинските одборници има своја програма во која длабоко верува - или се прави дека верува. Затоа, пак, програмите на големите господа се, како што се вели, од национална важност. А, речиси е неверојатно колку луѓето, значи, гласачите се инфицирани од ваквото суеверие: толку што ако некој што се кандидира на избори без програма ќе се смета за личност што фантазира, шегобиец, аматер“. (Со ова аматер, сепак, не можам да се согласам, зашто аматер ја направи Ноевата арка, а врвни професионалци го изградија „Титаник“, па видовме кој како помина. Значи, јас би го избрал зборот лаик, иако Дитур немал можност да ме праша!) Во програмите, пак, мора да биде содржан „волшебниот“ збор - промени. На пример, со него Барак Обама ја плени душата на обичниот Американец и извојува убедлива победа. Но, освен тоа го внесе познатото „Да, ние можеме“, што беше минимална „промена“, но мошне ефикасна. Значи, промената е тој фамозен збор што во голем процент „гарантира“ победа - барем така мислат политичарите. На Дитур тоа му личи на домаќинка која за ручек подготвува телешки бубрези, наместо грав, да речеме, онака, „малку за промена“, за да констатира: „Најодвратното во програмите е што сите имаат цел да го подобрат животот на луѓето, да ги зголемат платите и да обезбедат повеќе слободно време, накусо, да донесат среќа и благосостојба. Сакам да кажам дека секоја програма е оптимистичка и токму поради тоа е несоодветна. Животот не е оптимистички. Полн е со замки и предавства што секојдневно треба да се избегнуваат и со одлуки што треба да се носат ’преку колено’“.
А, дека е така потврда е токму судбината на „програмата“ на Обама. Уште не влезе во Белата куќа му се случи најголемиот ТАТ во поновата американска историја, па од неговите желби за нов систем, на пример, во здравството и во образованието, не остана ништо. Засега. Мораше „преку колено“ да бара „машина за шиење од над 700 милијарди долари“ за да ја закрпи огромната дупка предизвикана од најголемиот земјотрес во финансискиот систем во земјата, зашто „некои богати посакаа да бидат уште побогати“, а тектониката ги зафати сите (иако во еден период „не баш сите“ - кои ли? ) на планетава.
Или ветувањата од „програмите“ на некои овдешни политички движења од „милијарда долари“, но никој не можеше да ги предвиди настаните од 2001 година. Потоа „лижавчето“ дека за кусо време „можат да бидат“ отворени нови 100 илјади работни места, се' она што го слушнавме за „по 15 септември“ - најмалку по еден вработен во секое семејство, па до најновите 8 милијарди инвестиции - евра или долари веќе и не е важно.
Еве сега, на пример, во Германија во тек е кампањата за парламентарните избори на 27 септември. Веќе се појавија намерите на партиите што претендираат на победа, па социјалдемократскиот кандидат во „програма“ на 67 страници, меѓу другото, најавува 4 милиони нови работни места до 2020 година (!), иако реалноста вели дека до крајот на идната година во земјата ќе има околу 5 милиони невработени, па дури потоа може да се очекува смирување на пазарот за работа. Добро, таму пишува дека владата нема да биде таа што ќе ги обезбеди работните места, но ако тие победат, ќе ги создадат неопходните услови за таков развој.
Затоа ми се допаѓа идејата на Дитур некој од предизборната бина да изјави: „Се надевам дека не верувате во ветувањата што ви ги дадов, дека дури нема ниту да се обидам. Тоа не би било можно и, се осмелувам да кажам, би било неморално. Она што постои не е нешто особено, но јас во тоа нема ништо да менувам. Ќе се задоволам со тоа овде-онде да направам некои подобрувања, многу мали, и по многу размислување. Моето искуство со луѓето е дека од нив може се' да се очекува ако им се бараат невозможни работи, но ако им се угодува на нивната мрзеливост и на нивните недостатоци, стануваат неподносливи. Господин Бидо велеше дека генерал Де Гол бил единствен што умеел да фаќа муви на оцет. Затоа, еве ја мојата амбиција: кога ќе ме изберете ќе пиете само оцет и на крај толку ќе го засакате што ќе го сметате за подобро од се'’“. Е, ајде да видиме таков јунак што некогаш би го изговорил тоа како своја „програма“, па уште и да победи на избори!? Мој господине француски академик!
Доведувајќи ги „програмите“ на политичарите и на нивните партии до апсурдот на постоењето, Дитур, всушност, како да сака да каже дека тие и не се ништо друго туку обид да се направи омлет без притоа да се искршат јајцата! „Па, луѓе, дали е можно тоа!!!“, би извикал легендарниот спортски репортер Младен Делиќ.
По сето ова мене не ми е јасно зошто актуелниот министер за финансии избегнува ТВ-дуел со претставникот на СДСМ за финансиско-економски теми само затоа што таа партија, како што тврди тој, немала „програма“. Па, уште подобро за него, на јавноста да и' соопшти дека програмата на ДПМНЕ, која е и владина, се разбира, е онаа вистинската што дава резултати, особено сега по најновите податоци за „состојбата на државната каса“. Убаво и културно би си ги објасниле работите меѓу себе како што им доликува на академски образовани луѓе, значи, со факти, а публиката нека го оценува кажаното за предностите или за недостатоците да „се има и да се нема програма“. Згора на тоа, би дале и придонес кон една од определбите на Европската комисија за „развиениот политичкиот дијалог“ во земјата, а во него да не учествуваат партиските лидери, што би било „секстравагантно“! Арно ама...
(Авторот е новинар) |