„Блејд Ранер“ повторно најдобар СФ-филм

И според најновата светска листа, која вклучува сто легендарни филма, култното СФ-дело на Ридли Скот „Блејд Ранер“ се' уште го носи епитетот најдобро. И покрај тоа што првично не му се припишуваше успех на филмот, уште кога во 1982 година почна да се прикажува во светските кина, сепак, набргу потоа критиката и публиката почнаа да препознаваат во овој класик вистинска мајсторија. Второто место според анкетата го зазема „Одисеја 2001“ (1968), па „Војна на ѕвездите“ (1977), па „Алиен“ (1979), па „Метрополис“ (1927)...
Не случајно „Блејд Ранер“ го има приматот меѓу научно-фантастичните филмови, зашто необично насликаната мрачна визија за иднината на човештвото ги натера не само филмолозите туку и научниците да го анализираат и за него да дебатираат. Така, „Блејд Ранер“ (во превод „Истребувач“), стана еден од оние филмови за кои и денес најмногу се дискутира меѓу фановите на СФ-жанрот. Тој се издвојува од останатите вакви филмови зашто има специфичен пристап спрема овој жанр, но и ги помести границите на филмската нарација дотогаш присутна во Холивуд. Најмногу се поставува прашањето дали овој филм е постмодерен или е филм за постмодернизмот. Посебна дебата предизвика режисерската верзија од 1990 година која го потегна прашањето: дали самиот Декарт е репликант или не.
„Блејд Ранер“, чие сценарио го напишаа Хемптон Фенчер и Дејвид Пиплс, е заснован на романот „Дали андроидите сонуваат електрични овци?“ на Филип К. Дик. Главните улоги ги толкуваат Харисон Форд, Рутгер Хауер, Шон Јанг, Едвард Џејмс Олмос и Дерил Хана. Филмот го прикажува Лос Анџелес во ноември 2019 година, каде што генетички создадените суштества наречени репликанти, кои визуелно не се разликуваат од обичниот возрасен човек, се користат за опасни работи на надворешните колонии на Земјата. По една куса побуна на репликантите, тие се забранети на Земјата, а специјалните полицајци наречени истребувачи се обучени токму да ги ловат и убиваат избеганите репликанти на Земјата. Всушност, дејството на филмот се фокусира на една брутална група репликанти кои се кријат во Лос Анџелес и полупензионираниот истребувач Рик Декарт (Харисон Форд) кој, сепак, се одлучува да прифати уште една задача... |