Марина Ончевска - Тодоровска нов претседател на МАНД
Нов претседател на Македонското археолошко научно друштво е Марина Ончевска Тодоровска, археолог од Музејот на град Скопје, која на оваа функција е именувана на редовното изборно годишно собрание, одржано во рамките на дваесеттиот археолошки симпозиум кој започнат на 3 декември, завршува денес во Кичево.
Археолозите деновиве ги презентираа најновите сознанија добиени на истражуваните терени во Македонија, а вчера од страна на Управата за заштита на културното наследство беа запознаени и со сознанијата поврзани со превентивната археологија во рамките на Европската конвенција за заштита на културното наследство од Валета. Меѓудругите беа претставени и најновите резултати добиени од повеќе истражувања на различни локалитети , меѓу кои и од средновековната тврдина Исар Кале во Штип, од Перистериевата палата, Римскиот форум и старата Епископска базилика во Стоби, од енеолитската населба на Цареви кули во Струмица, могилата од доцна бронза на локалитетот Манастир во село Габровци, сознанијата од истражувањата на локалитетот Лисичин Дол во Марвинци, од Аквадуктот во Скопје, раноантичката гробница кај Корешница.
Презентирана е и оставата на златни хистамени на Никифор III Вотанијат од околината на Свети Николе, добиените сознанија од истражувањето на локалитетот Трештена стена, во мариовското село Чаниште, најновите резултати од археолошките истражувања на Хераклеа, од енеолитското светилиште Спанчево и др., а е промовирана и веб - страницата www.fastionline, org за MKД. (К.Б.)
|