Владата нема одговор како ќе го „пегла“ трговскиот дефицит
Ова барање го поставуваат експертите откако минусот во размената со странство достигна 1,76 милијарди долари
Нина Нинеска-Фиданоска
Владата да каже од кои извори го покрива огромниот трговски дефицит и да објасни за што ќе беа потрошени тие пари ако не беше тој толку висок, повикуваат експертите. Владата, пак, објаснува дека тој е последица на големите екстерни шокови, пред се' во делот на цените на нафтата и струјата, но и дека голем дел од увозот се должи на купување машини и опрема, бидејќи во земјава во истиот тој период имавме огромен влез на странски инвестиции.
Овие дебати следуваат откако „безмилосните“ бројки на Заводот за статистика покажаа дека за првите седум месеци од годинава сме имале повисок увоз од извозот од дури 1,76 милијарди долари, што ги собори сите досегашни неславни рекорди во надворешнотрговската размена. Лани приближно толку изнесуваше трговскиот дефицит за цела година.
Според статистичарите, во увозот најмногу е застапена суровата нафта, електричната енергија и моторните возила за превоз на лица. Во извозот, пак, најголемо е учеството на фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), масла за подмачкување и облеката.
Во Министерството за финансии се категорични дека власта не можела ништо да смени во дефицитот, бидејќи извозот е голем и расте, но проблем е што многу пораснале цените на нафтата и струја кои се главни увозни ставки. „Цената на нафтата беше енормно висока се' до јули, а почна да се намалува дури во август. И цената на струјата е висока споредено со минатата година. Сето тоа најмногу ја зголемува вредноста на трговскиот дефицит за периодот јануари-јули. Се работи за надворешни шокови на кои не можеме да влијаеме. Но, таа состојба може да се промени, со оглед на сегашниот тренд на цените во светот“, вели Мартин Мартиновски, портпарол на Министерството за финансии.
Во Министерството за финансии објаснуваат дека треба да радува фактот што во увозот голем дел отпаѓа на ставката за машини и опрема. „Треба да се има предвид дека во првите пет месеци во земјава влегоа 230 милиони евра директни странски инвестиции. За нив се потребни машини и опрема што не ги произведуваме, туку треба да ги купуваме однадвор. Но, тоа е позитивно. Во оваа фаза од развојот е природен повисок трговски дефицит, во функција на нови инвестиции“, објаснува Мартиновски.
Од Министерството тврдат дека девизните резерви не само што не се намалуваат туку, напротив, се зголемуваат и сега се над 1,55 милијарди евра. „Тоа е доказ дека нема одлив на девизи од РМ, туку дека дефицитот е самофинансирачки“, објаснува портпаролот на МФ.
Според него, и порастот на увозот на автомобили, како значајна ставка, покажува дека „луѓето во земјава им��ат пари, што е одраз на повисоката економска активност“.
Но, експертите имаат поинаков став. „Во реалноста тој висок трговски дефицит од 1,76 милијарди долари се финансира од некои пари. Прашањето во Македонија е дали користа од тој голем увоз е поголема од штетите што тие пари (со кои се финансира дефицитот) не се потрошени за нешто друго. Власта треба да објасни која е оправданоста од толку висок трговски дефицит и од неговото финансирање“, вели Ванчо Узунов, професор на Правниот факултет во Скопје.
Според овој експерт, властите треба и да објаснат зошто се потроши и се увезе толку многу нафта и зошто немаше кампањи за штедење и за помала потрошувачка на нафта. Уште поважно прашање е зошто увозот на струја годинава е поголем од лани кога потрошувачката не е толку зголемена. Значи, потфрлило домашното производство и државата треба да одговори зошто е така.
„Трговскиот дефицит расте, а дознаките се намалуваат. Владата никогаш не даде одговор од каде се финансира дефицитот, од каде се плаќа тој голем увоз и што ќе правеше со тие пари ако не беше толку висок“, отворено прашува Узунов.
Според него, во врска со увозот на машини и опрема, кој укажувал на повисоките странски инвестиции, овој професор вели дека тоа требало да резултира и со повисок извоз, иако тоа е процес на подолг рок.
Инаку, Узунов смета дека не треба поради овој дефицит да се има стравувања во смисла дека „не' очекува некаков банкрот или нешто слично, но факт е дека на крајот од некаде ќе си ги платиме тие пари, а државата треба да одговори од каде“, смета овој експерт.
|