„Свидмилк“ ќе ги едуцира фармерите да работат европски
Педесетина фармери од Македонија ќе заминат на петдневен престој во Шведска заради едукација и запознавање со стандардите на сточарското производство во таа земја. Крајниот ефект од таа акција, која првпат се организира во земјава, треба да биде поттикнување на примената на европските стандарди во производство на млеко на македонските фарми. Посетата е во организација на шведската Федерација на фармери, во соработка со „С-фарм“ и „Свидмилк Македонија“.
„Компанијата со едукативната тура сака да поттикне примена на европски стандарди во производство на млеко на македонските фарми. Многу полесно и поефективно е практично да се применат искуствата што функционираат, а тоа е најдобро ако тие се искусат. Ќе бидеме позадоволни ако искуството од Шведска се имплементира и во Македонија“, вели Драги Ѓорѓиевски, менаџер за откуп со млеко на „Свидмилк Македонија“.
Според него, еден од најважните начини за квалитетно производство е воспоставување партнерски односи со фармерите.
„Нашиот партнерски однос со фармерите опфаќа и нивна доедукација и постојано информирање за новините во оваа област, каде што ’Свидмилк Македонија‘ може многу да помогне. Тоа го направивме со набавката на лактофризери уште од самиот почеток на соработката, нешто што сега е континуирана практика, а сега воведуваме и нови стандарди со едукативните тури“, вели Ѓорѓиевски. Тој најавува дека веќе се планираат патувања и во други европски земји.
На оваа едукативна тура фармерите ќе се запознаат со автоматско и кружно молзење и молзење по принципот на рибина коска. Ќе се посети и репроцентарот каде што се врши инсеминација на црвено данско и црвено шведско говедо, како и на расата дански холштајн. (А.С.) |