„Добре дојдовте во Македонија“, ама на турски

На скопскиот аеродром патниците прво се поздравени на англиски јазик со големи букви, па на турски, а напишаното на македонски едвај се гледа
Соња Маџовска
Кога ќе слетате на македонскиот аеродром „Александар Велики“ и кога ќе влезете во терминалната зграда може да се збуните дали сте пристигнале во Истанбул или во Скопје. Она што нема шанси да го утнете е дека се наоѓате на аеродром со кој стопанисува турската компанија ТАВ.
Насекаде е испишано името на компанијата, на сите страни стојат светлечки билборди, дури и натписот на ТАВ е повпечатлив од државниот грб на ккојшто пишува Република Македонија. Уште повеќе збунува рекламата на ИК банка, која паѓа в очи кога ги подигнувате куферите. На неа со најголеми букви прво е напишано „Welcome to Macedonia“ на англиски јазик, под него со помали букви „Makedonija ja hos geldiniz“ на турски јазик и на крај со мали букви на официјалниот јазик на државата во која доаѓате пишува „Добредојдовте во Македонија“.
Ги прашавме сите инволвирани, и ТАВ, и ИК банка, и Министерството за транспорт и врски, дали е тоа исправно и дали се согласуваат со овој начин на претставување на земјава, бидејќи сите патници доажаат на државна територија а не на приватен посед.
Од ТАВ експресно одговорија дека не би сакале да бидат погрешно разбрани. „Рекламата е целосно креирана и закупена од ИК банка. Целна група на оваа реклама се странски и турски патници, а целта е да се привлечат потенцијални инвеститори и да се промовира Македонија како земја која е погодна за инвестиции и туризам“, е кусиот одговор од „ТАВ Македонија“.
Од ИК банка, чија реклама беше провокација за овој текст, стигна речиси идентичен со оној на ТАВ. Според сооштението испратено до „Утрински“, ИК банка со рекламата сакала да ги привлече пред се' потенцијалните холандски и турски инвеститори и туристи, а и од други земји. И плус, дека ваквите најави биле насочени за делегациите кои присуствуваа на преземењето на аредромот од ТАВ и кои подоцна ќе ја следат изградбата на новата аеродромска зграда.
Што е најкуриозитетно, ова соопштение на ИК банка беше испратено на англиски јазик, со нјиту еден збор на македонски. ИК банка, чиј сопственик е холандско-ту��ската Демир Халк банка, беше правата банка која ја поддржа оваа турска инвестиција со заем од 10 милиони евра.
Од Министерството за транспорт и врски, пак, топката ја префрлија кај Пазарната инспекција. „Ве информираме дека за спроведување на Законот за трговски друштва во кој е пропишан јазикот, односно писмото што треба да го користат фирмите, е надлежна Пазарната инспекција“, стои во одговорот од Министерството за транспорт.
Но, во Пазарната инспекција се изнервираа кога им кажавме за што ги бараме. Оттаму ни рекоа дека не се тие „девојка за се'“ и не одговараат за она што не знаат и не можат да одговорат министерствата. „Не е точно дека ние сме надлежни за тоа што е напишано на билбордите, ние сме надлежни за тоа дали името на фирмата е испишано онака како што е заведено во Централниот регистар“, изјавија вчера од Пазарната инспекција.
Инаку, „ТАВ Македонија“, покрај тоа што веднаш го означија аеродромот „Александар Велики“ за да се знае кој е газда, по четири месеци стопанисување со него, нема попрецизни информации за тоа како на терен се одвиваат работите околу модернизацијата на аеродромот. Според наши информации, се' уште само се подготвува теренот за изградба на новата терминална зграда на скопскиот аеродром. Во меѓувреме, се појавија многу информации околу висината на инвестицијата на ТАВ во земјава. Ако во договорот со Владата стоеше дека ТАВ ќе вложи 200 милиони евра, во меѓувреме оваа сума се спушти на 110 милиони евра. Овие информации „Утрински весник“ неодамна ги презеде од светскиот бизнис-портал „Проџект фајненс“, но од ТАВ се' уште нема одговор за тоа. Од маркетинг-агенцијата која ја застапува ТАВ во Македонија, вчера најавија дека многу брзо, можеби уште наредната недела, ќе биде одржан заеднички брифинг со новинарите во Скопје, на кој ќе бидат разјаснети сите прашања. Сепак, добра вест е дека ТАВ обезбедиле кредити од 77 милиони евра од Стандард банка и од Халк банка, за модернизација на аеродромите во земјава. |