МАГАЗИН
Чешит манџии
РОБЕРТ Д. КРСТЕВСКИ
„Многу се чешит сите овие реакции“, ќе одговори Милчо Манчевски на лавината предизвикана од неговиот промотивен спот „Македонија. Безвремена“, кој почна да се врти на глобалната телевизиска мрежа Си-Ен-Ен. „Манџии колку што сакаш, ама едвај чекам манџиите да седнат и да сработат нешто добро“.
Како и секое (уметничко) дело, така и последната „рожба“ на најпознатиот македонски режисер предизвика различен ефект во јавноста. Секој има право на свое мислење, а и за вкусовите, нели, не се дискутира, па можеби би било интересно да се погледнат работите од поинаков агол.
Прво што може да се заклучи од реакциите е дека кај нас сите се експерти за се': од атомска физика, преку селектирање спортски репрезентации до маркетинг и пропаганда, како во случајов. Оттаму, веројатно и забелешките за наводни грешки, а кои авторот ги објаснува како дел од неговиот структуралистички пристап, односно како дел од естетиката на спотот.
Второ, во првите неколку дена од прикажувањето со свој коментар се јавија само двајца колку-толку компетентни да дадат оценка, и тоа скулпторот Томе Серафимовски и театарскиот режисер Слободан Унковски. Другите што по вокација би имале што да кажат ги нема никаде. Не сакаат ли да се замерат со Манчевски или во Македонија не постои стручна критика што ќе ја осветли и другата, професионална страна на неговиот труд?
Трето, речиси во секоја од негативните реакции како по дефиниција се додаваат и издвоените 190.000 евра од државниот буџет за снимање на спотот, со пораката дека се потрошени огромни средства. В ред, но никој не сугерира колкава треба(ше) да биде сумата и дали ако беше драстично помала, немаше да има обратни реакции, во стилот за тие пари - толку. Кога се ангажира познато и признато име да заврши некоја работа, никаде во светот не се прашува за парите, освен во Македонија. Тука ни на фудбалскиот селектор Среќко Катанец не му се „простува“ платата од околу 10.000 евра, а камоли кога треба да се одврзе ќесето за нашинец.
Четврто, што и да создаде човек во Македонија, во старт е изложен на ситуација во која сите си земаат право да го оценуваат вака или онака, но ретко кој го почитува погледот на сопствената творба од нејзиниот создател. Милчо, очигледно, сакал на светот да му ја претстави својата татковина со акцент на историското наследство, а за природните убавини изгледа дека оставил да „раскаже“ другиот едноминутен спот што некој друг ќе го снима. Конечно, за да се сфати и да му се суди на Манчевски, премалку е само едно гледање на тоа што го ќе го режира. Така беше и со „Пред дождот“, и со „Прашина“, и со „Коски“, чија порака се осознава отпосле, по неколку вртења на филмот. Колку е тоа употребливо и препорачливо за ТВ-производ што треба да се „голтне“ од прва е друга тема. Тоа, пак, што не може да и' се одземе на „Македонија. Безвремена“ е дека за неа се зборува, што може да се види од форумите на Интернет и од над 60.000 посети на веб-страницата. А, токму тоа беше целта, ако не се лажам.
|