Во Струмица ќе се гради центар за откуп на зеленчук
СТРУМИЦА - Хрватската компанија за откуп и пласман на зеленчук „Агрокор“ ги почна подготовките за изградба на откупно-дистрибутивен центар, во кој најавува инвестиција од 15,5 милиони евра. Според најавите, центарот треба да биде отворен во почетокот на наредната откупна сезона.
Дистрибутивниот центар ќе зафаќа површина од 11.000 квадратни метри покриен простор, опремен со мерни и разладни уреди, калибратори, хали за пакување и транспортни системи за непречен откуп и пласман на околу 35.000 тони зеленчук годишно. Покрај на хрватскиот пазар, зеленчукот што ќе го откупува „Агрокор“ од Струмичкиот регион ќе се пласира и во Австрија, Словенија, Унгарија, Германија и во други земји во ЕУ. „Веќе сме вклучени во откупот на некои видови зеленчук од Македонија кои успешно го пласираме не само на хрватскиот пазар туку и пошироко во Европа, каде што имаме наши маркети. Наша задача е да го подигнеме квалитетот и асортиманот на повисоко ниво, што во секој поглед ќе одговара на европските стандарди“, истакнуваат претставници на „Агрокор“. (МИА)
|