03.03.2013, 13:57 ’Рчењето - немирен сон или болест

Со ’рчење се соочува околу пет отсто од населението и, според епидемиолошките податоци, повеќе страдаат мажите од жените
Јасмина Јовановска-Вељановска
’Рчењето не е само непријатен звук што ја вознемирува околината и блиските, туку може да биде и сериозен здравствен проблем, кој предизвикува хронично заболување апнеја од кое страдаат крвните садови, а најмногу мозокот. Повеќето луѓе го поврзуваат ’рчењето со несоодветна положба на телото при спиење. Но, доколку таа појава трае со години, треба да е сигнал за заболување и да се побара лекарска помош. Зашто ако ’рчењето се занемарува и не се лекува, крајниот исход е човекот повеќе да не може да го контролира телото и мозокот и да заспива среде разговор или додека чека во автомобил на семафор. А за ваквите луѓе се зборува и дека пократко живеат. Статистиката покажува дека луѓето со апнеја седум пати почесто предизвикуваат сообраќајни незгоди.
Покрај ’рчењето, сува уста, утринска главоболка, слаба концентрација, хроничен замор, снемоштеност, депресија, раздразливост се само дел од симптомите дека имате апнеја која треба да се лекува. Дури и покачениот крвен притисок, кој не може да се регулира со лекови, може да укажува на хронична апнеја. Со ’рчење се соочува околу пет отсто од населението и, според епидемиолошките податоци, од апнеја повеќе страдаат мажите од жените.
При апнеја доаѓа до прекин на дишењето додека човекот спие. Прекинот во дишењето може да биде во интервал од 10 до 15 секунди или од 15 секунди до две минути, а недостатокот на кислород е причина да се иницираат и други заболувања.
„Вакви прекини во дишењето до две минути може да има многу во текот на ноќта, дури и по стотина, за што организмот реагира. ’Рчењето се случува кога мекото непце, увулата, јазикот и крајниците се тријат едни од други и генерираат вибрирачки звук за време на спиењето. Прекин во дишењето настанува бидејќи доаѓа до колапс на меките ткива, непцето, коренот на јазикот и се затнува душникот и човекот се задушува. Паѓа концентрацијата на мозокот, при што се дава наредба до органите за дишење да почнат поинтензивно да работат и токму тогаш почнува ’рчењето“, објаснува д-р Дејан Докиќ од Клиниката за пулмологија и алергологија, кој веќе пет години работи на проблемот со ’рчење.
Ако луѓето со ваков проблем не се лекуваат, тогаш страда срцето, мозокот и сите други органи кои не функционираат добро поради тоа што со ’рчењето во организмот не се внесува доволно кислород. Како резултат на нелекувана апнеја, се јавуваат аритмии, неправилна работа на срцето, се оштетуваат белите дробови, може да дојде и до појава на дијабетес, се нарушува менталното здравје, постарите луѓе се чувствуваат поспани, млитави и не се способни за работа и за возење.
Лицата со нелекувана апнеја имаат шест пати поголем ризик да добијат срцев инфаркт, поголема е можноста за мозочен удар, да се намали функцијата на белите дробови и да дојде до оштетување и појава на ХОББ - хронична опструктивна белодробна болест.
За ’рчењето има повеќе ризик-фактори. Таа е почеста кај лицата кои имаат прекумерна телесна тежина, кај пациенти кои имаат проблеми со хормоните и лачење на тироксин од штитната жлезда.
„Како што човекот старее, така болеста е поприсутна. Ризикот се зголемува и ако се земаат големи количини алкохол. Влијание има и пушењето и употребата на седативи, но и генетските предиспозиции може да се причина за апнеја. Ако во семејството има лица кои имаат ваков проблем, не е исклучено да се појави апнеја и кај децата“, смета д-р Докиќ. Тој укажува дека лицата кои имаат конфекциски број на кошула над 45 и повеќе, или зголемен врат, дневна поспаност, боди индекс поголем од 30, никаква концентрација, слаба меморија, тешко искачување по скали, а навечер не можат да спијат добро зашто при ’рчењето се задушуваат треба да проверат да не имаат слип апнеја.
Колку е опасна нелекуваната апнеја д-р Докиќ го изнесе најсвежиот случај на 43-годишен маж, кој за две години имал три сообраќајки, при кои, за среќа, немало повредени. „Чекајќи да се запали зелено светло, пациентот заспал и возилото удрило во тоа пред него. На разговорите и тестирањата на клиника, овој пациент среде разговор заспива. За него е јасно дека има апнеја и без да се прави испитувања, зашто болеста зела толку замав што е евидентна“, додава д-р Докиќ.
Пациентите кои ’рчат можат да паднат во депресија, да бидат раздразливи, да предизвикуваат кавга брз причина, мажите може да имаат проблеми со ерективната функција и кај нив и степенот на самоубиства е поголем. Некои од нив чувствуваат хроничен замор, млитавост, тромавост.
А апнејата може да е причина за развод, а д-р Докиќ се сеќава на еден маж кој настрадал од сопругата, која му забила нож во градите зашто повеќе не можела да го трпи неговото ’рчење.
Полисомнографијата е златен стандард за дијагностицирање на апнејата. Тоа е испитување кое трае кратко и се прави на клиника, каде што пациентот мора една ноќ да преспие во специјално опремена болничка соба, каде што е поставен апаратот полисомнограф. На главата на пациентот се монтираат електроди и се прави снимање, односно ЕЕГ, електроенцефалограф. Во текот на спиењето се мери парцијалниот притисок на кислородот, сатурацијата на крвта - колку има кислород во крвта, а се следи и работата на срцето со ЕКГ. Со апаратот се регистрира и јачината на ’рчењето. Компјутерската снимка се обработува следниот ден, кога се читаат резултатите и, на крајот, се дава дијагноза.
Постојат и мобилни апарати, како што се холтерите, кои им се закачуваат на пациентите и со нив си одат дома. По еден ден се читаат резултатите, но се мерат само три параметри - проток на воздух, снабденост на крвта со кислород и движење на дијафрагмата.
„Терапијата се состои во тоа што пациентите користат одредени апарати што им го олеснуваат дишењето, односно не дозволуваат да дојде до затнување на душникот, со создавање притисок, кој го одржува отворен душникот и тогаш кога почнува да се затвора. Лицето кога спие има маска на устата преку која прима воздух. За неколку вечери тие се веќе како нови луѓе, не чувствуваат замор, а квалитетот на живот им е сто отсто променет“, објаснува д-р Докиќ.
РАМЧЕ
Н: Нов лек за ’рчење во вид на таблети
За лекување на ’рчењето е пронајден нов лек. Фармацевтската индустрија измислила таблети со кои луѓето ќе се борат против ’рчењето. Посебно се погодни за лицата кои како терапија за ’рчењето не можат да ги користат маските со кои треба да спијат цела ноќ. Досегашните искуства покажуваат дека со таблети се враќаат во нормала за кратко време меморијата, концентрацијата, како и сите други функции.
„Има пациенти кои не можат да ја трпат маската преку лицето за да може да спијат. За нив се идеални овие таблети со кои за една-две недели се чувствува разлика во однесувањето и функционирањето. Поголема е меморијата, а и концентрацијата и будноста може да се контролира“, вели д-р Докиќ, кој работи на испитување на ефектот на лекот заедно со колеги од повеќе земји во регионот и во Европа.
Македонија е дел од меѓународен проект за испитување на овој лек. Засега се вклучени 15 пациенти од земјава, а во него учествуваат и пациенти од Србија, Словенија, Бугарија, Франција, Данска, Шведска и од Норвешка. Во проектот може да се вклучат и други пациенти, со што ќе се обратат на Клиниката за пулмологија или на телефон 070 258 420.
РАМЧЕ
Видови ’рчење и совети
Сечење дрва
Вишокот масно ткиво на вратот им пречи на дишните патишта поради што настанува застој во дишењето и ’рчење. Очигледен лек за овој тип ’рчење е слабеење, но напомош можат да дојдат и перници што ќе го потпираат вратот и главата и така спречуваат да се врши притисок на дишните патишта, како и пропаѓање на јазикот во грлото.
Свирење
Најчеста причина за овој вид ’рчење е анатомска деформација на носот или полипи во носот. Ако абнормалноста е мала, проблемот може да се реши со спиење настрана или на стомак, како и спреј со ниско ниво на стероиди кои ги прошируваат ноздрите. Но, кај повеќето абнормалности единствено трајно решение е операција.
’Рчење како пеење
Овој вид ‘рчење најчесто се јавува по некоја чашка алкохол плус или таблети за спиење. Развојот на ова ’рчење може да го поттикнат и цигарите кои влијаат на синусите и на затворањето на дишните патишта. ’Рчењето настанува поради намалена активност на мускулите, па јазикот паѓа длабоко во грлото и воздухот минува отежнато. Лек за овој тип ’рчење е избегнување алкохол два-три часа пред спиење и, секако, спрејови за навлажнување на грлото.
’Рчење од кое се тресат ѕидовите
Луѓето кои ’рчат се будат често во текот на ноќта и чувствуваат голем умор по будењето. Причина за ваквото рчење е апнеја, сериозна состојба која бара медицинска помош. Ткивото на страничната страна на грлото значително се оштетува, а накратко се прекинува и дишењето.
Сезонско ’рчење
Најчеста причина за ’рчење само во одредени периоди од годината се алергиите, и тоа оние на прашина, на поленов прав или на животински влакна. Ова ’рчење се решава со лекување на алергиите.
|