11.05.2012, 16:32 Стружанец наследник на Гарката, најголемиот копаничар
Копаничарот Новица Столески 25 години целосно му се има посветено на копаничарството
Киро Кипроски
Се роди наследник на Петар Гарката Филипоски, од село Гари, најголемиот мајстор копаничар, кој со својата тајфа за неколку години (1829-1835) го изработи ремек-делото - иконостасот на црквата „Св. Јован Крстител“ во Бигорскиот манастир. „Новиот Гарка веќе ја изработува целивалната за чудотворната икона на Пресвета Богородица, наречена ’Достојно ест‘“, со задоволство ни зборуваше игуменот на Бигорскиот манастир, архимандритот Партениј. Копаничарот Новица Столески од Струга за 18 месеци ќе ја заврши изработката на целивалната, која ќе биде поставена пред иконостасот. Веднаш потоа ќе продолжи со изработка на целивална за чудотворната икона на патронот на црквата, св. Јован Крстител, пронајдена на чудесен начин во 1020 година. Длабоката резба што ја работи копаничарот Столески како да не се разликува од резбата на прочуениот Гарка, туку, напротив, се добива впечаток дека токму тој ја има изработено. Тоа беше прекрасен и привлечен повод да го посетиме копаничарот.
Стотина длета, неколку дрвени чекани, менгеме и друг дрводелски алат и оревов столб се наоѓа на работната маса во копаничарското ателје во Струга на 47-годишниот Новица Столески. При нашата посета го затековме копаничарот како со левата рака го држеше длетото, а со десната дрвениот чекан и со одмерен тап удар делкаше врз оревовиот столб, на кој веќе беа создадени неколку десетици фигури. Така, секој ден, освен во недели и во празнични денови, кои ги посветува за одење на богослужба и Света литургија во црква и за одмор. Од рано наутро до доцна навечер, по 12 часа и повеќе, копаничари. Со голема љубов и внимание, без брзање и нервоза, Столески успева да напредува во создавањето вредно копаничарско дело, да освојува нов простор, милиметар по милиметар, да ја реализира замислата, да ги создава елементите во низа, во еден здив, кои претходно со отец Партениј ги има договорено и нацртано на хартија за целивалната чудотворна икона на Пресвета Богородица, наречена „Достојно ест“.
Нашиот домаќин е мошне скромен, тивок и не сака да говори за себе, за своите остварувања во копаничарството, за своето портфолио. Во пријатна атмосфера, благодарение на нашето настојување, успеавме да добиеме одговор на прашањата и потпрашањата, со што дознавме за големата љубов на Новица – копаничарството.
„Откако знам за себе, длетото и дрвото се моја преокупација, без нив не можам да го замислам денот. Блиските на шега велат дека со нив сум се родил“, нашиот домаќин почна да ни ја открива својата биографија. Веќе 25 години целосно му се имам посветено на копаничарството. За овој период создадов голем број дела, член сум на Здружението на копаничари на Македонија. Имам учествувано на повеќе колективни и самостојни изложби. Но, на крајот на 2010 година го напуштив работното место менаџер на „Т-мобиле“ за Струшкиот регион за целосно да му се посветам на копаничарството.
Не' интересираше зошто го направил овој чекор кога голем број луѓе бараат работа во фирми, како што е, на пример, „Македонски телеком“, која е успешна, остварува голем профит и платите се сигурни, редовни и мошне високи.
„За да ја исполнам обврската, за три години да ја изработам целивалната за чудотворната икона на Пресвета Богородица ’Достојно ест‘, морав да ја напуштам работата и целосно да се посветам на овој зафат, сериозно и во договорениот рок да ја завршам изработката, што е голем предизвик за мене - мои дела да бидат сместени во непосредна близина на иконостасот на Бигорскиот манастир. Многу копаничари го посакувале тоа и се' уште го посакуваат. Како менаџер по цел ден бев на работа и многу малку време ми остануваше за изработка на сложената резба“, ни вели Столески. За да ја оправдам големата чест што ми ја укажа отец Партениј, да го испочитувам рокот и изработката да биде квалитетна, морав да ја напуштам работата.
„Пред 15-ина години, како учесник на Колонијата на копаничари која се одржа во Бигорскиот манастир, многу време минував во проучување и во откривање на тајните на изработката на иконостасот во црквата ’Св. Јован Крстител‘. Постојано бев со мислата дали ќе успеам да ја откријам мајсторијата на тајфата на ненадминатиот уникатен копаничар Петар Гарката Филипоски, од село Гари“, ни објаснува Столески. „Игуменот на манастирот, архимандритот Партениј, ја сфати мојата љубов и големата желба, ми овозможи да навлезам во тајната на духовноста во изработката на иконостасот. Со ноќи не спиев, проучував, анализирав, комбинирав, почнав да копаничарам врз база на мијачката копаничарска школа. Постојано, неколку години едноподруго одев во Бигорски, отецот Партениј ми определи еден искушеник од братството како придружник и водич низ манастирот и заедно со него ја проучував работата врз иконостасот и со тек на времето почнав да ги откривам мајсторските тајни на најголемиот копаничар, на Гарката. Најголемата тајна на мијачката копаничарска школа, за изработка на специфични фигури во внатрешноста на дрвото, е изработката на сопствен алат – длета. Иако, денеска технологијата за изработка на секаков вид дрводелски алати многу напреднала, сепак, на пазарот можат да се купат илјадници разновидни длета, но за обработката на внатрешниот дел од дрвениот столб, т.е. за спирала со кривини - нема. Заедно со татко ми Методија, кој не само што е одличен копаничар туку и сестран мајстор, а меѓу другото и столар, изработуваме посебни длета, во зависност од потребите. Впрочем, јас од него и го научив копаничарскиот занаетот, тој прв ме воведе во тајните на оваа благородна дејност“.
За другите мајстории што ги применува во работата не сакаше да ни зборува, а со насмевка на лицето само кратко ни рече дека копаничарите не ги откриваат сите тајни.
Постапката за подготвување на оревовото дрво за обработка, да може да се врши на него длабоки рез, трае до една година. Најпрво се прави избор на оревовото дрво. Најпогодно време за сечење е околу празникот Собор на св. Јован Крстител (20 јануари), бидејќи тогаш оревовото дрво во себе содржи најмалку сок. Следната фаза е сечење на дрвото според потребната спецификација, па термичка обработка со пареа и на крајот сушење. Цената на сурово оревово дрво, во зависност од квалитетот, дебелината, должината, ширината и на други параметри, кои влијаат врз квалитетот, се движи од 500 до 1.500 евра за кубен метар. Охридско-струшкиот регион располага со вискоквалитетно оревовото дрво и е одлично за копаничарење, па така оттаму се снабдуваат копаничарите од поширокиот регион на Македонија.
Најголема заслуга што се изработува целивалната за чудотворната и прекрасна икона на Пресвета Богородица „Достојно ест“ има спонзорот АД „Триглав осигурување“ и директорот Трајче Латиновски, кој и ја повел иницијативата за дарителство, со што прави големо и благородно дело за Бигорскиот манастир и за збогатување на македонската историја, културата и духот.
Приказ на жртвата на пеликанот
Познатиот зограф Јоанис Ксантакас од Света Гора ја изработи веродостојната копија на познатата чудотворна икона на Богородица наречена „Достојно ест“. Со торжествени химни и свечена литија, на 6 декември 2009 година беше воведена во Бигорскиот манастир и изложена за поклонените на верниот народ.
На целивалната за чудотворната икона на Пресвета Богородица, наречена „Достојна ест“, се работи Приказ на жртвата на пеликанот. Легендата вели - до гнездото на пеликанот се прикрадила многу отровна и смртоносна змија, додека тој бил отсутен, успеала да им фрли отров на малите пеликанчиња. Отровот започнал да дејствува и малите пеликани се наоѓале во фаза на умирање кога се вратил големиот пеликан – родител, наоѓајќи ги своите рожби полумртви. Знаел дека единствен лек против отровот на змијата е неговата крв, не штедејќи си го животот, се пробол самиот со својот клун и со крвта ги попрскал малите пеликани. Пеликанот родител умрел, давајќи си го животот за да ги спаси своите чеда, кои од неговата крв оздравеле. Жртвата на пеликанот симболично ја претставува искупителната жртва на нашиот Спасител Господ Исус Христос, кој од неискажливо милосрдие и човекољубие се жртвувал за нас, грешните негови чеда, да не' спаси од гревот, злото и смртта и ни ги подарил своите животворни тело и крв, со кои се причествуваме на Светата литургија.
|