Си велам...
Аболиција за претседателот Иванов
Ерол Ризаов
Може ли претседателот на државата самостојно да носи одлуки
Претседателот Ѓорге Иванов ја презеде врз себе целата одговорност и ја апсорбира сам негативната реакција за пишман-аболицијата на Ламбе Арнаудов. Јавноста не дозна ништо за драмата што се случуваше на релациите претседател - премиер и ВМРО-ДПМНЕ – претседател. Тоа само можеше да се насети од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, во кое вината индиректно се префрла на Иванов, со што треба да се подразбере дека, наводно, наседнал од емисарите на Бранко Црвенковски. Претседателот Иванов во „Дневник“ ја објасни аболицијата на Арнаудов како техничка грешка што стасала до „Службен весник“ како листа за консултации, а не за аболиција, во што тешко може да се поверува. Ако навистина е така, цел претседателски кабинет е подготвен за генерален ремонт уште пред да почне со работа.
ВМРО-ДПМНЕ го направи претседателот и неговиот советнички кабинет небаре недоветен и некомпетентен. Тоа не e нешто ново, оваа партија одамна проповеда дека претседателот не е важен. На крајот Иванов кротко уште еднаш ја прифати позицијата дека не само што не е претседател на сите граѓани, туку не е претседател ниту на тие што гласаа за него. Се виде дека не може да ги остварува самостојно ни своите должности според Уставот без амин од Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ се држи до тезата според која Борис Трајковски беше претседател каков што и' треба на Македонија. А Бранко Црвенковски претседател каков што не и' треба на Македонија. Додека Ѓорге Иванов треба да покаже дека на Македонија воопшто не и' треба претседател. Со таа разлика што Трајковски го прифатија за претседател откако загина. Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, не го признаваат. Кон блиското минато оваа партија нема однос, дури и кога самата има големи заслуги. Погледнете го односот кон основачот и прв претседател на партијата, Љупчо Георгиевски. Таков однос имаат само личности кои немаат чувство на историчност и државност. Тие секогаш мислат дека се' почнува од нив. Што е прв претседател на држава, или основач на партијата, наспроти античките цареви и кралеви пред Христа. Тие не зборуваат. Тие не се живи сведоци и учесници во создавањето на најновата историја. Не поставуваат непријатни прашања и не даваат критички оцени.
 Дали Ѓорге Иванов ќе докаже според доктрината на ВМРО-ДПМНЕ дека на Македонија воопшто не и' треба претседател
Во целата оваа аболициска какофонија, сепак, најмногу доблест и присебност покажа Ламбе Арнаудов, некогаш висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, кој од затвор замоли да не го внесуваат во партиски и политички игри и да го остават намира да го отслужи своето. Меѓутоа, оваа фарса околу аболицијата на Арнаудов на драстичен начин ја покажа не само колебливоста на Иванов и игнорирањето на неговите уставни надлежности, туку се виде и кој ја има целосната контрола врз претседателот на државата. Македонскиот претседател не може ни да мрдне без да го праша Груевски. Дури и кога се работи за аболиција на кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно мораше добро да измери на кого му е поблизу Арнаудов, на Георгиевски или на Груевски, па потоа да дава аболиција. Така Иванов застана на тенок мраз среде лето.
Тоа се само мал дел од горчливите плодови на комплетната партизација на државата, а, пред се', на евидентната неподготвеност на власта за демократизација на земјата и за поделба на владеењето според Уставот меѓу Владата, Претседателот и Парламентот. Целосната власт, иако дадена со волја на народот, на најгруб начин веќе ги покажува сите недостатоци кога во демократски несозреана држава целата власт граѓаните им ја даваат на една партија и на еден човек. Потребни се голема умешност, широчина, толерантност и демократичност за да се владее со толкава концентрација на власт. Често многу повеќе отколку кога има тесно мнозинство. Оваа власт ни оддалеку нема таков капацитет да демонстрира демократичност. Обратно, колку поголема власт толку поголемо сквернавење на демократијата.
Последниот случај со кадровската селекција во Обвинителството, кога сите партиски неподобни обвинители беа отстранети, а пред тоа партиски беше селектиран изборот на судиите во судовите, а на ред е повторно Судскиот совет, судиите, пак, на Уставниот и Врховниот суд се под постојан притисок, сето тоа јасно покажува дека, всушност, реформите во македонското судство не се во тоа колку трофеи ќе собере Груевски со затворските казни за капиталци, поранешни високи функционери, директори на големите компании, туку колку фактички функционира правната држава за сите граѓани на Република Македонија. Сите големи пресуди за време на целата транзиција на бивши и сегашни политичари и деловни луѓе се со единствено обвинување: злоупотреба на службената должност. Оваа растеглива категорија низ законите со комплетно партизирано судство дава можност за долгогодишни судски спорови и против политичките противници.
Случајот на Пауновски, бивш министер за одбрана, не навлегувајќи во тоа дали е виновен или не, туку по должината на целиот судски процес, осум години, покажува дека судски е невозможна правдата во Македонија без политичка интервенција. Каква е таа доказна и судска постапка, дали некој украл пари или не, која мора да трае цела деценија. Протестното писмо на неговата сопруга во „Фокус“ го открива страдањето и на невини луѓе што произлегува од немоќта на истражните и судските инстанции да презентираат цврсти докази. Пауновски не е осамен случај. И Васил Тупурковски доби три години затвор за злоупотреба на службената должност. Пресудите на Владо Бучковски, пред тоа на Ламбе Арнаудов и на Војо Михајловски и десетици други политички функционери и деловни луѓе кажуваат дека се неопходни реформи најмногу во делот на доказната и истражната постапка. Најголем проблем, всушност, е како Обвинителството, судовите, истражните органи, полицијата да ја стекнат својата независност и слобода, да работат според професионалните стандарди или, што би рекол народот, според законите.
Ако македонското судство и правната држава се гледаат од аспект на граѓаните кои по која било основа имале каков било контакт со судот, ќе се соочиме со поразителниот факт дека Македонија е една голема судница во која правната држава не функционира или, пак, функционира само за ситните криминалци. Правото на сопственост, основата на која треба да почива новиот систем, воопшто не е заштитено. Погледнете ги стотиците илјади предмети за имотноправни односи кои со децении немаат разрешница. Купувате земја, стан, фабрика, компанија, нива, викендичка, поведувате постапка за утврдување на наследство или што било, голема е веројатноста да се соочите со повеќегодишно малтретирање за да докажете дека вашето е ваше. Не важат ниту имотен лист, ниту поседовен лист, дури во Македонија не важи ниту судска одлука. Кога ќе појдете да си го земете или обележите своето, ќе се јави друг сопственик кој тврди дека вашата земја, вашиот стан, вашата фирма ги има во владеење. Нарушено владеење е термин кој веројатно е измислен во македонското законодавство, а секаде во светот тоа е кражба, случај што се решава за еден час. Со апсење на арамиите.
Правна сигурност на граѓаните и доверба во судството е тоа што го бара Европа од нас. Затоа се неопходни големи и вистински реформи во сите инстанции во судството кои ќе ги работат компетентни професионалци, а не партиски активисти. Македонија во тој правец не мрднала од место. Тоа воопшто не е можно со овој демократски капацитет на власта, како што не беше можно ниту со претходните власти, но сега процесот е целосно запрен. Правна држава во Македонија според стандардите на ЕУ не е можна, се признава само судот на партијата на власта, и само на еден човек. Во вакви услови одредување датум за преговори за ЕУ може да биде само политичка одлука, како кај некои земји кои сега се членки на ЕУ, но правната држава се' уште не им функционира. Се разбира, не би имале ништо против за еден ваков попуст. Но, тоа како и се' друго мораме да го направиме за нас, а не за Брисел. Владеење на правото не е само стотици европски закони донесени балкански. Тоа е начин на живеење. По тоа се гледа нивото на демократија. |