Интервју

Кога добрите пастири ги водат добрите овчички

Љубомир Цуцуловски, професор по филозофија на религиите

Бесот на клерот и на власта кон одлуката на Уставниот суд се должи на нивната намера да завладеат со човечките души

Билјана Јовановска



На Уставен суд паднаа многу одлуки и закони на Владата - патриотските каси, третото дете, казните за продажба на алкохол по 19 часот, но ниедна не предизвика реакции како последната за веронауката. Зошто?

Мислам дека во последно време на некои персони/структури им успеа да ја первертираат Марксовата теза за религијата. На ниту едно место Маркс нема напишано дека религијата е опиум за народот, туку дека таа е опиум на народот. На тој начин, тој сакал да се дистанцира од вулгаризираното сфаќање за религијата, својствено за француските просветители и бланкистите, сакајќи да потенцира дека таа, религијата, не е обична измислица за да се владее со народот, туку негова длабока потреба да ги анестезира сопствените болки и страдања.

За разлика од Маркс, застапниците на тезата дека религијата е опиум за народот, кон кои подоцна се приклучуваат и Ленин и Сталин, сакаат да потенцираат дека некој злонамерник ја создал религијата за да може да манипулира со народот. Денес, благодарение на нашата умно-умно влада, заедно со пресветиот клер, религијата навистина станува опиум за народот, за да може се' и сешто да му се продаде, подметне, за да може полесно да се манипулира со него. Во оваа смисла, оваа власт, заедно со клерот, е далеку под нивото на Маркс и неговиот комунизам, спуштајќи се на нивото на Сталин и други мустаклести персони. Тоа, меѓу другото, го објаснува бесот на клерот и на власта кон одлуката на Уставниот суд, бидејќи нивната намера да завладеат со човечките души, и тоа во световниот образовен систем, пропаѓа.



Впечаток е дека власта, конкретно ВМРО-ДПМНЕ во случајов, е позагрижена отколку МПЦ и другите верски заедници или барем реагираа малку задоцнето.

Нормално дека е загрижена: од една страна, и' пропаѓа идејата да стави рака над се', од друга, се гаснат нечии идилични инфантилни сонови за некаква компактна патријархална заедница, во која добрите пастири ги водат добрите овчички и во која се' е толку добро што полошо не може да биде.



Упорно се повторува дека судот ја укина веронауката, што не е точно, бидејќи на верските заедници им е оставена можноста сами да ја организираат. Дали средствата се единствената причина поради која оваа своја обврска сакаат да и' ја префрлат на државата или станува збор за нешто друго?

Во повеќе пригоди нагласував дека со одлуката на Уставниот суд воопшто не е укинато правото на веропоука. Напротив, тоа се враќа онаму каде што му е местото. Ова искривоколчување на фактите доаѓа токму од оние што велат дека ја љубат вистината, бидејќи Бог е самата вистина. Сепак, ги искривуваат нештата. Точно е, исто така, дека се работи и за материјални средства, зашто Црквата не знае каде да го вработи својот кадар. Загрижени се, велат, што ќе биде со тие луѓе, не прашувајќи се ниту еднаш што ќе биде со толку млади дипломирани професори по филозофија кои можат да ја држат наставата по предметот запознавање со религиите. Овие млади луѓе како обврзни предмети ги слушале: теории за религијата, филозофија на религијата, темелно ја изучувале патристичката, средновековната и византиската филозофија по предметот историја на филозофијата. За нив ниту збор, единствено за теолозите. Како да не постои изборниот предмет запознавање со религиите. Покрај овие две причини, постои и трета. Таа е, како што реков, да се создаде симбиоза помеѓу Црквата и власта за да ја остварат идејата за религијата како опиум за народот.



Што ќе ни донесе таа цврста спрега меѓу власта и Црквата? Се' почесто се спомнува и зборот диктатура?

Ќе не' однесе кон теократија, својствена за средновековието, ќе не' однесе кон православна талибанизација, ќе не' врати во почетокот на деведесеттите години на минатиот век, кога дури и некои академици размислуваа претседател на републиката да биде тогашниот поглавар на МПЦ. Тоа ќе биде ужасен преседан, еднаков на исламизацијата на Иран со доаѓањето на ајатолахот Хомеини. Не можам да разберам какви нагони за моќ се тоа кај лица кои би требало да бидат духовни, надвор од секакво богатство и суета, бидејќи тие истакнуваат дека се' во овој свет е суета до суета, а самите се преобразуваат во тоа. Не можат на достоинствен начин да поднесат една одлука на Уставниот суд! Што ќе биде ако бидат ставени на посериозни искушенија? Дали нешто научиле од својот Бог Христос?



Се форсира тезата дека верниците или клерот, демек луѓето кои ја поддржуваат веронауката, без малку имаат некаковси монопол врз моралот, врз добрината, врз се' што е позитивно а сите други заработуваат навредливи етикети.

Вакво нешто може да тврди само целосно неук или безочен човек. Сите таканаречени Божји заповеди се општочовечки вредности, кои постоеле пред христијанството и ќе постојат по христијанството. Во која човечка заедница се дозволени убиство, кражба, лага... Има(ло) примитивни заедници, како некои племиња на Самоа, кои никогаш не чуле за христијанството. Сепак, во нивниот речник не постојат зборовите крадење, лага, убиство..., бидејќи такви дела кај нив не постојат. Конечно, како може некој да си го присвои правото на ексклузивен поседник на моралот и вистината? Велат дека сакале нерелигиозните да ги избават од нивните заблуди. Тогаш ова право нека им го дозволат на нерелигиозните, односно и нерелигиозните да можат да одат во верските објекти и таму да држат настава во агностички дух за да ги спасат верниците од нивните заблуди.



По поделбата на антички и словенски Македонци, сега ја имаме и оваа на религиозни и, како што тие велат, богохулници! Зарем сето ова не е премногу опасно?

Се разбира дека е опасно. Оваа поделба на верници и неверници ја немаше дури ни во периодот на таканаречениот социјализам, кој од необјасниви причини се идентификува со атеизам. Оваа поделба резултира од доминацијата на колективистичката свест, која укинува секаква индивидуалност. Бидејќи индивидуата е ништо, а колективитетот, заедницата, е се', тогаш јасно е дека ќе ве делат на вакви и онакви Македонци, на верници и неверници, на патриоти и не патриоти... Повторувам дека загрижува отсуството на индивидуата и нејзината супституција со некаква апстрактна, аморфна целина. Ако некое дете во Франција го прашате што е, тоа ќе ви рече дека е човек, или дека е машко или женско; дека е ученик или се' уште не е ученик; дека има сини очи и сл. Ако истото прашање му го поставите на некое дете од нашата држава, тоа ќе ви каже дека е или Македонче или Албанче, може да биде и Турче, како што може да биде сдсмовче или вмровче... само никако да каже дека е човек.



МПЦ губи и уплаќа износи од милиони евра за купување хотели и за бизнис-зделки со сомнителни типови, а сега, наводно, нема пари да ги плаќа сопствените вероучители.

Иритира, исто така, што се опкружени со бодигарди, што се возат во луксузни џипови, што се оградиле со непробојни ѕидови, потсетувајќи на американската амбасада во Скопје. Од кого се чуваат и од кого се плашат? Немале пари? Можат ли да кажат што имал Христос, освен страдањата, понижувањата и потсмевањата. Сепак, во ниту еден миг не се пожалил. Ова говори за ужасниот амбис што постои помеѓу оној на кого се повикуваат (Христос) и она што се самите. Конечно, Христос влезе во храмот во Ерусалим и од него ги исфрли сите трговци и сплеткари. Барем од ова да имаат страв. Не, тие сакаат да влеат страв и срам за полесно манипулирање со верниците.



Добро, но верниците не се наивни и тие имаат многу забелешки за однесувањето на своите духовници, само што можеби јавно не им ги соопштуваат.

Токму во ова се гледа плиткоумноста на поголемиот дел од клерот. Тие сметаат дека, од една страна, стојат светите апостоли (клерот) и, од друга страна, глупави магариња кои со подзинати муцки го проголтуваат секој нивни збор. Ако некој може да им застане на пат, тоа се верниците. Може да се случи да прекинат да ги посетуваат храмовите, сфаќајќи дека во секој миг и на секое место, без чие било посредување, можат да му се обратат на Бога, бидејќи тој е сеприсутен, па нема потреба од посредување или од посебни објекти. Бог, едноставно, е насекаде и секаде можеш да му се обратиш.



Да се вратиме на веронауката. Се говори за некакви сценарија за смена на „неподобните“ уставни судии, па дури и на Уставот. Очекувате ли работите да стасаат дотаму и за секој судски оспорен закон власта да посега по Уставот?

Кај нас се' е можно. Меѓутоа, на што ќе личиме ако од пригода до пригода, од миг во миг, го менуваме Уставот. На тој начин ќе го надминеме и славниот Кардељ, чиј живот беше прекраток за да ги спроведе сите можни и неможни идеи. Познат е вицот со кравата. Тамам селанецот, по сугестија на другарот Кардељ, ја одвикнал да јаде, таа пцовисала. Нешто слично се случува со млекопроизводителите: тамам ќе ги научите дека млекото не мора да се продава, а тие ќе го прекинат неговото производство. Едноставно, има многу убави идеи, само што не се можни или се глупави.



Професоре, зарем не е доволно понижувачки кога дипломатите и меѓународната заедница ја опоменуваат нашата власт дека одлуките на Уставниот суд мора да се почитуваат?

Иако не сум голем љубител на „меѓународната заедница“, сепак, сметам дека за неа е понижувачки да ја опоменува ваквата власт. Народот вели: учи умно, станува поумно; учи будало, станува побудало. Спас, очигледно нема, освен ако самите граѓани не го кренат својот глас.

 


#