Мислења
Кина: Да се учи од другите – за да се надминат
Васко Атанасов
Економските експерти тврдат дека Кина е целосно развиена суперсила, со најбрз развој во светот
Додека траат Олимписките игри, а светот се одушевува на единствената архитектура на спортските објекти кои се граничат со чудо, на одличната организација и, конечно, на бројот на медалите што ги освојуваат кинеските спортисти, скромно, но вистинито е дека - тоа од Кина и се очекуваше.
Теоријата на Денг за изградба на социјализмот со кинески специфики е прогласена за раководна идеологија на Кина во 21 век. Раководејќи се од старото Конфучиево правило „да се учи од другите“, Денг Сјаопинг беше посебно загрижен поради драматичното распаѓање на СССР, СФРЈ и источноевропските социјалистички држави. Тој изведе далекусежен заклучок дека може да се спречи сличен развој во Кина преку економската експанзија и подобрување на животниот стандард на кинеското население.
Визијата на Денг Сјаопинг за побрза преобразба на НР Кина, на партискиот пленум во 1978 година го доби името „социјализам со кинески карактеристики“. Меѓу десетте принципи на оваа Денгова теорија се и следниве: да се следи сопствениот пат, да не се применуваат механички странски модели; почетната фаза на социјализмот во Кина ќе трае најмалку еден век; преку економскиот развој, исчезнување на експлоатацијата и биполаризацијата, да се обезбеди заеднички прогрес; реформата на економскиот систем цели кон постепено создавање на социјалистичка пазарна економика; отворање кон светот поради користење на напредните искуства на светската цивилизација; охрабрување на извесни региони и личности да се збогатуваат пред другите. За обединувањето на Кина е формулиран новиот концепт: „една држава, два система“, кој предвидува зачувување на социјалистичкиот систем во главниот дел на земјата и дозволување на капиталистичкиот систем во Хонгконг, Макао и Тајван, под услов да се признае дека постои само една Кина. Оваа теорија мора да биде збогатувана, усовршувана и развивана. Во септември 1997 година оваа теорија беше прогласена за раководна идеологија на Кина во 21 век.
Транзицијата со кинески особености Кина успешно ја спроведува, повремено одејќи и по „цик-цак“ линија. Извлекувајќи поуки од туѓите грешки, Кина дава решителен отпор на понудените странски рецепти, бидејќи верува во успешната домашна алтернативна стратегија наречена „чекор по чекор“. Сопственичката трансформација во Кина се изврши постепено, но и различно од моделот за приватизација во бившите социјалистички и во западните земји.
Специфичната глобализација на кинески начин претставува преголема раздвиженост на работната сила. Таа доведе до најголема миграција на населението во човечката цивилизација (150 милиони селани се преселиле и професионално се обучиле во кинеските градови, а идните 20 години ќе има таква преселба уште на 300 милиони). Тоа е, всушност, втората светска индустриска револуција. Исто така, извршена е урбанизација досега непозната во светот. До 2010 година ќе има 175 кинески града со повеќе од милион жители, а до 2050 година во градовите ќе живеат 70 отсто од кинеското население.
Кина има постигнато и најголемо смалување на сиромаштијата во историјата на човештвото - кај 150 милиони граѓани, како и најбрз подем на средната класа во светот. Додека општествено-социјалната и научнотехничката трансформација Кина ја изврши само за четврт век, на САД за тој процес им требаше половина век, а на Европа еден и пол век.
Стратегискиот дуализам ја претвори Кина во „производствена и извозна престолнина на светот“, која им конкурира на развиените земји. Таа е прогласена како светски лидер за над 100 вида извознички модерни технички производи и електронска опрема. Го презеде од САД светскиот примат во привлекувањето директни странски инвестиции - 1.115 милијарди долари за две децении, каков успех не е забележан во економската историја на светот. Го презеде од Јапонија светското лидерство во големината на девизните резерви - сега има над 1.620 милијарди долари. Кина изби на првото место на листата на најголеми извозници во светот, потиснувајќи ја Германија од лидерската позиција.
Економските експерти тврдат дека Кина е целосно развиена суперсила, со најбрз развој во светот. Таа веќе стана четврта светска економика а се предвидува дека може до 2025 година да ги надмине и САД и да биде најголема економика на планетава. Во 2050 година Кина ќе има бруто-домашен производ од 50.000 милијарди долари, кој ќе биде за третина поголем од американскиот. Растечката економска моќ на Кина и нејзините методи на транзиција со кинески карактеристики ја наметнуваат неопходноста од декомпозиција на глобализираното светско стопанство.
Најкарактеристичен пример за досега невидената модернистичка кинеска преобразба што го восхити светот е економската зона Пудонг во Шангај.
Со инвестирани 40 милијарди долари домашен и 100 милијарди долари странски капитал во обемни инфраструктурни работи, на некогашната ледина милион работници со деноноќна работа изградиле многу објекти на најмодерна индустрија и денес во овој ултрамодерен мегаполис се издига „шума“ од 4.000 облакодери, кои потсетуваат на Хонгконг, Сингапур и Њујорк. Во Шангај - Пудонг, покрај 10.000 кинески фирми работат 40.000 компании со учество на странски капитал, кои во 130 земји извезуваат 10.000 вида најмодерни производи вредни 200 милијарди долари.
Градските планери и стратези најавуваат дека до 2010 година, кога во Шангај треба да се одржи Светската изложба, ќе биде изграден уште еден Пудонг, а за две-три децении Шангај ќе прерасне во најголема градска населба на светот со 200 милиони жители. Затоа кинеските домаќини на странците им ја повторуваат следната вистина: види го Шангај ако сакаш да сфатиш каде оди Кина.
(Авторот е новинар и публицист) |