Број 3309  четврток, 17 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Економија

Радоста кратко траеше, нема евтини кредити

Се' додека НБМ не ја намали задолжителната резерва, банкарите велат дека нема услови да паднат каматите

Соња Маџовска


Еден ден. Толку траеше радоста на стопанствениците и на Владата дека откако Народна банка на Македонија ја сведе основната камата на пет отсто, ќе има поевтини и повеќе кредити и за граѓаните и за бизнисот.

Наспроти сите очекувања, дел од банкарите вчера отворено порачаа дека нема да ги намалат каматите. Централната банка ја намали референтната каматна стапка, и тоа за четири отсто во рок од шест месеци, но намалувањето на банкарските камати се одвива со многу позабавено темпо.

„Имам станбен кредит, чија камата за овие неколку месеци е намалена, но минимално. Очекував дека намалувањето на каматата ќе биде поголемо, со оглед на тоа што гледам дека централната банка речиси секој месец ја намалува каматата. Но, ништо од тоа, ратата што ја плаќам за кредитот е иста“, вели една скопјанка.

Според банкарите, нема услови да паднат каматите се' додека гувернерот Петар Гошев не ја намали и задолжителната резерва. Од Комерцијална банка сметаат дека и покрај последното намалување на каматната стапка на благајничките записи од шест отсто на пет, сепак, постојат сериозни ограничувања за натамошни намалувања на активните каматни стапки. „Само по себе намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во отсуство на други мерки за релаксирање на монетарно-кредитната политика и, генерално, економските политики во земјата не можат да дадат продуктивни резултати.
Во таа смисла, сметаме дека се' додека нивото на задолжителната резерва е непроменето, а тоа се однесува и на надоместоците за исполнување на денарската и на девизната резерва, секое намалување на каматната стапка на благајничките записи е само намалување на трошоците на НБМ“, велат од Комерцијална банка. Од оваа банка сметаат дека се' уште има големи ризици, а компаниите не се во можност навреме да ги отплатуваат кредитите. „Бидејќи банкарското работење е поврзано со кредитниот ризик на компаниите, а кај нив се забележува континуирана неликвидност, која се манифестира преку проблеми во измирувањето на обврските, намалувањето на депозитите, не гледаме причина за намалување на активните каматни стапки. Наспроти тоа, намалувањето на каматните стапки на благајничките записи ќе придонесе за намалување на каматните стапки на депозитите“, објаснуваат од Комерцијална банка, која од почетокот на годинава во три наврати ги намали активните и пасивните каматни стапки.

И во НЛБ Тутунска банка, иако завчера најавија дека ќе следува нов бран на пад на каматите, чекаат да се намали задолжителната резерва.

На вчерашната аукција банките врзаа нови 63 милиони евра за благајнички записи, а моментно во НБМ се замрзнати 400 милиони евра банкарски пари.

Падот на каматата од 5 отсто, сепак, вчера ја преполови сумата што вообичаено банките во изминатите месеци, секоја среда, ги пласираа во НБМ, во просек по 100 милиони евра. И Владата во јуни собра од банките 52 милиони евра. Сега каматите на државните и на благајничките записи се изедначени.

Бизнисмените и' порачаа и на централната банка, но особено на Владата, да ги сведе задолжувањата дома на нула, а од банките очекуваат поголема флексибилност. „Падот на каматата на благајничките записи е долго очекуван потег, затоа што во реалниот сектор има голем недостиг од ликвидни средства, а тоа генерира перманентно голема криза. Во моментов и НБМ и Владата ангажираат големи средства од банките, што како последица е недостигот од пари за реалниот сектор. Последниот потег на НБМ треба да ги охрабри банките да ги намалат каматите за бизнисот и да ја зголемат кредитната активност. Очекуваме да се намали и нивото на задолжителна резерва“, изјави вчера бизнисменот Мирче Чекреџи.

Експертите сметаат дека банките нема да ги намалат каматите, бидејќи тие најмалку зависат од каматата на благајничките записи, а многу повеќе од понудата и од побарувачката на кредитниот пазар. „На македонскиот кредитен пазар секогаш има поголема побарувачка од понуда. Затоа каматите се високо поставени и на банките ни на крај памет не им паѓа да даваат евтини кредити. Банките имаат многу поголем ќар од пласирање на средствата во кредити, отколку во записи, но тие во овој момент не се осмелуваат да одобруваат кредити зашто деловните ризици во Македонија и во светот се многу високи. Кога ќе настане оптимизам се делат многу кредити, но кога се вакви времињата, се отвораат четири очи“, вели професорот Мирољуб Шукаров. (С.М.)


#
Статијата е прочитана 1817 пати.

Испрати коментар

Од: Ванчо
Датум: 17.06.2010 09:21:41
Банкарите во Македонија се лихвари. Во нормални земји, таквите подлежат на други закони -- оние со кои се оди во затвор за лихварење. Каматните стапки никогаш нема да ги намалат доброволно, и постојано ќе измислуваат нови причини. Сега е Народната банка, претходно беше кризата, а зимоска веројатно снегот што ќе падне ...
Од: bobims123
Датум: 17.06.2010 11:28:51
Definitivno ne moze da se krivat NBRM i bankite za vakvata losa sostojba vo Makedonija.Kreditite se odraz na ekonomijata koja propaga.Ako na nekoj mu se prioriteti bronzite i proslavite ,nekoj mora da go cuva kursot.Znaci merkite na vladata se tie koj ke gi namalat kamatite.Ne moze nekoj da se zadolzuva so 10-15 % krediti a nekoj da namaluva kamati.

Најди! во Утрински
Економија
Клима-уредите ја запалија струјата
Стечајците ќе останат без пари
„Икеа“ ја одбра Србија
Паѓа рејтингот на банките во Грција
Македонија и БиХ сакаат повеќе да тргуваат
Казна за високиот буџетски дефицит
Французите постари ќе одат во пензија