Брoj 2766  вторник, 19 август 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Свет

Менонити – боливиска верзија на американските амиши

Менонитите, околу 40.000 луѓе, влечат корени од 16 век, а името и верувањето ги презеле од протестантот Мено Симонс

МАНИТОБА - Со коли што ги влечат коњи, селски куќи со средени тревници и ниви насадени со соја и кинеска шеќерна трска, оваа менонитска населба во источните боливиски низини изгледа како тропска верзија на руралните Охајо или Пенсилванија. Тој мирен впечаток траеше се' додека фармерите тука не' почнаа да зборуваат за своите стравувања од плановите на претседателот Ево Моралес за земјишни реформи.

Од доаѓањето на неговата администрација, која има намера да направи пресврт од неколкувековното потчинување на домородното боливиско мнозинство, Моралес планира повторно да ја раздели земјата што се сметаше за бесполезна или погрешно доделена преку нетранспарентни договори. Стотици илјади селани може да добијат дел од околу 20-те милиони хектари обработливо земјиште. Проектот минатиот месец доби одобрување во Конгресот и илјадници симпатизери на Моралес излегоа на улиците на главниот град Ла Паз за да ја прослават одлуката.

Меѓутоа, потегот ги загрижи Манитоба и преостанатите 41 менонитска боливиска фармерска заедница. Менонитите повеќе од 40 години формираат нови населби надвор од густите џунгли на источна Боливија, помагајќи на тој начин да се формира земјоделската погранична област на земјата. Мултинационалните компании како што се „Каргил“ и „Арчер Даниелс Мидленд“ се зависни од нивните жетви на соја и сончоглед за производство на масло за јадење и сточна храна. Овие извози ги трансформираат 40.000 боливиски менонити во група релативно успешни сопственици на земја. менонитите влечат корени од 16 век, а нивното име и анабаптистичко верување го презеле од холандскиот реформист, протестантот Мено Симонс. Тие мигрираа во Русија, САД, Канада, Белизе и Мексико, меѓу другите места, а потоа некои од нив дојдоа тука поради големите можности во областа на фармерството и религиозните слободи. Имињата на нивните заедници, вклучувајќи ги и Алберта, Белис и Кампо Чихуахуа, се сведоштво за нивното минато.

Иако во секоја од овие колонии варира степенот на придржување до менонитските обичаи, околу 2.500 лица во Манитоба сами си ја шијат облеката. Тие, исто така, ја избегнуваат употребата на електрична енергија во домовите, а тракторите се движат на тркала од каучук. Нивното единствено образование е проучување на Библијата и на други предмети на германски до 12-годишна возраст. Продолжуваат со правењето жолти пченкарни тортилји, што некои жители ги засакале додека живееле во северниот дел на мексиканската држава Чихуахуа. Семејствата во Манитоба и други менонитски заедници се големи, често со шест до 12 деца. Семејните фарми обично се ограничени на 40 хектари, а се' поголемото загадување неизбежно ги тера семејствата во потрага по нова земја на која ќе се населат. Оваа практика, најчесто во областите каде што тапиите за сопственост на земјиштето се со сомнително потекло, е главниот извор на грижи за менонитите во врска со плановите на власта. Фармерите во Манитоба и соседната Чиху��хуа се вознемируваат кога зборуваат за ситуацијата во Ел Карино, заедница оддалечена повеќе од шест часа кон север, каде што бесправно доселените се обидуваат да ја заземат земјата во сопственост на фармери - менонити. „Немаме проблеми, бидејќи тапијата за нашата земја е в ред“, вели Франц Шмит, вработен во продавница за мешани производи во Чихуахуа. „Меѓутоа, загрижени сме за луѓето на маргините“.

Менонитите од Боливија се граѓани, но обично избегнуваат каква било инволвираност во политиката, преферираат да се занимаваат со земјоделство и да ја практикуваат својата вера далеку од очите на оние надвор од нивната заедница. „Се обидуваме да не кажеме ништо негативно во врска со одлуките донесени во претседателската палата“, вели колебливо Герардо Мартенс на шпански со германски акцент.

Фармерот Абрахам Вал (40) изгледаше запрепастено кога му беше поставено прашањето каква е иднината на фармерството, па почна со опишување на одисејата што го довела тука. Опишувајќи се себеси како „Мексикано“, тој објаснува дека е роден во северниот дел на Мексико, а родителите го донеле во Боливија на двегодишна возраст. Тој честопати се преселувал се' додека не' пристигнал во Манитоба во 1993 година. „Дали ќе останеме на ова место - вели Вал, опкружен со шест од осумте негови деца - зависи од Ево Моралес“.

(Интернешенел хералд трибјун)

 


Статијата е прочитана 351 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Свет
Светот се соочува со жед за вода
Jулија Тимошенко ја обвинуваат за предавство
Јужна Осетија сака руски бази
Рајс- Ќе има одговор на руската инвазија во Грузија
Драма за спасување на 400 лица во Големиот Кањон
Мушараф поднесе оставка на функцијата претседател

Соопштение
Поради годишни одмори, од 25 август до 15 септември, ќе се објавуваат само коментарите пристигнати до 17 ч.