Русите се повлекуваат од Јужна Осетија

Генералштабот на руската армија е подготвен во Јужна Осетија да направи база ако добие наредба од Кремљ
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Јужна Осетија ќе ја замоли Москва да размести свои воени бази на нејзина територија. Причина за тоа е што во Јужна Осетија живеат огромен број граѓани кои имаат руско државјанство, рече во понеделникот Едуард Кокојти, претседател на Јужна Осетија. Тој нагласи дека раководството во Цхинвали нема да дозволи присуство на странски посматрачи на нејзина територија. Кокојти во понеделникот ја распушти владата, бидејќи таа не успевала да организира ефикасна распределба на хуманитарна помош која сега стигнува од разни делови на Русија.
Во понеделникот попладне Генералштабот на руската армија потврди дека е подготвен во Јужна Осетија да направи база доколку за тоа добие наредба од Кремљ. Генерал-полковникот Анатолиј Ноговицин објасни дека тоа е одлука на раководството на државата. Во меѓувреме, единиците на 58. руска армија почнаа во мали групи да ја напуштаат Јужна Осетија по магистралниот пат од Цхинвали кон Владикавказ, главниот град на Северна Осетија.
Рускиот Генералштаб ја обвини Грузија дека не се придржува до договорот за враќање на воените заробеници: беше договорено во понеделникот 12 руски војници да се заменат за грузиски заробеници.
Од Москва вчера претседателот Дмитриј Медведев директно одговори на критиките од Запад на сметка на Русија. Тој порача дека сегашна Русија има со што да одговори и секој што ќе се обиде да ги повреди нејзините граѓани - ќе биде жестоко казнет. Медведев не ги спомна критичарите, но беше јасен во пораката: Русија веќе нема да попушта и нема да дозволи да и' убиваат луѓе. „Се лажат оние кои мислат дека можат неказнето да убиваат војници и офицери и миротворци. Ние тоа никогаш нема да го дозволиме. Тие што се обидуваат во тоа ќе добијат жесток одговор“, рече Дмитриј Медведев на средба со ветераните при одбележувањето на годишнината на големата битка кај Курск. За рускиот претседател тоа што го направи Грузија во Јужна Осетија ги надминува границите на разумот, бидејќи цивилизирана држава не смее да применува вооружена сила против мирни граѓани, уште повеќе кога ги смета за свои.
На се' пожестоката реторика што стигнува од Америка, Медведев и највисоките руски раководители не одговараат. Изјавите како онаа на Кондолиза Рајс, според која Русија е главен виновник за тоа што се случи и дека ќе плати цена за своето влегување во Грузија, во Москва го доживуваат како Вашингтон да се обидува да се теши себеси и својот љубимец Саакашвили, кој доживеа огромен пораз. Во понеделникот беше договорен уште еден телефонски разговор на претседателот Медведев и францускиот претседател Саркози.
Овде во Москва владее убедување дека Запад нема начин да ја казни Русија и дека може само да ја критикува бидејќи било која економска блокада може повеќе да и штети на другата страна отколку на Русија.
„Кусата војна во Грузија ќе крене повеќе галама и ќе ја разгори пропагандно-медиумската војна помеѓу Америка и Русија отколку што ќе ги расипе односите меѓу Москва и Вашингтон. Таа медиумска бука е потребна, Американците да го оправдаат поразот на нивниот миленик на Кавказ. Само неурамнотежениот Саакашвили веруваше дека Америка ќе влезе во војна со Русија заради него“, изјави Павел Семјонович Золотарјов еден од најугледните руски воени аналитичари, раководител на Центарот за глобално воено-економски проблеми и заменик директор на познатиот московски Институт за изучување на Америка и на Канада
Интересно е дека во Украина полека стивнуваат критиките упатени кон Русија бидејќи очигледно претседателот Јушченко гледа дека нема начин да го спречи движењето на црноморската флота како што го најави тоа во Тбилиси. Иако претседателот на Украина рече дека нема да дозволи враќање на руската црноморска флота во нејзината база на Севастопољ на Крим тоа не се случи. |